ВОЗБУДЛИВИ НАСЛОВИ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАМЕ НАСКОРО

ВОЗБУДЛИВИ НАСЛОВИ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАМЕ НАСКОРО

Мрачни загатки, филозофски длабочини, интимни исповеди и историски вистини. Во месеците што следуваат пристигнуваат наслови што нема само да ги читаме туку и ќе ги живееме. 

Овој не е обичен список на книги што во моментов се подготвуваат во нашата Редакција. Овие се книги што долго ќе ги препорачуваме, ќе ги дискутираме, ќе ги дишеме. Тие секогаш доаѓаат во вистинскиот момент. Како збор што долго го чекаш. Како изјавување љубов. Како самоприфаќање.

Кои од овие возбудливи наслови е највозбудлив за тебе?

„Интермецо“ од Сали Руни

Кога оваа книга ќе пристигне во нашите книжарници, ќе биде момент вреден за одбележување за секој љубител на книжевноста. Сали Руни нè носи до светот во кој секое движење е значајно. Книга што ќе ти направи шах-мат на умот и срцето. Една од најобожаваните современи авторки – со причина. Стил за кој нема збор. Дух – исто така. Но што е она што како магнет нè влече до срцевината на оваа приказна? Интроспекцијата на ликовите, тивката разорност, емоционалните идентитети на двајцата браќа од рурална Ирска на кои е посветен овој роман. Време е за најзрелиот и емоционално најсуровиот роман на Руни!

„Замрзнатата река“ од Ариел Лохон

Авторка за првпат преведена на македонски јазик! Како што бавно ја чувствуваме промената на годишните времиња, така ни се приближува студот и зимата, а реките замрзнуваат. Замрзнува и крвта при читањето на оваа возбудлива историска фикција. Инспирирана од дневникот на вистинската бабица Марта Балард, овој роман е воскресение на нејзиниот заборавeн глас, жена која се осмелила да ја каже вистината во време кое се обидувале да ја замолчат. Секоја страница од овој роман е борба од неизвесност и тивок бунт до слобода.

„Убиваш за мене, убивам за тебе“ од Стив Кавана

Подготви се за поинакво патување! Мрачно и возбудливо. Двајца странци. Еден смртоносен договор. Пресврти какви што најмалку очекуваш. Ако психолошка неизвесност, неочекувани случувања, забрзани отчукувања на срцето звучат како твој тип на забава, тогаш оваа есен ќе биде интересно да се биде во твоја кожа. Колку бессони ноќи ќе поминеш додека да стигнеш до неизвесниот крај, а потоа колку ќе следуваат кога ќе го решиш случајот? Биди меѓу првите што ќе ја откријат вистината.


„Лесниот начин да престанеш со пушење“ од Алан Кар

Ако насловот може да ја предвиди иднината, тогаш токму тоа се случува со оваа книга. Зависноста е самотно место. Но кога ја отстрануваш од своите навики, не се „откажуваш“ од ништо. Откажувањето подразбира некаква загуба. Во овој случај, ти имаш само придобивки.  Ален Кар бил страстен пушач над 30 години. По многу неуспешни обиди, во 1983 г. престанал да пуши без никаква мака, без употреба на својата волја и без да се здебели. Така го открил лесниот начин за откажување од пушењето и почнал да ја шири својата мисија буквално низ целиот свет. Тајната е на чекор до тебе!

„Храброста да се биде среќен“ од Ичиро Кушими и Фумитаке Кога

Ја најдовме храброста да бидеме свои, сега е време да бидеме среќни. Ичиро Кишими и Фумитаке Кога го продолжуваат своето филозофско себепроникнување во новата книга во својот препознатлив формат на прашања и одговори. Ќе те научат како да ја прифаќаш одговорноста за својата среќа, да се прифатиш целосно, да се соочиш со ослободувачката моќ на изборот на среќата според сопствените услови. Среќата не треба само да се разбере, туку и да се повика храброста што ја имаме во себе за да ја живееме.


„Вечниот маж“ од Фјодор М. Достоевски

Забранувани или цензурирани во минатото, денес делата на големиот Достоевски се преведени на бројни јазици, што го прави еден од најчитаните автори на сите времиња и го вбројува меѓу најзначајните филозофи и психолози во книжевноста. Меѓу нив, „Вечниот маж“ во западната литературна критика се смета за најдобро структуриран роман на Достоевски. Наскоро пристигнуваат нови сложени ликови и длабоко проникнување во човековата психа какво што само тој знае да напише!


„Бели ноќи“ од Фјодор М. Достоевски

 Но како човек да преживее без да има приказна за раскажување? Или приказна за читање? Една од најмоќните, најтажните книги на Достоевски пристигнува во наше издание. Наскоро одиме по стапките на неименуваниот лик и неговата љубена Настенка. Колку е чудна таа Настенка! Та невозможно е да не може да се види љубовта на безимениот! Но има некој кој може. Читателите на Достоевски

„Писма од стоикот“ од Сенека

Како „Медитации“ на Аурелиј, писмата од Сенека ни носат изобилна мудрост за тоа како да го живееме и уживаме животот. Универзални правила што остануваат вечно непроменети. Сенека е еден од неопходните мислители од античката филозофија. Стоик чија мудрост е вечна инспирација. Поуки за себичноста и пријателството, за сиромаштијата и недостигот, за богатството на духот... Од краткоста на животот и гневот до бесмртноста и смртта. Понекогаш најмалку треба да се каже за оние што заслужуваат најмногу. Зашто она што ни го оставиле во наследство запишувајќи го, треба изворно да се чита. Затоа, наскоро овие записи пристигаат до вас!


„Облогот“ од Станка Бајлозова-Барламова

Станка Бајлозова-Барламова е новото име на ТРИ. Нејзината книга „Облогот“ носи до тебе богати животни приказни кои потсетуваат на мајсторите на македонската книжевна сцена. „Ако нè води мислата на Жан Пол Сартр дека ‘Зборовите се наполнет пиштол’, тогаш приказните што ги раскажува Бајлозова-Барламова се пиштол што може да ти ја разнесе и мислата и душата“, вели професорката Весна Мојсова-Чепишевска во својот осврт за книгата. Ајде да се обложиме дека оваа книга е токму тоа што ти требаше!

„Врска“ од Рита ел Кајат

Постои некое посебно чувство што ни ја боцка кожата мислејќи на тоа дека ќе ја читате оваа книга. Овој роман не ветува само приказна туку проникнување во длабочините на желбата, идентитетот и емоционалната ранливост. Инспирирана од сензуалноста на „Љубовникот“ од Маргарит Дирас, оваа книга го враќа женскиот глас во простор доминиран од тишината. Ти ветуваме дека ќе танцуваш со зборовите меѓу традицијата и бунтот, интимата и разумот.

„Завладејте со својата мотивација“ од Тибо Морис

Кој е следниот чекор откако ќе умееш да ги препознаваш и контролираш емоциите и ќе бидеш целосно фокусиран? Треба да завладееш со својата мотивација! Секој следен чекор се состои во првиот – читањето на оваа книга. Преку неа, поглавје по поглавје ќе се самоистражиш, ќе го најдеш коренот на твојата ниска мотивација, ќе изградиш нови навики што ќе ти бидат гориво за долгорочните успеси. Читањето на оваа книга е практичен пример за тоа како инспирацијата се претвора во акција!

„Завладејте со својот фокус“ од Тибо Морис

Врати го своето внимание и зголеми ја својата продуктивност. Со помош на овој автор успеавме да завладееме со своите емоции. Следниот чекор? Нашиот фокус. Без разлика дали си студент, претприемач, доживотен ученик, овој е нашиот патоказ кон остар фокус што ветува долгорочен успех. Дури и ако твојата цел не значи искористување на целосниот потенцијал во работата, размисли како би изгледало твоето секојдневие ако целиот ум ти е сосредоточен на она што го правиш? Животот ќе ти тече како река. 

Кој е подготвен за предизвикот?

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново