ОЛГИЦА КРСТЕВСКА МИЛИВОЈЕВИЌ ЗА РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ЈАВА НА ЗАПАД“
ЦИРКУСНА БАЛКАНА СО АМБИВАЛЕНТЕН ЕФЕКТ
Рецензија кон романот „Александар јава на Запад“ од Венко Андоновски од Олгица Крстевска-Миливојевиќ
Најновата книга на Венко Андоновски може да се окарактеризира како политички (не)коректен псевдороман, па дури и како театарско дело со романескна структура, зачнато од фрагменти од минатото на една земја и овоплотено во речиси нефикциска сегашност. И не само тоа: од оваа необична книжевна ДНК, обоена со сатира и алузии, се „изведуваат“ двојни јунаци – на читателот добро познатите Александар Македонски и Гоце Делчев. Во нивните речиси научнофантастични авантури ќе сретнеме и други препознатливи ликови за македонскиот читател, како Кузман Капидан, но и имиња од поново време зад кои ѕиркаат добро познати ликови од секојдневието. На прв поглед, оваа спојка изгледа неверојатно чудна, колку жанровски толку тематски, сè додека делото не биде целосно исчитано. Дури тогаш станува јасно чија вешта рака стои зад оваа книжевна „турлитава“ од симболики, богато наросена со слики од регионални стереотипи.
Прашањето дали станува збор за роман, за театарска бурлеска или за некаков друг книжевен хибрид станува второстепено, особено ако се има предвид дека самиот автор уште во воведот го категоризира делото како „чекајќи роман“. Едно поинакво, но можеби посуштинско прашање се наметнува од повеќе книжевни ќошиња: дали пред овие неверојатни, живи и речиси вистинити авантури на Александар и Гоце треба да се смееме или да плачеме?
Во оваа книжевна игра, чии правила се темелат врз парадоксалноста, читателот наликува на дете што излегло да игра во снег. Ненадејно го погодува снежна топка, па започнува да се смее, но очите почнуват да му солзат, колку од радоста поради играта, толку и од болката на ударот – право в лице!
* * *
Еден ден, Александар и неговиот по дух (но не и по идеали) побратим Гоце тргнуваат во поход кон блескавиот и праведен Запад, вечниот идеал на македонскиот, а најверојатно и на балканскиот човек. Низ нивните патешествија се соочуваат со површноста и нечистотијата на вредностите на современиот човек, стануваат сведоци на урнисаниот и осиромашен морал на поединецот, биваат „изгризани“ од лицемерието на индивидуата во рамките на колективното лажно битисување и поразени од општата морална ерозија на човештвото.
Авторот го „седнува“ читателот во книжевна ложа, а на сцената поставува споменици оживеани во обични луѓе со имиња на историски великани. Тој не тежнее кон историска реконструкција, туку дава карикатурална репрезентација на сегашноста: историјата служи како контекст, а дејството започнува во Армагедонија – земјата на вечната борба меѓу доброто и злото. Постепено, сцената се проширува надвор од оваа земја на внатрешни растргнувања и читателот-гледач станува сведок на една Циркусна Балкана. Тука ликовите често им робуваат на ниските страсти, на лукавоста како знак на „снаодливост“, а низ текстот се редат хипнагошки, речиси „поетски слики“ од долги дијалози во кои се „расчистуваат“ поимите национализам и патриотизам, се раскринкуваат митовите за потеклото на балканските народи, се отвора дури и кадар со „бескрајно убави и крајно тажни девојки“, за да се префрли дејството кај северните соседи. Таму маслото од прасињата на ражен истекува како пасош за одобрени (европски) кредити, потоа следуваат разговори со високо позициониран интелектуалец во првата европска држава на север, Хрватска, којшто на свој начин ја преиспитува егзистенцијата на правната држава и на Бог. Најсетне ќе доживеат и крајно апсурдни ситуации во престолнината на лашкото, каде што обичната неможност на Александар да се снајде со упатството за користење јавен тоалет во „најзападната“ држава од некогашната заедничка татковина, Словенија, ќе ги одведе и него и неговиот сопатник пред главниот европски суд за истерување правда и човекови права во Хаг. И сиот овој апсурд треба паралелно да се ,,проголта“ заедно со премисата дека „и грабливиот човек понекогаш е праведен, затоа што е насамарен“, да се „сварат“ современите митови изградени исклучиво врз база на профит и да се усвои principium inversum, т. е. идејата дека „нејасното понекогаш станува јасно ако се погледне одопаку“.
