„НА ТИ СО СЕБЕСИ“ – ИВАН ЏЕПАРОСКИ ЗА СТИХОЗБИРКАТА НА ВИОЛЕТА ТАНЧЕВА-ЗЛАТЕВА

„НА ТИ СО СЕБЕСИ“ – ИВАН ЏЕПАРОСКИ ЗА СТИХОЗБИРКАТА НА ВИОЛЕТА ТАНЧЕВА-ЗЛАТЕВА
Иван Џепароски кон книгата на Виолета Танчева–Златева, „На ти со Ерос и Танатос“ (Скопје: Три, 2025)  

Својата промотивна беседа не случајно ја насловив: „На ти со себеси“, со поднаслов: Кон книгата на Виолета Танчева–Златева, „На ти со Ерос и Танатос“. Дозволете ми, во текстот што ќе следува, да го појаснам и да го оправдам ваквото одредување.

Поетесата, раскажувачка, есеистка, преведувачка и лекторка Виолета Танчева-Златева (1968), која пред една деценија ја доби нашата највисока награда за поезија – наградата на Струшките вечери на поезијата „Браќа Миладиновци“ за стихозбирката „Година без лето“ (2015), е добитничка и на поголем број други наши награди за литература – меѓу кои се издвојува наградата на Друштвото на писатели на Македонија „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга за 2018 година. Таа со своето најново поетско остварување „На ти со Ерос и Танатос“ ги потврдува своите претходно остварени високи поетски вредности, суптилно пеејќи за овие две вечни теми на поезијата: љубовта и смртта.

А љубовта во поезијата на Виолета Танчева-Златева претставува прапричина на сè што постои; и токму затоа во песната „Прапричината“ (стр. 12) љубовта еманира од секој стих на песната, и токму затоа авторката вехементно поентира со следново лирско крешчендо:

„Зашто ако ова не е љубовта
за која се пишуваат големите романи
ако ова не е вечноста за која се зборува
во Светата книга
ако ова не е тоа што цел живот сум го чекала –
зошто воопшто сум живеела“

Од друга страна, и на другиот крај од животот, смртта, како што укажува поетесата во истоимената песна „Смртта“:

„Трпеливо го чека вистинскиот миг
кога ќе ме прегрне
и од сиот недостиг од сето страдање
и од мене самата ќе ме ослободи“ (стр. 77).  

Веројатно, затоа и допирот со љубовта и со смртта во нивното негирање, зачувување и надминување (трансцендирање), хегеловски кажано, во нивниот Aufhebung, претставува апогеј на оваа стихозбирка кој се овоплотува во поетскиот восклик од песната-епилог „Наспроти сè“. Во оваа песна се тргнува со мото од стиховите на добитникот на „Златниот венец“ на СВП Амир Ор: „И наспроти сè – живот; наспроти сè – љубов“, за потем овие поетски согледби да се надоградат и да се преобразат преку стиховите на Виолета Танчева-Златева од песната „Наспроти сè“ (стр. 79), стихови кои спокојно и лирски вдахновено порачуваат:

„И што наспроти сѐ и после сè?
Сепак живот
Сепак љубов“ 

Животот и љубовта, оттаму, му овозможуваат на лирскиот субјект да ја трансцендира смртта, а поезијата на тој начин станува нашето најблиско Јас кое секогаш е на Ти со Ерос и со Танатос.  

 *****

Во поезијата многу малку нешта се случајни. Најмалку насловите на поетските книги. Токму затоа, на самиот почеток, ми се чини дека херменевтичкиот пристап in medias res е најсоодветен и затоа накусо и го спроведувам. Оттаму, треба да се потцрта дека веќе самиот наслов на книгата на Виолета Танчева-Златева нѐ води кон темелните стожери на оваа стихозбирка: „Љубовта“, односно „Ерос“, и „Смртта“, односно „Танатос“. Но, односот кон Ерос и кон Танатос во оваа стихозбирка не е некој посреден однос, не е некој контемплативен и метафизички толкувачки однос, туку е еден крајно непосреден и целосно сетилен однос. Токму затоа нашата поетеса е на Ти со Ерос и Танатос, таа не е на Вие со нив, туку крајно непосредно и сосем лично пее за љубовта и за смртта, целосно разоткривајќи го поетското Јас – тој лирски субјект кој станува сосем транспарентен и непосредно поврзан со личноста на авторката.

Всушност, аподиктично укажувам дека во стихозбирката „На ти со Ерос и Танатос“, поетесата Виолета Танчева-Златева е на „На Ти со Себеси“. Ваквиот пристап на авторката ѝ овозможува да води еден крајно личен дијалог со себеси, кој како да потсетува на пристапите во филозофијата на римските стоици кои најчесто своите етички и естетички ставови ги приопштуваат во еден непосреден дијалог со стварноста и со себеси, како што тоа го прави и филозофот стоик и имератор на Рим (AD 161-180) Марко Аврелиј (Marcus Aurelius, AD 121-180), кој своето прочуено медитативно самопојаснување и самоводење кон самоусовршувањето го именува „Медитации“, или како што гласи оригиналниот наслов на грчкиот коине: „Τὰ εἰς ἑαυτόν“ (или на латински „In semet ipse“), а во превод на македонски јазик: „Самиот на/кон себеси“.

И како што стоиците филозофи, државници или писатели, силно вкотвени во секојдневниот живот, постојано се стремат кон едно емоционално и морално самоусовршување, така и денес во поезијата во светот, а гледаме дека тоа се случува и кај нас, личното и непосредно доживување на темелните вредности на стварноста и на сопствениот живот во таа и таква стварност, непосредно и без страв, се понадворешнува, поетски се оформува и станува достапно не само за себеси, туку и за сите оние кои веруваат и кои знаат дека сопственото, личното доживување на егзистенцијалните основи на светот и на животот се најважното нешто во современата поезија – која иако тивко и спокојно, сепак, мошне силно и привлечно се обидува да го претстави сопственото доживување на животот и на светот. Впрочем, Ерос и Танатос, тие „гранични состојби“ на човекот (како што ги именуваше во минатиот век егзистенцијалистот Карл Јасперс), се клучните состојби на севкупниот човечки живот.

Но, сега, дозволете ми сето ова го потврдам со една куса анализа која, дури и на формален план, верувам, ќе ги потврди претходно искажаните ставови.

Стихозбирката „На ти со Ерос и Танатос“ содржи песни поделени во 5 циклуси со по 11 песни (вкупно 55 песни), кон кои се придодаваат уште 2 песни од Прологот и Епилогот, значи книгата содржи 57 песни. Згора на тоа, за сите песни од книгата се наведува и точниот датум на нивното создавање (а за некои песни се наведува, покрај датумот, дури и часот на создавањето на песната). Се чини дека сето ова не е воопшто случајно: на тој начин се документира една конкретна состојба на духот на лирскиот субјект кој воопшто не ја крие својата целосна поврзаност со авторката Виолета Танчева-Златева. Таа личносна димензија на песните и на сета поезија од стихозбирката „На ти со Ерос и Танатос“, на тој начин, станува еден од клучните белези на оваа поезија. Иако можеби авторката не го имала предвид конечниот број на песните (57) од оваа поетска книга, но нивниот број, дури и да е тоа едно потсвесно совпаѓање (а бројот 57 соодветствува на годините на авторката во времето на објавувањето на книгата – што таа и низ стиховите од книгата воопшто не ги крие, туку со проживеаните години и се гордее!), значи, сето ова (57 песни = 57 години) како да ѝ дава уште една личносна димензија на поезијата на нашата авторка. Инаку, најраната песна од книгата е напишана (дооформена) на 28.1.2022 година, а најдоцнежната песна, пак, на 17.2.2025 година. Воочуваме дека песните се напишани во временско растојание од три години и три седмици (започнуваат со времето на пандемијата – оттаму, веројатно, и толку силната присутност на Танатос), а завршуваат со Ерос како своевидно катарзично излегување од трагичното. 

Ваквото мое толкување се потврдува и од суптилната согледба на Славе Ѓорѓо Димоски, од задната страница на корицата на книгата, каде што недвосмислено се укажува:

„Поезијата на Виолета Танчева-Златева се доживува како сведоштво на длабоко проживеано искуство прикажано во прочистен поетски дух. Лирскиот наратив диспонира вибрации од доживување до мислења, од пофалби на еротското и телесното до меланхолични увиди во состојбите на танатосот – колку катарзично, зашто сè минува низ болката, толку и исцелително, зашто останува бледа линија на лузната како зарасната рана.“

Токму затоа, кога поетесата си говори „самата на себеси“, кога е на Ти со себеси, таа затоа и суптилно медитира, како во песната „Немоќна“ (стр. 68):

„Центар си на сета несфатлива болка
среде стравот од овој Ерос, недоветен и недоволен
и од смртта озабена зад првиот агол
во ликот страшен на Танатос
среде пелин насладата што самата се исцрпува“ 

Оттаму, целата оваа потрага по „семоќен збор / што ја отвора вратата“ е потрага не само по Љубовта, по Ерос (Ἔρως), туку и потрага по Љубовта како Агапе (ἀγάπη), не како само орфејско-платонска и античка концепција на Љубовта (Ерос), туку и како христијанска верзија на Љубовта како Агапе. На тој начин, љубовта во поезијата на Виолета Танчева-Златева претставува поврзување и проникнување и на сетилната и плотна љубов (Ерос) и на натсетилната љубов како врска меѓу душата и апсолутното (Агапе). Ова разбирање на љубовта како единство на Ерос и Агапе, затоа во својата општочовечка и космичка димензија претставува и пат кон трансценденцијата. Оттаму и доаѓа обраќањето кон апсолутното, кон Бога, од завршните три стиха на веќе наведената песна „Немоќна“:

„Дај ми Господе
семоќен збор
што ја отвора вратата“ 

А што е поезијата ако не е премин од мислењeто кон пеењето, премин од иманенцијата кон трансценденцијата, и што е поезијата од книгата „На ти со Ерос и Танатос“ ако не е еден пронајден „семоќен збор“ кој ѝ овозможува на „Немоќната“ да ја отвори Вратата која понајчесто и христијански кажано („Потрудете се да влезете низ тесната врата“, Лука 13: 24), но и во духот на нобеловецот Андре Жид од неговиот истоимен роман, е една „Тесна врата“. Тесна врата низ која можат да минат сите!

Сите оние кои го љубат и го почитуваат поетскиот и продуховен збор.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново