ПРОЧИТАВМЕ – СЕГА Е ВРЕМЕ ДА ГЛЕДАМЕ: Актуелни серии и филмови базирани врз нашите најчитани приказни
И страниците и екраните ни носат еднакво инспиративни слики што будат различни чувства. Едните ги создаваме ние самите додека читаме, а другите се веќе создадени слики што ни побудуваат и поинакви емоции.
Некои од најдобрите филмови и серии на светот се базирани врз најчитаните книги. Зошто? Зашто сликите од книгите заслужуваат да бидат прикажани. Погледнете неколку наши филмски предлози – некои може да ги гледате веднаш, а некои ги очекуваме наскоро.
Прочитавме, а сега е време да гледаме!
„Мојата генијална другарка“ од Елена Феранте
Што читавме?
Моќна и длабока приказна за доживотното женско пријателство и ривалство.
Што ќе гледаме?
Шеесетгодишната Елена ќе се соочи со мистериозното исчезнување на својата другарка Лила. Таа е подготвена да ризикува сè, зашто знае дека за другарството вреди да се направи тоа. Иако патиштата на овие жени се вкрстуваат и раскрстуваат низ годините, тие знаат дека никогаш не смеат да се откажат една од друга.
Прва проекција: 18 ноември 2018 г.
„Пачинко“ од Мин Чин Ли
Што читавме?
Извонредна сага за генерациската болка што се пренесува.
Што ќе гледаме?
Животниот пат на тинејџерката Сунча, чија судбина се пренесува врз следните генерации. Повеќеслојна и трагична семејна приказна која ја раскажува историјата на цел еден народ. Ликови што се носители на целата нација, што будат сочувство и покажуваат што значи да се биде издржлив.
Прва проекција: 25 март 2022 г.
„Девојката од мочуриштето“ од Дилија Овенс
Што читавме?
Убавите и насилни тајни што ги крие природата.
Што ќе гледаме?
Каја, девојката од мочуриштето, со нејзината чувствителност, остроумност и дива убавина. Кога нејзината душа ќе почне да копнее по прифаќање и љубов, а двајца млади ќе се вљубат во неа, се случува нешто незамисливо. Тогаш, всушност, почнува нејзиниот вистински живот.
Прва проекција: 22 јули 2022 г.
„Пред да се излади кафето“ од Тошиказу Кавагучи
Што читавме?
Магична приказна што во себе ја крие сета реалност.
Што ќе гледаме?
Четворица посетители на едно чудно кафуле во кое постои можност да се вратиме во времето. Но патувањето низ времето не е толку едноставно, постојат правила што мора да се почитуваат. Кој ќе ги почитува, а кој не? На крајот на филмот ќе се запрашате и самите: кого би сакале да сретнете кога би можеле да се вратите во времето?
Прва проекција: 21 септември 2018 г.
„Возбудливи времиња“ од Ниша Долан
Што читавме?
Роман за неверојатната слобода и големата несигурност што таа ја носи со себе.
Што ќе гледаме?
Изборите на Ејва, која не можејќи да се помири со ситуацијата што владее во нејзината родна Ирска, одлучува да си ја најде среќата во Хонгконг. Таму во нејзиниот живот се појавуваат две значајни личности и се случува љубовен триаголник. Ќе успее ли да се одлучи – кој пат ќе го избере нејзиниот ум, а кој срцето?
Прва проекција: наскоро.
„Половината што ми недостига“ од Брит Бенет
Што читавме?
За двојните стандарди во идентитетските и националните разлики.
Што ќе гледаме?
Двете близначки во нивната борба за опстанок. Стела и Дезире ќе побегнат од дома, ќе тргнат по различни патишта и ќе станат два различни света. По многу години, едната сестра се враќа со својата црна ќерка во родното место, а другата влегува во светот во кој не припаѓа – нејзиното ново бело семејство не го знае нејзиното црно минато. Што ќе се случи со следната генерација?
Прва проекција: наскоро.