Три книги што ме направија посилна жена – Виолета Танчева-Златева
Од секоја прочитана книга учиме по нешто, се издигнуваме над себе вчерашните трудејќи се да станеме подобри луѓе. Се угледуваме на животот на луѓето што ги напишале, излекуваме поуки од нивните грешки, учиме како да ги победиме искушенијата, да се издигнеме над злото. И тешко е од морето прочитани книги и запознати автор(к)и да се издвојат само три, зашто секоја од нив ни влијаела во одреден период, поттикнала нешто во нас, придонела за нашето растење. Во различни периоди изборот би бил различен, но еве го сегашниот.
„Вулф Хол“ од Хилари Мантел
Поради восхитувачката приказна што толку умешно ја ткае, поради длабокото познавање на историјата, но и на човековата душа. Од најдолните интриги до највозвишените стремежи, што постојат и во најбедната колиба и во најблескавата палата. Сага за 16 век која благодарение на умешноста на авторката се доживува како современ политички трилер, како сатира која предупредува на грешките што се повторуваат низ вековите. Иако историјата пословично е машка област, Мантел е на „ти“ со неа, како самата да живеела во тоа време и да била дел од животот на своите ликови. Храбар поглед зад политичките игри на официјалната историја. Проникливо и длабоко. Раскошен ум и остро перо.
„Образована“ од Тара Вестовер
Химна на храброста што чука во срцето на едно мало, жилаво девојче кое е решено да се крене над околностите во кои ја фрлил животот. Тара знае дека е најлесно да се повлече пред тешкотиите, да ја наведне главата пред заканите и ќотекот, да ги убие во себе соништата. Но таа одбива да оди по линијата на помал отпор. Замолчувана, навредувана, натоварена со тешки обврски што не ѝ оставаат време за учење, исплашена од светот кој истовремено и ја мами да влета во него, да го освои... На крај сепак ќе собере сили да го напушти семејството, свесна дека мора да ги изневери најблиските за да порасне и да се избори за своето место под сонцето, да го најде својот пат. И ќе го најде! Зашто не постои ништо невозможно за оние што имаат сон.
Лујза Хеј: „Сакајте се себе до совршено здравје“, „Живот“, „Животот те сака“...
Долго одбивав да ја читам сметајќи ја за авторка на површни книги од областа на популарната психологија. Но нејзините книги се многу повеќе од тоа. Лујза Хеј своите најголеми лекции ги научила на потешкиот начин, од самиот живот, кој е нејзин ненадминат учител. Храбра и искрена, сурово реална а полна со љубов, разбирање и прошка за сите и за сѐ – таа е пример за секоја жена дека не постои пречка што не може да се надмине, дека нема такво нешто што не може да се научи, дека нема сила што може да нѐ спречи да го оствариме и да го живееме својот сон. Грижејќи се притоа за себе, за другите, за планетата. И неизоставно сакајќи се најмногу себеси, зашто само така можеме да го сакаме и најмалото суштество со кое ја делиме Земјата. Со радост да го живееме чудото наречено живот, ширејќи љубов околу себе, која му е толку потребна на овој суров свет.