ДА СЕ ВЛЕЗЕ ВО ТУЃА КОЖА – ВЕСНА МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА ЗА „ОБЛОГОТ“
Весна Мојсова-Чепишевска
ДА СЕ ВЛЕЗЕ ВО ТУЃА КОЖА
(Рецензија за „Облогот“ од Станка Бајлозова-Барламова)
Во врска со првата збирка раскази на Станка Бајлозова-Барламова, „Силуети“ (Скопје: Антолог, 2021), напишав: „Не смееме да заборавиме дека литературата не треба да одговора на зададени задачи. Таа треба да раскажува приказни, и по можност тие приказни да бидат светски, општочовечки, дури и тогаш кога станува збор за прераскажување на најбанални случки од секојдневниот живот“. Зашто, како што пишува Венко Андоновски: „Секогаш се кажува премногу кога разумот, тој џелат на срцето, ќе заспие и ќе го пушти срцето на слобода“. „Не искривувајте ја, не разредувајте ја, не обидувајте се да ја направите логична. Немојте да ја менувате вашата душа според трендовите. Наместо тоа, безмилосно следете ги вашите најдлабоки опсесии“, вели Франц Кафка. Оваа збирка е еден своевиден нејзин бележник за сето она што ѝ лежи и на Станка, но и за сето она што им лежи и на нејзините ликови. Овие се приказни кои без проблем ги минуваат границите на македонскиот јазик и кои излегуваат надвор и од македонската книжевна сцена.
Ако нѐ води мислата на Жан Пол Сартр дека „Зборовите се наполнет пиштол“, тогаш приказните што ги раскажува Станка Бајлозова-Барламова се пиштол што може да ти ја разнесе и мислата и душата. „Ако си осамен кога си сам, тогаш си во лошо друштво“, вели Сартр. Во какво друштво се ликовите од збирката „Облогот“?
Најголемиот број ликови од најновата збирка раскази на Станка Бајлозова-Барламова се ликови кои се прашуват: На што сѐ се обложуваме во животот? Стануваме ли модерни ѓубреџии, луѓе кои непотребно го складираат материјалното во огромни купишта, кои се затрупуваат и задушуваат во тие купишта ѓубре? Стануваме ли сѐ повеќе невротични, анксиозни, заробени во гневот и омразата кон сопственото тело? Нѐ притиска ли слабодушноста, срамежливоста, повлеченоста кон своето ЈАС? Дали сѐ повеќе сме оној кој „Ужасно се плаши од умирање бидејќи сè уште не живеел“, како што вели Кафка. И Бајлозова-Барламова, како и Елиф Шафак, ја поврзува книжевноста со емпатијата и можноста да се влезе во туѓа кожа. Така, таа успева многу успешно да влезе во безброј кожи – и во онаа на професорката, докторката, невротикот, депресивецот, манипулаторот, демначот, силувачот, осаменикот, жртвата...
Во меѓувреме, Станка Бајлозова-Барламова ферментираше како автор. Ферментираше и нејзиниот стил. Се разви нејзината приказна. И нејзе (и на авторката и на приказната) ѝ/им стана тесно во сокачето на македонската книжевна сцена, иако од неа учи како да им даде глас на семантички полните имиња, како на Посебољуб Инаетовски, или Огнен Воденов, или Игла Остроумовска, иако од неа ја наследува и магичната атмосфера што ја носат расказите на Петре М. Андреевски и Живко Чинго. Овие раскази на Бајлозова-Барламова набабрија, нараснаа како квасец... А преку фикцијата и приказните, коишто често забораваме дека се приказни, ние ги уриваме предрасудите, го трансцендираме сопствениот идентитет и учиме како да се поврземе над границите, вели Елиф Шафак. На ова како да се надоврзуваат сите оние кратки приказни, кои функционираат како мали медаљони, преку некоја бурна ситуација или впечатлив детаљ, или долги приказни кои внимателно, чекор по чекор, како да се придвижуваат кон еден друг жанр, кон романот...
„Постојат книги коишто сами по себе инсистираат да ви го променат животот“, запишува старицата во својата тетратка по прочитаниот роман што утрото ѝ го подарува мајсторот во еден од расказите на оваа збирка. Можеби токму „Облогот“ е една таква книга. А што велите? Да се обложиме дека е така?