JE SUIS ТОНИ – БОРИС ПОСТНИКОВ

JE SUIS ТОНИ – БОРИС ПОСТНИКОВ

Портал за книжевност и критика Критика-ХДП

Борис Постников

Угрешиќ, Бужаровска, феминизам, порнографија

 

Je suis Тони

Румена Бужаровска по многу работи одудара од локалните книжевни струи, нејзиниот сензибилитет е изграден главно врз наративната економија на англоамериканските автори, а сепак е – нема дилеми – наша. Еве ви ги сите нејзини наслови преведени на хрватски (добро, освен дебитантскиот Чкртки), еве ви ја претставата Мојот маж во Загрепскиот младински театар, всушност, еве ви ја и самата Румена која често гостува на хрватските фестивали. Така и романот Тони е објавен кај нас многу брзо по македонскиот оригинал, а јас побрзав да го прочитам. Инаку, кај Бужаровска постојано ме воодушевува авторското растење од книга во книга: секоја нова збирка раскази ѝ е за неколку нијанси позрела и попромислена од претходната. Ако ги читате хронолошки, едноставно гледате дека тие текстови ги пишува некој кој темелно работи на својот авторски глас. Меѓутоа Тони ѝ е прв роман. И токму затоа го отворив со читачка трема. Како Румена ќе се снајде во новиот жанр? И тоа во „вистинскиот“, „сериозниот“, зашто знаеме каква е специфичната тежина на романот денес кај нас: лесно е да се напише кратка приказна или есејче, но ајде да те видиме на 200 и нешто страници...

Океј, да не ве заморувам повеќе, ние што сме виделе можеме да потврдиме: Бужаровска повторно се надмина себе. Тони забавува, растажува и збунува на сосем неочекувани начини. Од една страна, ова е очигледно сатира, а насловниот лик, остарен скопски мачо рокер, карикатура на две нозе: типичен саможив балкански маж од генерацијата која моментално дебелее и ќелавее, но уште носи старки. Еготрипер и мамин син, локален Петар Пан крај кој ниедна Венди не може да дојде до збор, горд на својот фантастичен музички вкус избрусен во доцните седумдесетти, постојано одушевен од сопствената интелигенција. Знаете за кој се работи, познавате повеќе такви ликови. А од друга страна, во Тони нема ништо карикатурално: сите тие реченици веќе сме ги чуле, сме запознале такви ликови. Па уште на третата страница – ако ја имате таа бескрајна среќа да го читате романот како маж – порано или подоцна ќе се сопнете на некоја Тониева изјава или на гест кој несомнено ви припаѓа вам. Па малку ќе се насмеете, малку ќе се засрамите, можеби дури и ќе се налутите. Па што му фали на џејмисон? Зар не е добро виски? И кога пред некој ден на уредничкиот состанок на Критика-ХДП неколкупати ѝ влетав во збор на Ана – сè додека не ме предупреди – зар тоа не беше само поради мојата страст за книжевните прашања? И зар не е општопознато дека Берлинска трилогија е најдоброто од Боуви? Правда за Тони!

А ако ја имате таа несреќа да го читате романот како читателка, веројатно ви преостанува само да уживате во тоа како Бужаровска балансира меѓу карикатурата која е стварна и стварноста која е карикатурална, меѓу сатирата и реалноста, меѓу сожалувањето и гадењето што Тони ги предизвикува, а притоа и понатаму останува смешен...

Ако нешто од ова ви се провлекло, драги читателки, секако, јавете ми се.

Сè ќе ви објаснам.

Изворен текст: Угрешиќ, Бужаровска, феминизам, порнографија.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново