МРАЧЕН ПОГЛЕД КОН ПЕКОЛНАТА ИДНИНА
Наташа Атанасова, авторка на Блен.мк
(кон романот „Млечни заби“ од Хелене Буковски. Превод од германски: Слободанка Поповска. Издавач: „Три“, 2024 г.)
Со ПМ-10 и ПМ-50 честичките се занимаваме само во зима, кога живееме обвиени од магла и се будиме со кашлање. Додека не дојде пролет. Глобалното затоплување и климатските промени нè интересираат само налето, кога удираат силните топлотни бранови и се печеме на сè повисока температура. Додека не дојде есен. И така секоја година.
И дури ние се вртиме во круг, германската писателка Хелене Буковски се обидела да ја замисли иднината што нè чека со климатските промени и да ја претвори во роман. А приказната за иднината видена низ нејзиниот дебитантски роман „Млечни заби“, издаден во 2019 година, е мрачна и дистописка.
На почетокот беше маглата
Зборот со кој почнува овој роман е „маглата“. Всушност, тоа е првото нешто на коешто се сеќава раскажувачката Скалде, збор кој претставува синоним за почетокот на бурните климатски промени кои претставуваат подлошка за приказната. Хронотопот на романот не е јасно одреден. Претпоставуваме дека станува збор за идно време во однос на нашето, во кое по некаков пожар или потаен процес, како резултат на неодговорниот однос кон природата, дошле долги години на магла, по што на сцена настапува пеколното сонце. И претпоставуваме дека станува збор за посеверни предели на Земјата, каде што некогаш имало поларни студови, па жешките температури сепак не успеале да го збришат целосно животот.
А како изгледа живеењето во ова време и на овој простор, во овој свет излезен од контрола, каде што е толку жешко, човек да полуди? Сонцето е пурпурно црвено, времето е угнетувачки топло и секој ден малку потопло од претходниот. Луѓето живеат со целосно спуштени темни завеси, а сепак, воздухот внатре е исто така задушлив колку и надвор. Од горештините им се врти во главата, а сончевата светлина е толку блескава што им причинува болка во очите.
Нема дожд ни за лек, птиците изумираат паѓајќи од небото, животните се разболуваат и умираат, а луѓето ги јадат, затоа што гладот е поголем од стравот од болестите што можат да се закачат. Оние животни што ќе преживеат со секоја нова генерација ја губат бојата и стануваат бели. Инсектите, секако, се ројат. Од домашните животни само зајаците и кокошките го преживуваат големиот помор, а културите што човекот може да ги одгледува за храна се бројат на прсти. Растенијата и дрвјата цветаат и прецветуваат, плодовите се оскудни, па луѓето јадат и корења.
Свет во свет во светот
Приказната се врти околу три женски ликови – Скалде, млада жена која раскажува; Едит, постара жена со која таа живее и за која откриваме дека ѝ е мајка; и Мајзис, мало девојче со пламено црвена коса, дојденче во нивната област од некаде, кое Скалде ќе го прибере да живее со нив и покрај заканите од луѓето во областа. Така, животот на овие жени е живот во нивниот мал свет во куќата исполнета со книги и опкружена со градина; обид за соживот во рамки на светот на заедницата и, на крај, запрашаност за светот надвор од овие два света.
А секој од овие три света си има свои специфики:
Нивниот мал свет – односот меѓу Скалде и Едит е комплициран и проблематичен однос на „сакање–мразење“, на меѓусебна зависност и завист, исполнет со трауматични сеќавања и негативен набој. Скалде е ќерка на Едит и Нуал, човек од областа кој пред две децении ја примил дојденката Едит во својот дом и покрај противењето на луѓето од областа. Нуал умира во неразјаснети околности (за што Скалде во себе ја обвинува Едит), а двете жени остануваат да живеат во неговата куќа вечно неприфатени од околината и во меѓусебна војна. Кога ќе се појави Мајзис, овие чувства остануваат, само што почнуваат да шетаат од едната на другата страна на клацкалката на која една спроти друга седат мајката и ќерката – ако првично Скалде е мајчински настроена кон Мајзис, а Едит инсистира да се ослободат од девојчето, постепено Едит и Мајзис се зближуваат, а Скалде почнува да се однесува кон Мајзис онака како што Едит се однесувала кон неа.
Светот на заедницата – светот на дваесетината луѓе кои ја имаат населено областа е мал и затворен, кој и во временска и во просторна смисла на зборот се чини како крајот на светот. Оваа заедница, измачена од глад, страв и несигурност, во борбата за опстанок сфатила дека се наоѓа на безбедна територија, па го урнале мостот преку реката за да го спречат доаѓањето на жив свет што може да ги загрози, и така останале да живеат во изолација. Во тој жив свет исклучок не се ниту луѓето – прво Едит, која допливала преку реката од целосно пеплосани краишта и која никогаш не ја прифатиле, а по многу години и Мајзис, која доаѓа од шумата и која немаат никаква намера да ја прифатат. Ова е заедница за која Едит кажува дека попрво би оставила јаболка да гнијат отколку да ѝ дадат едно, заедница која на многу начини ја малтретирала Скалде во текот на целиот нејзин живот и никогаш не ја прифатила, заедница која зборува дека Мајзис треба да се удави онака како што старите луѓе ги давеле мачките.
Светот надвор е паричка со две страни. На едната страна е сликата што ја има замислено заедницата – уништен свет во кој нема куќи, нема храна и нема никој што би можел да ти помогне, свет од кој можат да дојдат само опасности и со кој не посакуваат да имаат никаков контакт. На другата страна, пак, е сликата за тоа како го замислуваат Едит, Мајзис, а можеби и девојчињата од заедницата за чие исчезнување луѓето ја обвинуваат Мајзис – свет во кој можеби има подобри услови за живот, свет на кој треба да му се даде шанса и во кој треба да се појде, и покрај силните стеги на заедницата.
Млечните заби на стравот
Раскажувајќи ја својата приказна за светот каков што го знаела, Скалде уште на првите страници се сеќава на денот кога ѝ паднал првиот млечен заб. Како што ќе ѝ каже мајка ѝ, на сите од областа им паѓале млечните заби, но тоа не им се случувало на дојденците. За заедницата тоа е доказ за припадност, макар што во случајот со Скалде, сепак, прават исклучок – и покрај тоа што нејзините млечни заби паднале, како ќерка на дојденка, таа никогаш нема да биде прифатена.
Но оваа територија и оваа заедница се целиот свет за Скалде, целиот живот, нејзиниот дом. Па така, таа ги измолува луѓето дека ѝ треба уште малку време на Мајзис, која е мала, за да ѝ паднат млечните заби, а кога ќе се случи тоа, да ѝ дадат дозвола да остане. Нејзината желба за припадност оди дотаму што Скалде останува слепа за непријателската настроеност на заедницата кон нивниот мал свет и глува за убедувањата на мајка ѝ дека треба да ја напуштат областа. И додека стравував дека во романот ќе видам слична сцена на избивање заби како во филмот „Песјак“ на Јоргос Лантимос, тоа не се случи. На сосема поинаков, но сепак болен начин, Скалде еден ден почнува да гледа и да слуша. Болно како и со вистинските, сега ѝ паѓаат и имагинарните млечни заби што ја држат заробена во челуста на стравот. За да се појават на нивно место постојаните заби на храброста.
Овој екодистописки роман со постапокалиптична атмосфера е директна критика за ставањето под тепих на актуелните проблеми од глобални размери, како што се загадувањето, затоплувањето и климатските промени. Во исто време, тој е критика и на актуелните светски социјални проблеми какви што се ксенофобијата и исклучувањето на другите, поинаквите.
Но освен тоа, „Млечни заби“ може да се гледа и како роман за неопходноста човештвото да созрее, да го види купот проблеми натрупани во морето на сегашноста и да се подготви за едно долго препливување – за да нè не дочека една ваква мрачна иднина.