* * *
На прв поглед, „Александар јава на Запад“ изгледа како целина составена од познати историски фрагменти, зашиени за едно современие преполно со нелогичности. Сепак, зад оваа привидна фрагментарност стои мошне јасна авторска стратегија. Процепите на текстот истовремено се и негови сврзни рабови, по кои авторот вешто го лизга дејството, истовремено беспоштедно нижејќи ги клишеата на кои читателот се смее, а можеби потајно и им верува. Оваа прозна карикатура на денешницата не само што забавува туку и го „збоднува“ умот на читателот, кој останува затечен и исчуден не само пред бизарната сложувалка од ликови и настани туку и пред сопствените, длабоко вкоренети и често несвесни стереотипи во кои се препознава. Авторот ќе запише дека „карикатурите навредуваат, зашто од делот прават целина“, но оди чекор понатаму создавајќи карикатура и од самата целина, вградена во хиперболизирана, бесмислена егзистенција во која човекот го губи својот корен, а се чини, и својот компас.
Андоновски решително го разобличува популизмот, но не како историски континуиран феномен туку како сеприсутна појава во актуелната реалност и во колективните визии за иднината. Истовремено, тој го разоткрива и она што се знае, но се премолчува: дека зад балканската гостопримливост често демне лицемерие, зад локалниот примитивен патриотизам – неукост и личен интерес, зад (про)западните идеали – валкани игри за лично богатење, а зад правдата пред камера – длабока неправда кон цели народи и заедници. Авторот отворено се задева со балканските трауми, не (само) со оние од дамнешното минато, туку со оние од пред неколку децении, сè уште незацелени. Токму поради тоа, делото е исклучително деликатно, но таа деликатност на граница со извичник во пишувањето, авторот умешно ја трансформира во своевидно балканско продолжение на неговите први „фрески и гротески“.
Иако овој пристап може да се чини нов, поканата до читателот постојано да ги осознава и преиспитува правилата на книжевната игра никако не е нова во опусот на Андоновски. Читателот излегува од ова дело повешт во читањето „меѓу редови“. Тука Венко останува неприкосновен во својата способност да го искушува читателот да чита поинаку... или никако. Јазикот е чист и флуиден, исполнет со бројни пароними со длабока сатирична функција, како и со контрастни јазични единици составени од звучни интернационализми и домашни архаични синтагми, кои ја омекнуваат тензијата меѓу различните јазични и културни слоеви.
Текстот останува отворен за повеќеслојни интерпретации и е преполн со симболи на балканскиот Македонец (и македонскиот Балканец): од асоцијативно „жолтата“, преку ќебапите, до Александар и Гоце како ликови, но и како споменици во еден книжевен, дизнилендски времеплов. Читателот постојано се надева дека од некој временски агол ќе го дочека подвиг достоен за овие историски херои, но тие се сведени на обични луѓе со сите слабости на тлото на кое живеат. Оттука, делото суштински се доближува до трагикомедијата: додека некој плаче, некој се смее, а некој се прашува кој кому и каде припаѓа и од каде доаѓа, возот со нашите деца заминува во недојдија од каде што враќањето дома се доживува како неуспешна животна мисија.
* * *
Покрај балканската циркусијада, читателот сведочи и пародија на демократските мерила, при што во општествата што важат за „пример“, истото однесување се санкционира кога го практикуваат оние од „недемократските“ заедници. Оттука, се наметнува личната дилема: дали оваа книжевна ода на квазилогиката на современиот свет функционира како морален предизвик, како упатство за читање на баналното секојдневие, како политичка фарса или, пак, првенствено како четиво за разонода?
Но како што вели авторот дека „секој човек е повеќе од делот што му е највидлив“, така и ова дело е повеќе од историските ликови и нивните измислени одисеи. Тоа е повик за освестување на сопствените агли на гледање, повик за надминување на нелогичностите и генерализациите, повик за излегување од затворот на закржлавените уверувања, а со цел трајно „градење и развивање на духот“, како што вели уште еден лик-дух(овник) во книгата, Аристотел од Свилајнац.
И не само духот, туку и вистинската уметност треба да се гради и да се развива и не смее да се сведе на обичен извештај за животот. Таа мора да продолжи да создава нови стварности, како што книжевноста од баналното создава нова реалност. Оттука, делото може да се чита и како комплексна симболичка мапа на балканштината, во која историските фигури, националните митови и секојдневните културни знаци се предмет на радикално преиспитување. Во таа перспектива, текстот отвора критички простор во кој читателот се соочува со сопствената позиција во еден историски и општествено парадоксален контекст, но и со поширок значенски хоризонт што дејствува како предупредување од мрачната шизофренија на современиот човек, без оглед на тоа на кое (не)европско тло се наоѓа.