„ЕДНА ОД НАЈВАЖНИТЕ РАБОТИ ВО ЖИВОТОТ Е НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ИЗГУБИШ СЕБЕСИ“

Интервју со Станка Бајлозова-Барламова, авторка на „Облогот“
Дали расказите во „Облогот“ се напишани во соба без огледала? Пишуваш ли како да си ослободена од сите судови, во свет во кој зборовите не се казна, туку бегство?
Сметам дека секој автор што пишува, дел од својата персоналност неминовно ја остава на хартија. Многупати кога сум имала потреба да истражам за некои луѓе, дури и кога сум имала многу работни обврски, најмалку сум читала биографии и информации по интернет, туку сум седнувала да ги прочитам нивните дела. Секој напишан труд, или каков било текст, крие психолошки кодови што умеат да ги пронајдат и да ги препознаат само оние кои имаат посебна умешност за читање. Е сега, кога тврдам дека секој автор неизбежно при пишување дел од себе остава на хартија, не би кажала дека при пишувањето сум ослободена од сите судови. Мислам дека, без разлика на улогата што во даден момент му се припишува на поединецот (писател, музички изведувач, глумец, политичар, полицаец, крадец, уличар, просјак), не постои човек кој дури и во една секунда од животот може да се почувствува буквално ослободен од сите можни судови. Не верувам дека е можно да постои таква личност која, дури и кога бега од реалноста влегувајќи во свој свет (што го крои и го обликува онака како што сака), може да почувствува такво ослободување од чеканот и поротата на општеството, природата, духот, сопствената совест итн. Зашто токму човечката природа е создадена да биде мешавина од црнина и белина. И во даден момент мора да проработи некој импулс поради кој ќе светне некоја зелена или црвена ламбичка за да нè потсети дека постојат граници. Па дури и кога за миг мислиш дека можеш да бидеш творец и да го создаваш светот на хартија, но исклучиво онака како што ти го перципираш, а не онаков каков што ти го наметнуваат. А при пишувањето зборовите се секако бегство. Бидејќи тоа се ситуации кога ликовите можат да кажат многу работи за кои во вистинскиот живот не би имале храброст, ако имаат вистински корелат во реалноста.
Кога ја отвораш вратата на пишувањето, дали влегуваш во себе или во некоја друга Станка што никој не ја познава?
Една од најважните работи во животот е, што и да правиш, никогаш да не се изгубиш себеси. Па така, и кога пишувам се трудам да останам доследна на себе. Конкретно при пишувањето на „Облогот“, мислам дека повеќе успеав да навлезам во туѓи персоналитети отколку во себе. Една од најголемите страсти што сум ги почувствувала во животот била страста за читање на „избрусаните“ и затскриените делови на човечката личност. Она што луѓето сакаат или мислат дека умеат да го скријат во длабините на интровертноста. Тоа се работите што мене лично како писател ме интересираа и на кои работев во „Облогот“. Всушност, колку јас како писател, опсерватор и аналитичар на нештата успевам да ги прочитам најскриените кодови во интровертноста на толпата. Читањето на човечката психологија е цела една наука на која можеш да работиш и цел живот и пак да научиш многу малку. Колку моето досегашно теоретско и реално животно искуство ме научило да читам работи што можеби другите секогаш не успеваат да ги видат, за ова читателите најдобро ќе го пронајдат одговорот во „Облогот“. А за тоа дали Станка кога пишува останува таа или станува некој кој другите не го познаваат? Мислам дека во тие моменти Станка е токму таа која ја знаат исклучиво најблиските, најважните луѓе во животот што најголемиот дел од времето го минуваат со неа и ја познаваат повеќе од кој било друг.
Во срцето на книжевноста постои желба да се демаскираат дуалностите, да се надмине бесчувствителноста и да се развие комплексноста на сочувството. На кој начин ти го правиш тоа во своето дело?
Во моите раскази мислам дека тоа е најмногу изразено преку навидум најбанални случки од секојдневието, кои прераснуваат во комплексни: преку поврзаноста меѓу потсвеста и егото наспрема рационалното дејствување во животот, преку потребата за повисока машка афирмација, преку примери што реално зборуваат за гнилоста на системот, преку нелојалноста во семејната заедница со изместени морални и етички вредности, преку потребата за хиперболизирана доминација во заедницата на живеење, преку начинот на живеење на повеќето денешни парови, кои се чини дека никогаш не научиле што се суштински вредности во животот, преку политиката, преку машкиот казановски интерперсонален комплкс, преку психолошките растројства, преку фанатичките потреби да се прескокнуваат бариерите на општите природни закони за нормално човеково живеење и потреба од егзалтираност што придонесува човековото суштество да се чувствува како божество, преку потребата да се избега од удобноста што го нудат кариерното и ситуираното живеење наспрема немањето внатрешна хармонија и избалансираност во личноста, преку растргнатоста меѓу доброто и злото, преку потребата да се патува низ времето и просторот поради ненаоѓање складно место во реалноста, преку миксот талог и врв во општеството... Сите овие предлошки читателите ќе ги најдат во расказите и токму преку нив може да се зборува за тоа како во „Облогот“ се демаскирани дуалностите и што, всушност, се извлекува на површина. Демаскирањето на дуалностите во литературата ги поттикнува читателите на покомплексно размислување и го спречува површното судење.
Дали книгите првин се пишуваат внатрешно во тебе, а потоа се пренесуваат на хартија, или тој процес на обединување на здивот и зборот е симултан?
Инспирацијата за пишување кај мене не се случува миговно, туку е процес што трае. Имам многу нотеси и во нив запишувам битни нешта. Ми се случува да запишам во тетратка некој „навидум банален“ разговор меѓу службеник и клиент на шалтер, некоја реченица од некој соговорник што за мене била провокативна, па можеби и инспиративна, некоја мисла што ја имам во моментот, а ако не ја запишам ќе ја потиснат нови, моја сублимација и перцепција на нешта што ми се случуваат пред очи итн. И после некое време, кога ќе ја отворам тетратката навечер, сфаќам дека секоја запишана реченица е потенцијален елемент за создавање нова приказна. Инспирацијата, пак, ја пронаоѓам во работи што сметам дека се суштински и темелни во животот. Обично кога седнувам пред лаптоп или пред лист хартија, нацрт-планот за нештата веќе го имам в глава, меѓутоа деталното разглобување на работите се случува во мигот кога почнувам со пишување. Тогаш почнувам да копам и да вадам на површина мисли кои сум ги потиснала и сум ги сместила во некои резервни мозочни архиви, кои во дадениот момент се покажуваат употребливи и битни за создавање книжевно дело.
За крај, кои се трите (мета)физички нешта што мораат да бидат до тебе кога седнуваш да пишуваш?
- Избалансираноста меѓу телото и внатрешниот спокој и мир. Ова ми е најважната работа.
- Да сум дома. За мене дома е синоним за најудобното и најтоплото катче на светот. Тоа е местото каде што дишат најважните предмети што ги користам низ секојдневието. И местото за кое сметам дека, како доказ за нашето постоење, животот испишува најмногу докази и траги.
- Чувството дека со секоја работа што успешно ќе ја реализирам, ќе придонесувам за некаков прогрес за подобро живеење во општеството.