„БЕЛА САМА“ – ГЛАС НА ЗАМОЛЧЕНАТА ЖЕНА
ОЛГИЦА КРСТЕВСКА-МИЛИВОЈЕВИЌ
Осврт кон романот „Бела Сама“ на Виолета Танчева-Златева
Романот не инсистира на гласноста како форма на отпор, туку на достоинството како тивка, но суштинска вредност, на потребата од почит и вреднување не како општествена привилегија, туку како основно човечко право.
Има романи чиј наслов е предизвик за читателот. Да се отпочне роман како равенка со две непознати значи да се очекува исход со неизвесен резултат. Дури и ако оваа зборовна равенка ја сфатиме како составена од две полупознати (Бела — придавка или именка? Сама — придавка, заменка, прилог?), во спрега тие одново ја скокоткаат љубопитноста, внесувајќи колебање околу значењето на јазичната синтагма.
Уште од првите страници бликнуваат куси и меки дијалози, директни, но не и отсечни. Низ нив авторката ја прелева својата емпатија во читателот, кој (о)станува обвиен во хуманиот тон на раскажување и топлина што струи низ редовите, иако уште од почетокот се навестуваат деликатни лајтмотиви што го движат делото.
Во доба кога книжевноста, понекогаш и без да сака, се нуди како хедонистички и забавен манир, ова дело сведочи за зрелост – не само стилска, туку и тематска. Авторката нè соочува со мрачни и тешки предизвици што излегуваат надвор од шемата на тематските сладокусци. Смртта и злото – два елемента од Роршаховиот тест на животот преку кој се откриваат тајните на човечката природа. Смртта, иако природен процес, кога се појавува прерано, се преобразува во трагедија. Злото, пак, не е природно, но е омниприсутно во животниот фрагментариум на секоја индивидуа. Тоа макабрено демне, менува облици, навлегува во просторот, некогаш од огромни влакнести раце, другпат извира од застојан киселкаст здив, напати се истура како отров од грубиот глас на (не)познатиот. Понекогаш е маскирано во красна руба, затскриено зад лажна насмевка или гнои во тишината каде што зборот би требало да се вивне. Каков и да е неговиот инвентар на заличување, злото по својата суштина останува – зло.
Освен овие две теми, во романескното јадро пулсира уште една, можеби најмоќна тема: мајчинството. Романот е своевидна ода на мајчинството во четири поглавја. Во него се „испеваат“ миговите на носење две срца во едно тело, бременоста и доењето – без разубавување и без патетика; првите чекори на мајчинувањето и стравот од грешки – без џагор меѓу редовите, туку низ прибрано и трезвено раскажување. Како гранче со кое го надградува четивото, авторката го прикажува и трансгенерацискиот начин на пренесување на љубовта. Ако некогаш родителската љубов била сконцентрирана на задоволување на основните потреби на детето, со економичен израз и без вишок зборови, денес таа се практикува со поголема свесност и разбирање на процесот на растење. Така, авторката ќе напише:
„[...] додека да се свртиш, [децата] се излизгале од креветчето и почнале да лазат по подот, па се исправиле од лазењето и почнале да одат, да го освојуваат светот отпрво со мали и колебливи чекори, а потоа со сè поцврсти и полни со цел; млечните и овошните кашички ги замениле со тврда храна зацврстувајќи си ги непцата и вилиците за да го загризат животот; довчерашните скратени зборови ги дополниле со согласки и самогласки, го заоблиле јадрото на исказот додавајќи му придавки, предлози, сврзници. Ги научиле буквите, тргнале во школо, почнале сами да читаат...“
***
Три сижеа изведени од камерен состав од три женски гласа: Ленче, Неда и Бела. Секој глас со своја приказна во прво лице еднина, зашто длабоката исповед поинаку не може да допре.
Централната паралела во романот е мајка – ќерка, приклештена во стегите на патријархалната матрица. Ако за Ленче поврзувањето со ќерката Бела е спонтано, за Неда тоа останува недофатно. Ако и покрај трагичните случки, Ленче успева да изнајде засолниште во љубовта кон книгите и уметноста и да создаде мирен дом за нејзиното дете, за Неда ова е недостижен идеал. Избришана од семејната карта, Неда останува без единствен женски број. Ако за Ленче смислата на постоењето е Бела, за покорната и унизена Неда молкот се едначи со глувост. Во Неда одекнува ехото од трескотот на вратата кога во домот влегува насилниот и редовно алкохолизиран сопруг; тој удар е првата и последната интонација на нејзиното катадневие. Таа е невидлива мајка, а децата во таа преживелица стануваат неми сведоци на злото, ако не и негови потенцијални преносители.
Бела, третиот глас, е ехо на прераната мудрост. Таа од дете го бара одговорот на случајно поставеното прашање кои му се родители на Сонцето. Со тоа го бира патот на светлината, која прерано трепка среде нејзините детски денови за да изгасне. Бела ќе ја втисне во себеси како единствен излез од темнилото што ита да ја навјаса. Со светлина ќе го нариса портретот на мајка си. Светлината е бојата на љубовта и на чистотата што е бела, како што Бела е душа неизвалкана од збиднувањата што прерано ќе ја втурнат во светот на возрасните.
Читателот низ страниците чувствува грутка заглавена во грлото пред згрутчениот молк на жртвите на насилството додека им се нанесува длабока драсканица врз душата. А тие молчат во име на некаква храброст, тихуваат од срам, ја вртат главата настрана додека утробата им се распаѓа, им гасне искрата во очите, им ја снемува жизнерадоста. Се саможртвуваат пред олтарот на домот, простор во кој единката треба да биде најбезбедна. И ниту еден од женските ликови не бара ништо за возврат, давајќи парчиња од себе другому без себеси во нив.
Секој глас е густ прамен од кој авторката плете цврста книжевна плетенка. Делото проговорува за емотивната осакатеност поради прераните загуби и неправдите што оставаат лузни. Романот е фреска за обесчовеченоста во најмалата општествена клетка – семејството, кога тоа е изградено од ’рѓосани материјали и врз подлога од жив песок. Тогаш импулсот на жената се свртува навнатре, а нејзината присутност се сведува на тивко роморење.
* * *
Танчева-Златева продира во најдлабоките слоеви на женската душа, онаму каде што саможртвата се дава во име на повисока цел, онаму каде што чувството на вина е „важечка“ причина за фрлање на младешките сништа на буништето на животот за да се биде на висината на самонаметнатиот морал. И сето тоа во една примитивна средина, во мало село близу градот, каде повишениот глас, кренатата тупаница, стисокот на надлактицата, жената немо ги прифаќа. Нејзините денови безрадосно се нижат како низи крвавоцрвени пиперки обесени на студениот ѕид на животот за да се (и)сушат.
Авторката во своето дело дава широк приказ на секојдневието на поразена жена од ниско свесна средина, чија музика е редовното шлапкање на состојките за ручек во тенџерињата и тавите додека нејзиното тело катадневно се вари во котелот на непостоењето. Фокусот на стравот од загорениот ручек се поместува кон туѓите прозорци зад кои ѕиркаат погледите на обезљубени жени жедни за возбуда, па туѓите случки за нив се гастрономска екстаза на дневна основа. Среде немаштијата и неукоста, овенати женски раце уморно ги стискаат штипките додека ги простираат испраните алишта, трансформирајќи ги во барикада против подмолните погледи. Тагата како инфекција се шири во телото на женските ликови преку личните загуби, преку незаштитеноста, преку глувоста на просторот, преку премолченото насилство.
Се навикнува ли жената на нељубов, на немоќ?
Се мери ли лојалноста на жената со бројот на удари врз достоинството?
Дали идеалот на пожртвувана мајка се постигнува преку себеукинувањето како жена?
Иако романот носи изразен женски сензибилитет, тој не функционира како програмско феминистичко четиво. Барем не во современа смисла на зборот. Тој не ја исклучува машката родова заедница, оти машките ликови се и тоа како цврсто набоцкани во оваа книжевна таписерија. Без нив, ниту доброто во романот не нараснува. Во Веновиот дијаграм на книжевни ликови, се исцртуваат и ликови во трето лице еднина, но повторно и тие втемелени во еден густеж на општествени и лични предизвици. Во пресекот на тие односи, Бела се јавува како никулец на современата жена, но не како етикета за еманципација, ами во безвременски контекст во којшто правото на љубов и ненасилство оди пред феминистичкото право. Како право на самовреднување и на лична слобода.
* * *
Во романот трагедиите врескаат, но се поднесуваат кротко.
Нема крик, тој се случува внатре, во себеси.
Нема драма, таа е во самиот живот.
Дури ни плач нема пред возвишената неправда на животот.
Со длабоко сочувство се читаат редовите кога средбите со смртта зачестуваат.
Но среде беспомошноста и очајот, ѕирка зрак светлина.
Тој зрак авторката го спротивставува на суровоста на темите.
А во таа спротивставеност важна улога има и јазикот – исчистен, негуван, со меката жилавост на традицијата. Во болната неизвесност вградена во металниот држач од болничкиот кревет, во длабоката јама од свежо ископаната земја, во секој животен сегмент, авторката го користи јазикот на Конески, којшто нè поучи дека сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме можеме да сметаме дека ја имаме нашата татковина. Таа раскажува со правилен, богат јазик што гласно дише, полн со архаизми, но и со лексика што ретко се среќава. Ритамот на раскажување на цели животни циклуси е со широки прореди и „воздух“ меѓу целините, без присуство на мелодрама, ниту желба да се предизвика повеќе емоција од она што самите случувања го налагаат.
Ако добрата книжевност треба да поставува прашања и да носи порака, овој роман ги содржи и двата елемента. Тој ги отвора суштинските дилеми за трпението, за љубовта и за местото на жената во семејството, за справувањето со животните трагедии. Пораката не е декларативна, таа се обликува низ тивките судбини чиј глас останал некренат. Романот е нивен крик што се откинува од грлото поради несносливата тежина на судбински предодредените случки. Жената тука не е симбол на општествена парола, туку конкретно, кревко човечко суштество, обликувано низ внатрешни премолчувања и непрепознаени жртви.
Во таа смисла, романот не инсистира на гласноста како форма на отпор, туку на достоинството како тивка, но суштинска вредност, на потребата од почит и вреднување не како општествена привилегија, туку како основно човечко право.
И ако книжевноста е место каде што сите чуда се дозволени, во книжевната реч на Танчева-Златева читателот останува исчуден пред чудото на животот како контратежа на злото. Во таа насока, белата светлина останува чудото на животот, зашто, како што ќе напише таа: „убаво е да се пишува за животот, но многу поважно е да се живее. Зашто сè што се случува, се случува еднаш, нема реприза.“ Освен тоа, „животот е токму тоа – растење. Постојано преминување од една во друга состојба, развивање на сè понови способности и вештини, искачување од пониско кон повисоко скалило. Сè погоре и погоре, угоре, кон небото.“
Кај светлината, кај сонцето.
Во белата сфера на радоста.