„Цреша“ од Михаил Ренџов

„Цреша“ од Михаил Ренџов

Во чест на Петре М. Андреевски, денес на 20-годишнината од неговото напуштање на земниот свет, го читаме расказот „Цреша“ од македонскиот поет и прозаист Михаил Ренџов. Двајцата великани на македонската книжевност беа големи пријатели, а расказот сведочи за меѓусебната почит и уживањето во дружењето што ги споделувале.

Расказот „Цреша“ е дел од збирката раскази „Канарката“ на Михаил Ренџов што ја подготвуваме за постхумно издавање. Целиот расказ следува во продолжение. 

ЦРЕША


Расказот што го пишувам можеби го запишал и самиот Петре М. Андреевски, но не му се сеќавам, а и да се сеќавам, чувствувам потреба и јас да го запишам, па и нека ми забележат, па и нека ме прекорат.

            Веројатно овие зборови беа некое мое утешение, поради отсутноста на оние кои тука требаше да бидат: вожди-првенци, пратеници, политиканти, општественици на кои тој со своја рака им ги вадеше врелите костени, на кои му се додворуваа или се присламчуваа на неговата маса. За жал, никој не дојде, како што не дојдоа ни на погребението.

– На местото кај што сега лежи Петре, на тоа место, на работ од гробиштата, до самото џаде кое води до селото, имаше голема цреша, голема колку куќа. Јас, иако неколку години помлад од Петрета и неговите врсници, често бев и одев со нив. Тоа беа годините по ослободувањето. Педесеттите. Тој и тие, неговите другари, поначесто играа карти во селското училиште. Една ноќ кога се подзаморија, некаде кон полноќ, а беше средината на јуни, некој предложи да јадеме цреши од големата цреша на гробиштата, извишена, истурена од плод. Сите се качивме на дрвото. Алавме по гранките, по лисјето, ги наоѓавме црешите и се насладувавме. Кога се јаде не се зборува, нели? Во тишината над гробиштата се слушаше само шумол од лисје и крцкот од некоја скршена гранка. Колку сме ти биле горе, не се сеќавам. Само знам дека во еден миг под црешата, по патот зачкрипи, затропоти арабаџиска кола, што ја влечеше црн коњ. Што ли му текна на Петрета, та кога колата беше до самите гробишта, на патот под црешата, тој фрли неколку цреши сосе гранчиња кон коларот. Го погодија ли црешите коларот, та тој испушти уплавен крик и го збодна коњот кон селото. Се чини оти  и коњот се исплаши како што се исплаши и коларот, ‘рзна, зафуче и во галоп стрча кон селото и исчезна во мракот на селските сокаци. По неколку секунди повторно се сплотија темнината и тишината. Се прегрнаа. Над гробовите пак си легна и прилегна молкот гробен и уплавен. Ние црешарите тивкум се насмеавме, а потоа  си го фативме патот секој кон својот скокак, кон својата порта.

Со време за ова се расчу и блиску и далеку. За тоа се зборуваше на седенките и на крштевките, во селските крчми и меани. Од тоа време пазарџиите кои се враќаа од Битола, од Демир Хисар или од другите села се собираа и се чекаа пред селото, зашто се плашеа да поминат крај гробиштата, крај црешата, за да не го доживеат истиот уплав што го доживеаја коларот и коњот. Се плашеа да не ги маваат вампири со гранки, со цреши, со гробна земја и со коски од мртовците. Се плашеа да не го видат орото на сеништата и да не го чујат штракањето на вилиците, од черепите на мртовците. Се собираа така селаните, се чекаа, се дочекуваа, зашто збиени меѓу себе си го чуваа стравот, се куражеа и со подзадржан здив итаа, се препнуваа од камењата по патот, чекореа наежени, со молк ги одминуваа гробиштата, а во гробиштата – големата цреша со вампирите.

– Што ќе речеше Петре – додадов јас – освен да напишеше уште еден расказ од кој и нас ќе н фаќаше страв и уплав, та и ние ќе поверувавме во постоењето на вампирите и штракотењето на коските, ќе го видевме орото на сеништата и ќе намовнувавме завршувајќи го читањето со возбудена издишка како точка.

* * *

– Знаеш, дедо Мише, на гробот на дедо за овие неколку месеци подникна и извиши цреша. Процути црешата и врза плодови. Тоа ги зачуди селаните. Тоа нè зачуди и нас. Колку што се чудевме на дрвото, повеќе се чудевме на плодовите од црешата, јадри и големи како тупаници, но не црвени туку сјајни како едри цветови од кои се истура светлина, која и дење и ноќе ги осветлува гробиштата и патот крај нив. Селаните од Слоештица и од другите села секојдневно доаѓаат тука, зашто се прочуло дека светлината од плодовите и лисјето од црешата се исцелителни и дека кој под нив и крај нив ќе помине, ќе просветли, болниот ќе се исцели, немиот ќе проговори, слепиот ќе прогледа, сакатиот ќе прооди.

– Ти верувам – ѝ реков на Јана – зашто на Петрета, дедо ти, зборовите му беа утешителни, успокоителни и исцелителни. Светлината која се лее од црешата никната од неговиот гроб се токму зборовите од Петрета, оние што тој ги запишал, оние што ги премолчал, што не ги проговорил, Тоа се зборовите кои, иако не се слушаат, просветлуваат, утешуваат, исцелуваат.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново