ПРОМОТИВНА РЕЧ НА ГАБРИЕЛА СТОЈАНОСКА
Промотивна реч на Габриела Стојаноска
по повод промоцијата на „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски
3.4.2026 г., Прилеп
КАКО СЕ СОЗДАДЕ ЕДНА Чекајќи рецензија ИЛИ ШТО РАЗМИСЛУВАШЕ РЕАЛНАТА ЧИТAТЕЛКА ЗА ЖАНРОВИТЕ, СВЕТОВИТЕ И ЧОВЕЧКИТЕ ЕМОЦИИ НИЗ КОИ ПОМИНУВА И НÈ ПОВЕДУВА И НАС ОВОЈ Чекајќи роман ДОДЕКА Александар јава на запад
Ајде малку да се провираме низ жанровите со кои си игра овој роман.
Прво: има или нема фантастика, и ако ја има, каква е?
Во реалноста сме виделе како луѓе стануваат споменици. Овде не мислам на заслужните личности на кои по смртта им се подига споменик, сите ќе го имаме некаков, најмалку барем во форма на надгробен крст. Мислев на оние улични уметници, живи споменици кои ги гледаме на карневалот „Прочка“ или за време на МТФ „Војдан Чернодрински“, или на некој таков сличен повод со уметност на отворено. Е тие, обоени во бронзена или во бела боја, стојат на плоштадите и ни предизвикуваат восхит со вкочанетоста, со моќта да се исконтролираат и покрај разните прилики, неприлики или провокации околу нив. Одвреме-навреме се раздвижуваат и повторно се враќаат во споменичната позиција. Најновиот игровит роман на Венко Андоновски започнува со обратна ситуација – споменици стануваат луѓе. Се случува еден неверојатен, фасцинантен натприроден настан – оживување на спомениците на Александар Македонски и на Гоце Делчев на скопскиот плоштад „Македонија“ и тргнуваат на прошетка прво низ Македонија, а потоа и на Запад за да го видат современиот свет од 21 век за кој дотогаш само слушале од луѓето на плоштадот во Македонија. Преминати се границите меѓу рационалното и ирационалното: во една сосема позната секојдневна средина, на плоштадот Македонија во Скопје оживуваат два споменика (поставени во проектот „Скопје 2014“) и слегувајќи од своите постаменти заедно со своите коњи (славниот Букефал) и коњот на Гоце за кој критичарите велат дека личи на магаре, а нараторот во овој текст нормализира дека Гоце како селски даскал секако дека ќе јава магаре, исто како што денес ние просветарите возиме велосипеди место џипови. Подоцна ним им се придружува и оживеаниот споменик на Кузман Капидан. Овие двајца во човечки тела со вообичаени пропорции (Александар како војсководец е со извајано мускулесто тело дефинирано низ атлетското образование и бројните битки и походи) проодуваат низ Скопје, се среќаваат со ововременици, но не побудуваат страв и ужас кај нив, само мала изненаденост поради нивниот изглед, физичката спремност и мускулната дефинираност кај Александар и поради нивниот стајлинг, кој сепак во денешно време може да се оправда со учество во некој маскенбал, или за потребите на некој филм или едноставно нечија одлука во тој момент така да се облече, одлука која се прифаќа без да се коментира. Како луѓе, а не како оживеани споменици или монструми, овие два лика ќе бидат доживеани и во нивните понатамошни походи во Србија, Хрватска, Словенија и Хаг, со исклучок на само една кратка епизода кога се појавуваат ноќе во љубљанскиот замок и една жена вреснува помислувајќи дека се духови. Но тој страв е исклучок, а не правило затоа што при сите останати средби со луѓе тие се доживувани како луѓе. Значи, оживеаните споменици не предизвикуваат ни страв ни ужас, ни кај останатите ликови, а ни кај читателот, ниту пак сомневање дали се споменици или не, и со тоа не го исполнуваат условот за вистинска фантастика. Следствено, овој Чекајќи роман не е приказна за духови, но може да зборуваме за жанрот т.н. постмодерна објаснета фантастика, а тоа е онаа во која е даден клучот за појавувањето на натприродниот настан. Имено, на самиот почеток на овој роман, уште пред првото поглавје „Походот кај Македонците“ има едно нултно поглавје во фукција на предговор насловено „Неколку реда од запишувачот“. Во него нараторот, кој веднаш ни се обраќа нам, на читателите, се потпишува на крајот на тоа обраќање како псевдо Венко Андоновски. Значи, како наратор во трето лице ни се јавува писателот псевдо Венко Андоновски (и тука треба да правиме разлика меѓу реалниот автор на делото – овој што денес нѐ дружи, и гласот во делото кој ни ги раскажува настаните во делото запишувајќи ги, а тоа е нараторот псевдо Венко Андоновски.) Тој запишувач псевдо Венко Андоновски ни кажува дека ќе читаме сочинение, „прозна целина“ кое е фактички наративот, приказната од која потекнуваат и се раселиле ликовите од претходните драми, комедии и фарси на Венко Андоновски. Всушност, однапред дознаваме дека се работи за книжевни ликови, за нова креација од веќе постојното. Во оваа, ако би можеле така да се рече, нефантастична фантастичност следиме не емоционално, туку интелектуално користење на фантастичното каде тоа има елементи на игра, пародија, ерудиција, сатира, фарса и гротеска.
Ајде да видиме што ни зготвил врвниот литературно-кулинарски мајстор шеф Венко Андоновски. Намерно велам што ни зготвил бидејќи зборот сатира, иако е близок етимолошки до Сатир, антропоморфниот демон (влакнесто тело, бушава коса, шилести уши, коњска опашка, јаречки нозе со фрула и тирс) – придружникот на богот Дионис, доаѓа од латинскиот поим lanx satura што значело обреден сад полн со разновидно сечкано овошје – значи, некоја мешавина на различности. Од друга страна, и фарса на француски значи смеса од сечкан зеленчук, месо, пченка и зачини со која се полнат печените птици. И двата жанра со кои се доближуваме до овој прозен текст подразбираат мешавина на различности. И таа мешавина во оваа духовна храна читателите ќе ја согледаат преку содејство на ликови од различни текстовни и вонтекстовни дискурси: ликови од историјата – Делчев и Александар кои биле и ликови во книги на други автори, Кузман Капидан и Скендербег како историски личности и како ликови на Прличев, ликови од претходно објавени книги на авторот (ликот на Олошот е пример на еден вид интертекстуалност кој се нарекува сестратекстуалност, кога делата на еден автор си комуницираат меѓусебно), ликови алузии на познати личности од нашето секојдневие, од политичкиот и воопшто општествениот живот на Балканот и во Европа (не ви ги кажувам, ќе уживате сами во откривањето). Оваа проза му се доближува на книжевниот поим фарса преку многуте комични ситуации постигнати со претерување, преувеличување, со апсурд и со грубиот хумор (кој некои го нарекуваат вулгарен, јас би го нарекла колоквијален). Фарсата ни е директно поврзана со овој роман и преку поднасловот: чекајќи роман. Значи, го имаме прилогот за време: чекајќи. Чекањето е време и простор измеѓу, меѓу она што било и она што треба да дојде. Фарсата во Средниот век била ведро, весело дело вметнато меѓу деловите на посериозните спектакуларни мистерии во кои се театрализирале епизоди од житијата на светците кои страдале заради својата вера. Целта на фарсата била да ја зачинува високата книжевност. Ако ги земеме предвид претходните теми на интерес на Венко Андоновски во „Вештица“ и „Папокот на светлината“, со вметнувањето на овој Чекајќи роман, Венко Андоновски ни навестува дека следниот роман кој го подготвува ќе биде повторно во стилот на неговата висока книжевност за духовниот раст на човекот и цивилизацијата, за Бог, за смислата на животот и така натаму, иако и овој роман зборува за трајните и вистинските вредности, само што тоа го прави на полесен начин, на понизок стил онака како што бил сфаќан низ вековите стилот на фарсата, бурлеската, карикатурата, сатирата и гротеската.
Во овој Чекајќи роман има сѐ што има во една фарса: современа тематика, едноставни заплети, типизирани ликови, исклучителна комуникативност на текстот, груба ситуациска комика, јазични игри и каламбури (како што е одличната што ја чувме: Александар уринира, т. е. руинира тоалет), опсценост (непристојни гестови и однесување), инсистирање врз телесната димензија на ликовите, комика на бесмислата.
Овој поливалентен текст се доближува и до гротеската, поим што потекнува од италијанското grotte – гротло, процеп, јаз, дупка. Во ренесансата на ѕидното декоративно сликарство, имитирајќи ја старата римска уметност, се прикажувале ликовни изобразени претстави на човечки, животински, натприродни и монструозни суштества. Гротеската подразбира еден бизарен, еден неприроден склоп на настани, а таков е овој во кој во Скопје оживуваат спомениците на Александар и Делчев заедно со нивните коњи. Во ова дело светот дури и не мора да се искривоколчува дополнително гротескно бизарно, затоа што тој веќе е искривиколчен и така само се зрцали, огледува.
„Александар јава на запад“ гротескно зборува за едно големо несовпаѓање, расчекор помеѓу (на колективен план) вековниот сон на нациите на Балканот и нивното актуелно јаве, сега и низ епохите; (на индивидуално ниво) расчекор меѓу соништата, потребите од детството, плановите при образовниот процес, како и долгогодишните, ако не и целоживотните соништа на жителите на овие простори и суровата реалност со која се соочуваат, но на која и ѝ припаѓаат бидувајќи дел од неа и носители на поделената одговорност во однос на другите, и целосна одговорност во односот кон себеси. Читајќи ја оваа книга подгответе се за едно гротло, за една дупка од која извира вулканот на сѐ потиснато во длабоките слоеви на неосвестеното на земјава, но и на личното несвесно. Подгответе се за соочување со себеси, со сликата за својот народ која не ви се допаѓа и од која бегате. Попрво би се затрупале со милиони работи и би ја сркале својата чорба плашејќи се да не ни остине, но немаме време за да се погледнеме доволно долго за да ја видите каква е, да ја прифатиме, да си ги признаеме и доживееме сите чувства кои ги чувствуваме во тој момент, да бидеме доволно долго со таа слика за да можеме да почнеме малку поинаку да размислуваме и да се менуваме. Гротескен е расцепот меѓу два морални система: оној на Александар, Гоце и јунаците од минатите времиња и денешниов, расцепот меѓу она што се цени запишано на хартија, но се плука кога се спроведува, меѓу правдата и неправдата.
Гротескно е бескопромисното негирање на очекувањата на главните ликови при развојот на настаните и моментите пред финалето, па и самото финале. Постои дискрепанца меѓу почетната и крајната ситуација: на почетокот се херои, потоа се кријат, носат маски на попови, попаѓаат во затвор, претепани се, без скршен денар, питаат за храна, понижени се (Александар е измокрен во гаќи). Има еден парадоксален оксиморон меѓу влогот и добивката: и Александар и Делчев и Капидан, и ние како читатели преку нив очекуваме најмногу, а добиваме најмалку, очекуваме најубаво, а добиваме најтешко, очекуваат и очекуваме разум и ред, а добиваме хаос и безумие.
Ова не е само лесна комедија, фарса, туку комедија со црн хумор, црна комедија со длабока порака, дека станавме свет во кој не се вознемируваме повеќе за високите идеали. Ако помислиме само каков бил светот на Александар во кој тој пред сите потреби ја ставал мисијата за проширување на татковината и за поврзување, зближување на многу народи во една целина, и ако помислиме што сѐ истрпеле хероите од времето на Делчев (на пр., неговиот курир Доне Штипјанчето поради пренесување на бомби скриени во оризот бил крвнички тепан и измачуван 48 часа, но не признал ништо, па Турците помислиле кога ништо друго од насилство не помага, да му викнат хипнотизер. Замислете колку било силно неговото свесно!) А која е таа љубов кон татковината денес кога без никакви измачувања, туку само од алчна желба за благосостојба, се предава и продава нешто што било свето?
Ова дело, иако е духовито (на многу места ќе ви се тресе стомакот од смеа), сепак зборува остро и подбивно за човековите мани и остро ги осудува. Со камата и копјето на сатирата се раскрвавуваат луѓето кои оживеаните споменици ги среќаваат во Македонија, луѓе кои не знаат за љубов, плачат само за пари, судбината и животот си ги нарекуваат кучешки, како Рацин, а постојано бараат нови господари или нови татковци на своите деца, луѓето кои се сметаат за библиски народ и наследници на Александар, а договараат со странски бизнисмени распродавање на природните богатства. Во Србија и европска Хрватска повторно истите наши црни точки: мито, криминал, четници, усташи, режим, уметници во затвор, владетели кои не сакаат да ја испуштат контролата ни по смртта (па си ја организираат сопствената погребна церемонија), мачо типови нарцисоидно несепарирани од својата мајка, народ, академици и полиција оперирани од емпатија. А во уште поевропската Словенија, со посветени трудољубиви професионалци, доктори кои ладнокрвно наплаќаат астрономски суми заинтересирани само за својот најтесен домен, без вистински да го решат проблемот, и системот функционира беспрекорно, но несоодветно на човечките потреби. Во Хаг, апсурдно осудување без судење поради кое јунаците разочарани од светот во кој се нашле решаваат да се вратат во својата споменична состојба. Служејќи се многу вешто со различните видови комика, овој одличен сатиричен роман под нивото на комиката дава сериозни значајни поуки и освестува. Напишан по примерот на „Кандид“ што може да се препознае во целокупниот стил: од спомнување на Волтер во посветата, поделбата на поглавја кои носат наслови исти како во „Кандид“ (на формален план со големи букви, на синтаксичко-семантички со прашања кои почнуваат со прашалните зборчиња „Како“, „Зошто“, „Што“ поврзани тематско-содржински), па сѐ до ликовите кои патуваат во придружба наивно очекувајќи подобар свет, најдобриот од сите времиња, а се соочуваат со најлошиот од сите времиња. Кандид му веруваше на Панглос, Александар го имаше и Аристотел и Гоце, но и двајцата мораа да се соочат со вистина која не им е по волја. Сличности со „Кандид“ има многу, до најситни елементи, спомнат е дури и црвениот овен на кој Кандид носеше богатства од земјата Елдорадо, но преклопувањата се во острата кама и копје на сатирата со кои се удира по сѐ и сешто и беспоштедно не се штеди никој во критикувањето и освестувањето. А до каде оди тоа освестување ќе видиме ако се задржиме уште малку само на уште еден важен момент на овој Чекајќи роман – нефантастична објаснета фантастика, фарса, гротеска и сатира.
Некои од вас, можеби, ќе се запрашаат како мене: ако нараторот во овој роман е запишувачот псевдо Венко Андоновски, тогаш кој е оној што одлучи да го потпише овој наратор како псевдо Венко Андоновски? Тоа е една фигура која во книжевната теорија е позната како имплицитен автор. Имплицитен автор не е вистинскиот писател Венко Андоновски, не е гласот што ни раскажува – запишувачот псевдо Венко Андоновски. Вејн Бут, кој е основач на поимот, го дефинира имплицитниот автор како втора верзија на авторот. Тоа е „скриениот“ автор што го препознаваме преку делото – не како реална личност, туку како конструкција, онаков каков што се „чита“ меѓу редови од збирот на вредностите, ставовите, стилот и перспективата, односно тоа е интелегенцијата, умот што стои зад целокупниот текст, тоа е начинот на кој делото ни кажува како да го читаме. Фактички имплицитниот автор е оној кој ја донесол одлуката сите овие настани и ставови опишани во Чекајќи романов да се дело на псевдо Венко Андоновски. Со таа одлука за постоење на псевдо Венко Андоновски, имплицитниот автор ни намигнува нам како читатели. Ако ова е псевдо Венко Андоновски значи не е реалниот Венко Андоновски и имплицитниот автор ни кажува дека Венко Андоновски од нашата стварност се дистанцира од искажаното во смисла: сето ова што го прочитавте може, но и не мора да се сфати како личен став на реалниот писател Венко Андоновски. Но значајно е што овој намиг/намигнување е повеќе од дистанца. Всушност, Венко Андоновски преку имлицитниот автор острата кама и копјето на неговата критика на несовршеностите на овој свет ги насочува и кон авторите, писателите, вперувајќи ги со тоа и кон самиот себе и покажува дека и луѓето што пишуваат треба да се запрашаат за нивниот дел од заедничката одговорност, односно колку со своите дела придонесуваат за постоењето и одржувањето на стигмите кои општеството им ги наметнува на поединците или на одредени групи и придонесува за нивно повлекување, самостигматизација, исклучување од општеството и чувство на осаменост, срам и неприпаѓање, или пак делата придонесуваат за раскринкување и бришење на тие грди, нехумани жигови, обележувања, општествени етикети без разлика дали се однесуваат на нечија физичка или ментална карактеристика, на нечие однесување или припаѓање на некоја група етничка, религиска, социјална. Венко Андоновски со овој роман станува ранлив, прашувајќи се отворено, пред сите нас, колку ја преминал или не ја преминал тенката граница меѓу хуморот и навредата, а со тоа нѐ поттикнува и нас да се запрашаме и колку самите, понекогаш и не реагирајќи или молчејќи, ја зацврстуваме таа етикета што носи срам и исклучување. Без разлика дали овој свет ќе го гледаме како најдобриот од најдобрите можни светови или како најлошиот од најлошите можни, едно е сигурно: еден нормален и здрав свет е свет во кој нема стигми. И тоа го кажал некој многу попаметен од мене: социологот Erving Goffman во 1963 г. кој ја дефинирал нормалноста како отсуство на стигма. Па, да се запрашаме: дали помагаме овој отуѓен, осамен и бесмислено, по разни основи поделен свет, свет на неприпаѓање и неповрзаност – да стане една здрава нормалност без предрасуди, стереотипи и стигми, туку со разбирање, прифаќање и љубов и кон самите себе и алтруистичка – кон сите луѓе.