НА ОСТРОВОТ НА ДЕТСКАТА ОСАМЕНОСТ – РЕЦЕНЗИЈА ОД НАТАША АТАНАСОВА

НА ОСТРОВОТ НА ДЕТСКАТА ОСАМЕНОСТ – РЕЦЕНЗИЈА ОД НАТАША АТАНАСОВА

(осврт кон книгата „Остров во морето“ од Аника Тор. Превод од шведски: Ивица Челиковиќ. Издавач „Три“, 2024 г.)  

Со денови се прашувам кои беа моите најголеми проблеми додека растев. Ми навираат многу спомени и многу случки, кои со текот на времето имаат станато помалку болни и денес, од дистанца или од носталгија, сепак ги гледам како убави и пријатни, иако во периодот кога ми се случувале воопшто не ги имав доживувано така.  

Меѓутоа, на што и да се сетам, не е ни блиску до тешкотиите на растењето на Стефи, девојчето што е главен лик во романот за деца „Остров во морето“ од Аника Тор. Како ли би ми било да ме затекнела војна во детството? Како ли би се чувствувала на мојот народ да му се заканува истребување, па моите родители да треба да ме пратат на крајот на светот, заедно со сестра ми, со надеж дека ќе нè згрижи некој и дека ќе преживееме? Како би ми било да треба да растам во земја опкружена со луѓе чиј јазик не го разбирам, обидувајќи се да стекнам пријателства додека ме напаѓаат без да можам да се одбранам? Како е да се расте пред осудувачките погледи и зборови на децата околу тебе кои не разбираат точно што се случува во светот, но лековерно кажуваат дека треба да те нема?  

Се стресувам од помислата дека сум можела да имам такво детство, да растам во една таква констелација. Но тоа што уште повеќе ме плаши е што имам ќерка на таа возраст и што знам дека во лудилото на денешниов свет во кој живееме, постои веројатност прекуноќ да ја снајде нешто слично.  

Втората светска војна и децата бегалци 

Кога ќе видам дека дејството на некоја книга или филм се одвива за време на Втората светска војна, знам да си речам: „Што уште може да се каже на темава?!“ и да посакам да ги прескокнам. Но толкупати тоа ми се има покажано како погрешно, затоа што додека има нови и нови автори што сакаат да се зафаќаат со оваа тема, дотогаш ќе има можност за опфаќање на нови и нови аспекти, како што е случајот и со оваа книга.  

Годината е 1939. Почнува Втората светска војна. Група еврејски деца бегалци се донесени во Гетеборг, еден од најголемите градови во Шведска, каде што треба да бидат згрижени од семејства подготвени да ги прифатат.  

Сепак, двете сестри Нели и Стефи не ги зема никој, како што дознаваме подоцна, затоа што нивните родители инсистирале да не бидат раздвоени, а две деца се преголема одговорност за секое згрижувачко семејство. Така, сестрите се пратени на мал остров, каде што ги згрижуваат две роднински семејства за да можат секојдневно да се гледаат.  

Секој дом има свој посебен мирис. Кај тетка Алма мирисаше на свежо испечен леб. Овде во носот ѝ навлезе миризба од силно средство за чистење. 

Адолесценција со невообичаено голема тежина 

Но двете семејства се сосема различни и времето што двете сестри го минуваат на островот – е различно. Додека помалата Нели е сместена во семејството на тетка Алма, нежна жена со две деца, во жив дом полн со љубов, поголемата Стефи ја прифаќа бездетно семејство каде што чичко Еверт е постојано отсутен, а тетка Мерта, жената од која би било добро да добие топлина, е груба, студена, дистанцирана и има љубов единствено кон – бога.  

Така, приказната која повеќе ја следи Стефи отколку Нели, станува приказна за островот во неа, каде што се изолира чувствувајќи ги тежината на одделеноста од семејството и носталгијата; чувството на неприпадност и неостварената потреба за зближување со луѓето; детската искрена љубомора кон сестра си која имала повеќе среќа; предрасудите кон посиромашните какво што е семејството што ја прифатило; омразата по инерција и немоќта едно дете само да се справи со врсничкото насилство.  

Во секоја куќа крај која поминуваше имаше луѓе, семејства кои разговараа, кои се сакаа едни со други. Само таа беше сама.  

Доведена во ваква ситуација, Стефи е принудена сама да го носи товарот на влезот во својата адолесценција – период кој е тежок и сам по себе, а не во такви околности. Ова девојче, кое уште на првите страници покажува знаци на зрелост (ја врти главата кога фотографот сака да направи фотографија од еврејските деца, не сакајќи да биде „дете бегалец на трогателна фотографија во некој весник“; плете бајковити приказни за местото каде што ги носат за да ја утеши помалата сестра која е збунета и исплашена), под присила на околностите уште позабрзано созрева, што се огледува особено од писмата што ги пишува до нејзините родители, на кои претпоставува дека им е уште потешко од неа, па ги поштедува од сите свои проблеми и тагата ја закопува длабоко во себе.  

Приспособување, отпор и надеж 

„Остров во морето“ е книга за деца, веројатно од над 11-12 годишна возраст. Соочувајќи ги со животот на Стефи, кој потсеќа на остров опкружен од сите страни со морето на осаменоста, од кој е тешко да се замине, особено ако си дете (но не и невозможно, како што ќе покаже крајот), оваа приказна ги запознава децата со стравотиите и ужасите што ги правеле нацистите – и оние директните, но и оние индиректните, давајќи им на жртвите човечки ликови – во случајов, ликови на деца.  

Човековата борба за опстанување и во најтешки услови е инстинктивна, какви што се и напорите на Стефи да се адаптира на новата средина и да биде упорна од луѓето да направи свои сојузници. Во таа нејзина мисија да најде помош за поголемата, борбата за повторно обединување со нејзините родители, Стефи ја открива и надежта, која, исто како и тагата, можат да ти ја донесат само другите луѓе. Онака како што туристот Свен ѝ ги носи утешните зборови што стојат како мото на славниот роман на Хемингвеј:  

Ниеден човек не е остров сам за себе, секој човек е делче од континентот, дел од целината (...) Смртта на секој човек ме намалува мене, бидејќи јас сум опфатен од човештвото. И затоа не прашувај за кого бијат камбаните. Тие бијат за тебе. 

Интересно е што „Остров во морето“ (1996) е дебитантска книга на писателката Аника Тор, која и самата е Еврејка. Книгата постигнува голем успех – и во Шведска и во светот, а во меѓувреме Тор ќе продолжи да ја раскажува приказната за двете сестри во нови продолженија, сè на сè пишувајќи четири книги за Стефи и Нели. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново