„ЕДИНСТВЕН МАТИЧЕН БРОЈ“ Е ОГЛЕДАЛО НА ВНАТРЕШНИТЕ ОЧИ

„ЕДИНСТВЕН МАТИЧЕН БРОЈ“ Е ОГЛЕДАЛО НА ВНАТРЕШНИТЕ ОЧИ
Што значи „Роман на годината“ за тебе и дали ја очекуваше наградата?

Наградата не ја очекував. Кога влезе во последниот избор од пет романи, бев речиси сигурна дека тука е крајот. Како и во 2005 година, кога „Скриена камера“ го изодуваше последниот круг, или во 2013 година, кога „Резервен живот“ не ја премина границата на наградата. Телефонскиот повик ги распливна моите неочекувања и секако, многу ме израдува. Среќна сум што „Единствен матичен број“ е Роман на годината за 2023 – тоа значи дека ќе си најде поголем круг читатели и читателки, а радува и тоа што првиот тираж на романот се распродаде уште пред соопштувањето на добитникот. Наградата особено ми значи затоа што во изминатите 25 години нејзино постоење ја понесоа романи што лично многу ми значат, речиси сите од наградените.

Колку наградите се значајни за авторите и дали сметаш дека влијаат врз личното писмо на авторот, а и врз македонската книжевност?

Врз личното писмо воопшто не влијаат, барем не во мојот случај. Ниту една награда не повлијаела врз она што сум го напишала по нејзиното добивање, бидејќи пишувањето е онтолошка и гносеолошка потреба и причина, а наградата ѝ припаѓа на социолошката заднина на книжевноста. Влијаат врз читателите, да посегнат по наградените книги, врз преведувачите, странските издавачи и, секако, врз македонската книжевност: да станат репер, за извесно време или засекогаш, на книжевен квалитет и културна референца. Наградите се чудо за три дена, а книгите, ако се добри, ја преживуваат наградата и стануваат секојпат одново, за секој читател одделно, чудо на животот.

Колку улогата на истражувач, набљудувач, соживувач со туѓите приказни е суштинска во пишувањето на еден ваков роман што се занимава со општествени прашања, прашања за идентитетот, колективната меморија и поделениот свет?

Да не бев истражувачка, набљудувачка, соживувачка со туѓите приказни, немаше да можам да го напишам „Единствен матичен број“. Се сеќавам на срцебиењето кога првпат престојував на Кипар и ја слушав водичката во туристичкиот автобус како ја раскажува приказната за Мртвиот град, градот на духовите Вароша. Не можев да се соземам, чувствував како во мене адреналински се раѓа приказната што во мигот посакав да ја напишам, но бев свесна дека прво треба сè да истражам, сè да дознаам, сè да проверам, да преиспитам, да прашам и да научам, па потоа да седнам и да пишувам. Важен ми беше контекстот на приказната, иако малку од она што го дознав влезе во самата приказна. Мене ми е многу важно да ја познавам совршено околината во која живее или се движи секој лик, да го видам филмот од почеток до крај, но не само визуелно, туку и сензорно, умствено, слуховно, и пред сè душевно, да ги почувствувам емоциите на ликовите, да влезам во нивната кожа, да станам секој лик посебно, да знам како точно се чувствува и реагира Катерина,  да бидам и Никос и Милка, и Стефан и Софче, и Хасан и баба Елефтерија, и Хелен.

Пустелијата, пак, како паралелна, а сепак испреплетена приказна во романот, ја пишував со „ладна глава“, замислувајќи го животот во неа според моите сегашни сознанија за светот во кој сè поотуѓено живееме. Кога повторно би го пишувала романот по една деценија, сигурно во пустелијата би додала уште многу нешта. Пустелијата е отворен проект, исто како што романот има отворен крај.

Дали создавањето и градењето на измислени, книжевни ликови е еднакво тешко како и живеењето на сопствениот живот?

Секако! Во текот на пишувањето дури е и потешко, затоа што тогаш го живеете и својот живот и животот на ликовите. Два живота за еден човек се премногу, нели? А и шизматично е, но во некои моменти и убаво. Некои читатели ми пишуваат дека сочувствувале со некои од ликовите, плачеле поради нив, се смееле, а некои ликови сакале да ги треснат од земја, толку многу ги нервирал нивниот карактер. Нема поголема награда од ваквите мислења, тоа значи дека сум изградила ликови што читателите ги доживуваат како живи, од крв и месо. 

Имаш ли своја пустелија и дали во неа развива пролет? Дали има надеж во неа?

Кој нема своја пустелија? И што сè нема во пустелијата! Дури и надеж! Можеби тогаш кога доаѓа пролетта, ако не поинаку. Ме забавува идејата еднаш да се соберат луѓе кои го имаат прочитано романот и кои би добиле задача да даваат нови идеи за животот во пустелијата. Мислам дека ќе биде многу интересно да се слушнат нови предлози за тоа како би требало да изгледа пустелијата. Сметам дека пустелијата што јас ја понудив во „Единствен матичен број“ е само почеток на една пустелија која би можела навистина да стане проект, можеби филмски? До кои размери може да се отиде? Страшно е човек и да помисли на едно такво сценарио, ама ние писател(к)ите сме храбри луѓе токму затоа што сме ранливи и можеме сè да замислиме и измислиме, нели?

Дали „Единствен матичен број“ е портал кон еден поубав свет или огледало на сегашноста?

И едното и другото. Речиси сите мои читателки и читатели кои ми се имаат јавено лично по читањето на романот велат дека романот ги освестил, ги натерал да се замислат над сопствените постапки и својот живот, да размислат за отуѓувањето, врските, близината, ги натерал нешто да променат и со поинакви очи да ја согледаат реалноста на сопствениот, но и на нашиот свет. Тоа значи дека романот, како огледало на сегашноста, истовремено нуди излез од нејзините рамки, во еден подобар свет, во огледалото на внатрешните очи. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново