Мајчинството е единствената улога која патријархатот ѝ ја дозволува на жената
Разговор со Коста Кацуларис од Букпрес, Грција
Имате учествувано на многу меѓународни фестивали и саеми на книгата, стекнувајќи големо искуство. Како Ви се допадна солунскиот Саем на книгата?
Искрено, се изненадив од тоа колку беше голем и посетен Саемот. Ме воодушеви што имаше повеќе сцени за промоции на книги и дискусии и што сите беа постојано полни со посетители. Луѓето во Грција секогаш ми велат дека кај нив никој не чита, но јас воопшто не добив таков впечаток.
Ако не се лажам, Вие сте првата прозаистка од Република Северна Македонија што е преведена на грчки јазик, а истовремено, од Грција потекнува Вашата мајка. За време на Вашиот настан во Солун му се заблагодаривте на грчкиот уредник за храброста што ја покажал со овој чекор. Дали ова издание има посебно значење за Вас, со оглед на сите конфликти за името и проблемите со идентитетот?
Секако, има неверојатно голема емотивна вредност за мене, но исто така, многу значи и за културата, а на некој начин, и за историјата на двете држави. Ова е прва македонска книга што е преведена на грчки, а да е назначено дека преводот е од македонски јазик, што е дел од Преспанскиот договор. По децениите минати во непријателство, што се одразија со застој на културниот развој на двете земји и што поттикна разорни националистички наративи, ова претставува извесна катарза. Баба ми и дедо ми се бегалци кои ја напуштиле земјата за време на Грчката граѓанска војна и имам силна семејна врска со Грција. Затоа, многу ми значи тоа што сум дел од соединувањето на патот што води до помирување на двете земји.
Неодамна десничари упаднаа и ја прекинаа уметничката изложба во Солун на еден Ваш сонародник, Сергеј Андреевски. Дали сте се соочиле со непријатности во нашата земја?
Да, и најчесто имам чувствувано страв. Ако некој ме прашаше од каде сум, морав да кажувам име што е спротивно на мојот идентитет и кое ми го нарушуваше достоинството (ФИРОМ не доаѓаше предвид, а Скопје е град, не е држава). Но за да не ги разгневам луѓето, велев Скопје, што ми паѓаше многу тешко. Дури и тогаш бев исплашена, затоа што луѓето отворено коментираа или ми држеа лекции за тоа што наводно направила или ќе прави мојата земја, или ме претставуваа како некој вид непријател (Еднаш газдата на еден локал во туристичко место ми рече: „Имај предвид дека тука сме патриоти“). Исто така, се плашев дека може да ни ја вандализираат колата. Ако требаше да завршам некоја административна работа, тоа беше пекол и за мене и за моето семејство – понекогаш намерно ги кочеа сите процеси поради прашањето на идентитетот. Искрено, во некои мигови чувствував дека во Грција ме третираа како што Албанците ги третираат во Македонија.
Во книжарниците во Грција има одличен интерес за Вашата книга „Мојот маж“. Мислите ли дека тоа се должи на сличностите што ги имаме како луѓе од Балканот? Мислите ли дека грчката публика лесно се поистоветува со ликовите за кои пишувате?
Многу ме радува што книгата има широка публика. Тоа ми докажува дека постои блискост меѓу Балканците, дека меѓусебно си ги читаме книгите и си ги слушаме нашите приказни. Го кажувам ова затоа што забележувам дека повеќето мои читатели се жени – што не е невообичаено, зашто жените се поголемиот дел од читателската публика воопшто. Претпоставувам дека книгата оди добро на Балканот затоа што нашите приказни се слични. Исто така, помалку се навредливи ако не ти се случуваат директно тебе: ако им се случуваат на луѓе од други земји, нема да се почувствуваш многу засегнат. И претпоставувам дека е пријатно чувството кога знаеш дека твојата лична приказна, всушност, им се случува на многумина. Но ова се претпоставки – моите нагаѓања се точни колку и Вашите.
Во еден од Вашите раскази, насловен „Гени“, еден човек замислува дека Македонија е супериорна над другите земји. Тој е познат прототип и кај нас, многу Грци се чувствуваат како да се од некој посебен, супериорен вид. Дали овој тип на човек сè уште постои во Вашата земја или почна да се повлекува, по Договорот со Грција, земајќи ја предвид несигурноста што владееше во минатото?
Овој тип на човек го има насекаде. Универзален е. Само неговите опсесии се манифестираат на локално ниво. Тој е приврзаникот на теоријата на заговор кој за својот неуспех ги обвинува надворешните фактори, наместо причините да ги бара во сопствените недостатоци. Ваквите луѓе обично мразат сè што е маргинализирано. Без разлика дали станува збор за жени, малцинства или квир луѓе, тие ги претставуваат како моќни или како владетели на светот, па преземаат насилни мерки против нив. Ова е фашистички став кој сега добива уште поголем замав, според кој моќните ги претставуваат слабите како закана за поредокот.
Ја менувам темата: Вие сте феминистка и не го криете тоа. Во Грција, кога една жена ќе се претстави како феминистка, многумина се потсмеваат или со негодување нишаат со главата – дури и други жени. Дали денес е полесно да се придржувате до овој идентитет во Северна Македонија?
Потсмевањето и нишањето со глава ги гледам како комплимент. Не е срамота да се биде феминист – срамота е да не се биде. Тие треба да се срамат, па немам проблем да го изјавувам тоа каде и да одам. Јас сум на правилната страна на историјата.
Работевме долго за да се нормализираат феминизмот и феминистичкото движење, па како феминистки имаме голема поддршка. Како и да е, секогаш кога ќе излезеш од вообичаеното, луѓето се потсмеваат. Но, пак ќе кажам, не ми е гајле.
Во Вашите раскази се среќаваме со препознатливи портрети на мажи негативци (на пример, поетот или гинекологот, двајца од Вашите помрачни ликови), но индиректно се критикуваат и жените. Некои изгледаат компромитирани, на моменти и премногу. Некои од читателите се прашуваат: Зошто не се одлучувате и за посовремени, подинамични жени?
Ги критикувам и жените затоа што на нив гледам како на еднакви човечки суштества со мажите, заедно со сите нивни мани. Жените не се деца за да се однесуваме со нив на посебен начин, да се обидуваме да ги издигнеме или идеализираме. Пишувам реално, па затоа моите книги го критикуваат патријархатот преку начинот на кој се однесуваат и мажите и жените. Да, повеќе сочувствувам со жените, и мислам дека тоа е видливо во моите раскази. Но не сум писателка што сака да ги инспирира со хероини како од стриповите, од памфлети или мотивациски говори.
Друго нешто што побудува коментари е начинот на кој се претставени децата во Вашата книга. Во еден случај мајката е одговорна за смртта на своето дете и го прикрива тоа, во друг изгледа како да не чувствува голема љубов, или чувствува дека нешто не е во ред со нејзиното дете. Дали зад ова стои Вашата намера да се разбијат некои стереотипи за жените како мајки?
Мајчинството е таква табу-тема меѓу жените што ми беше интересно да ја отворам. Мајчинството е единствената улога што патријархатот ѝ ја дозволува на жената, што секако е мамка: жените се идентификуваат единствено во улогата на мајки, и истовремено, треба да се чувствуваат горди додека ја играат. На тој начин стануваат робинки на оваа улога. Во општеството се смета за голем срам ако некоја жена не сака да биде мајка или ако не го сака своето дете. Но тоа обвинување не важи за татковците, кои често се отсутни од животот на детето и никој не ни размислува за тоа. Никој особено не се загрижува ако таткото е насилен. На мажот му е дозволено да не сака да биде татко или да не го сака детето, но за мајката тоа се гледа како огромен грев. Ме интересира како жените се чувствуваат за оваа неправда – во моите раскази, и во секојдневниот живот. Ме интересира преиспитувањето на овој феномен.
Во друг расказ, „Супа“, исто така ги претставувате тешкотиите на хероината во врската што ја има со својата мајка, а приказната има неочекуван среќен крај. Како патријархатот влијае врз оваа чувствителна врска меѓу мајка и ќерка?
Како што кажав, мајчинството е улогата што патријархатот им ја дозволува на жените, и бидејќи само тука можат да бидат воздигнувани, дури и ако се несреќни, тие ќе ја играат таа улога, а потоа овој начин на живот и однесување им го пренесуваат на своите ќерки. Наместо да бидат заштитнички на ќерките, мајките честопати се нивни тирани. Не им дозволуваат никакво задоволство или слобода, едноставно затоа што ним не им биле дозволени. Дозволувањето слобода, задоволство или среќа на ќерката значи дека си признаваат колку им бил мизерен животот. Во „Супа“ љубовта на мајката е доволно силна за да може да ги надмине тие нешта со цел да ѝ помогне на ќерката која страда.
Во Вашата книга нема секс-сцени, освен една, во која сексот е неуспешен и речиси одбивен. Зошто? Има ли секс-сцени во другите книги или главно ги избегнувате?
Кога пишувам вметнувам само гротескни или трагични секс-сцени, зашто мислам дека сè друго би било вулгарно или сентиментално. Не гледам зошто би се опишувал сексот, освен ако не е порно или еротска книга. Исто е како да опишуваш облаци без никаква конкретна цел.
Во Вашата биографија прочитав дека имате преведено на македонски големи автори кои пишувале на одличен англиски јазик, вклучувајќи го и мојот омилен писател Џон Мајкл Куци. Дали продолживте со преведување или овој аспект од Вашата професија е во втор план?
За жал, стана особено тешко да одвојам време за преведување. Последната книга што ја преведов на англиски јазик е, всушност, мојата Не одам никаде. Исто така, морам да бидам вклучена во процесот кога се редактира или се чита некој од преводите на моите книги. Тоа е тегобен процес и ми одзема многу време. На пример, во моментов пишувам книга со есеи за поранешната југословенска република. Но бидејќи треба да бидат преведени на босански/српски/хрватски и бидејќи се за Америка, ги пишувам на англиски. Секако ќе требаше да ги преведам на англиски за да можам да ја понудам книгата во странство. Сè што пишувам, морам да го преведам на англиски. Сега, кога ги имам есеите на англиски, босански, српски и хрватски, треба да ги преведам на македонски. Па така, станав свој личен преведувач. Би сакала да имам повеќе време за да го комплетирам опусот на Фланери О’Конор на македонски јазик, но мислам дека тоа нема да биде наскоро.
Не одам никаде, Вашата последна збирка раскази, беше објавена пред некое време на грчки јазик. На прв поглед, се чини дека расказите се занимаваат со слични теми како во „Мојот маж“. Современи врски, жени во акција, љубомора, напнати ситуации, хумор. Зошто хуморот е толку значаен елемент за Вас?
Хуморот е многу значаен во мојот живот и во моите книги. Мислам дека е магичен феномен – ни ги скокотка умовите и ни ги растреперува телата од задоволство. И ова се случува повеќепати во денот. Тој ми е едно од најголемите задоволства. Исто така, верувам дека животот е и комичен и трагичен, па таа комбинација е добитна во литературата. Патем, досадно е да се сфаќаш себеси премногу сериозно и тоа е чист пример за привилегијата на егоистите.