АКО МОЈАТА ПОЕЗИЈА ИМАШЕ ВКУС ЌЕ БЕШЕ ГОРЧЛИВА – кратко интервју со Виолета Танчева-Златева
Збор што посакуваш ти да го измислеше...
Копнеж. Зашто сè во него се влева и сè од него потекува.
Од која песна би се плашела да ја сретнеш ако беше личност?
Од „Умирачки“:
Толку смрти во толку малку време збрани
Господи небаре сакаш да ни порачаш
дека иде крајот на векот
и ќе свршат сите наши варварства
Ако твојата поезија имаше вкус, каков ќе беше?
Горчлив. Исто како живејачката.
Ако твојата поезија е еден од четирите елементи, кој би бил најдоминантен?
Земјата и огнот, рамноправно. Од нив сум и самата исткаена.
Кој е најреволуционерниот, најбунтовниот стих/строфа од оваа збирка?
Не сум Ева што те искушува со земни задоволства
женка за оплодување и зачнување
здебелена трудница со подуен стомак
родилка што се тетерави да стигне до боксот
дефектно тело што треба да се закрпи
откако го излеало од себе новиот живот...
Јас сум многу повеќе од ова што го гледаш
Многу повеќе отколку што си ти
Ерос или Танатос?
И двајцата/двете. Испреплетени се, неподатни за раздвојување.
Каде треба да се читателите вечерва?
Во домот на уметноста Даутпашин амам, во пазувите на поезијата од „На ти со Ерос и Танатос“.