ТРИ ПРЕДЛОЗИ ОД НАШИТЕ КНИЖАРИ

ТРИ ПРЕДЛОЗИ ОД НАШИТЕ КНИЖАРИ

Ако се двоумите околу некоја книга, нашите книжари можат да ве упатат во вистинскиот избор. 

Овој пат оставивме Тео да ви помогне со своите ТРИ предлози за есенско, вистинско уживање во читањето.

1.     „Вештица“ – Венко Андоновски

„Јас станав против Големото, а тоа е најголемиот грев. По што ќе ја познаете големата буква? По тоа што сите мали се групираат околу неа. По што ќе го познаете генијот? По тоа што малите се здружуваат против него!“ – вели Венко Андоновски во својот роман „Вештица“. За неговото француско издание Милан Кундера во предговорот ќе рече: „Не сакам да го раскажувам овој роман што не може да се раскаже. Ве молам да го прочитате. Со љубовта која ја заслужува“. Искрено и топло го препорачувам овој роман, кој зборува за речиси сите големи прашања во животот (Бог, љубовта, нападот врз големите од страна на просечните, Европа и Македонија во времето на католичката инквизиција), во кој изобилството и разновидноста на наративните техники создава единствено чувство на континуитет на внатрешните, ментални слики при читањето. Од една страна, романот ја нуди длабочината на преиспитување на темите што ги обработува која ја овозможува самото читање, а од друга страна, пак, мајсторството на авторот создава чувство на визуелна, филмска нарација. Пред вашето внатрешно око како да се одмотува цел еден игран филм со сите негови режисерски постапки – забавени снимки, паралелни дејства, разни перспективи на нарација итн.

2.      „Сапиенс“ – Јувал Ноа Харари

„Просечниот земјоделец работел понапорно од ловецот-собирач, а за возврат добивал полоша исхрана. Аграрната револуција претставува најголемата историска измама“ – доколку овие две реченици ги доживувате провокативно во однос на конвенционалното мислење дека аграрната револуција е чекор напред во еволуцијата на човечките општества, тогаш ви ја препорачувам книгата „Сапиенс“ на израелскиот автор Јувал Ноа Харари. Предизвикувачка книга со која не мора секогаш да се согласувате, но која постојано ќе ве поттикнува на размислување и преиспитување на сопствените ставови. Тезите како онаа дека житото го припитомува човекот и со тоа станува најустешното растение во еволутивна смисла кое постоело на планетата Земја, наспроти вообичаениот став дека човекот го припитомува житото; или тезата дека аграрната револуција на поединецот не му донела ништо позитивно, туку му овозможила далеку понеудобен живот отколку на ловецот-собирач, но сепак на човештвото во целина му овозможила поголемо размножување и со тоа и ширење (како што економскиот успех на една компанија не се мери преку среќата на нејзините вработени, туку според контото на нејзината сметка) – ќе ве натераат на активно размислување и на освестување на многу парадигми кои сте ги земале здраво за готово.

3.      „Џелат на љубовта“ – Ирвин Д. Јалом

„Џелат на љубовта“ на фантастичниот американски психијатар и писател со руско еврејско потекло Ирвин Д. Јалом е ретка можност да погледнете во психијатриската ординација одблиску, низ очите на самиот психијатар. Книгата е составена од 10 раскази инспирирани од пациенти на д-р Јалом и претставува интимна исповед на еден психијатар, негово соочување со сите пријатни и непријатни, човечки мисли и чувства кои сите ние сакаме да си замислуваме дека психијатрите ги немаат. Без разлика дали станува збор за седумдесетгодишната Телма безнадежно вљубена во својот млад поранешен терапевт, фасцинантниот пресврт кај Карлос кој умирајќи од малигно заболување единствената наслада ја гледа во доживувањето на жените како објект за задоволување на сопствените сексуални нагони, дамата чија дебелина му создава непријатни и непримерни мисли и чувства на Јалом, или пак атрактивната Марџ која Јалом сака да ја одбие, па сепак се фаќа како ја прифаќа за пациент делумно заинтригиран од нејзината убавина а повеќе засрамен од сопствениот избор за лесен живот, живот без работа со тешки пациенти – оваа психијатриска исповед ќе ве воодушеви со искреноста и непосредноста на нејзиниот автор, инаку еден од најважните современи американски психијатри.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново