НЕГУВАМ ЗНАЧИ ПОСТОЈАМ – РЕЦЕНЗИЈА ОД НАТАША АТАНАСОВА

НЕГУВАМ ЗНАЧИ ПОСТОЈАМ – РЕЦЕНЗИЈА ОД НАТАША АТАНАСОВА

Наташа Атанасова, авторка на Блен.мк

(кон графичката новела „Големите пространства“ од Катрин Мерис. Превод од француски: Офелија Ковилоска. Издавач: „Три“, 2024 г.)

Ова е книга која, како и секоја друга, може да се чита во секое време, но ако ја фатите за време на силни маглишта и загаденост – малку повеќе ќе ве погоди. Ако во моментов и кај вас времето е такво, сиво и депресивно, загледајте се во некој од ѕидовите околу вас и замислете како би било да се појави еден портал што гледа кон бескрајни полиња и ливади. Ѕирнете внатре – и веќе сте влегле во приказната на графичката новела „Големите пространства“.

Село, живот и живот на село

Како што го почнав јас овој текст, така и Катрин Мерис ја почнува својата автобиографска графичка новела. Таа е млада жена што живее во Париз и сонува за погледот кон природни пространства што го имала во текот на своето детство.

Така, без многу заобиколување, почнува да ја раскажува приказната за своето растење, кога со семејството се доселиле во мало село со околу двесте жители, каде што со сестра ѝ стекнале нови другарчиња од човечкото и од животинското царство.

Додека таткото со камења ја преградува и доградува старата фарма која станува нивниот нов дом, а мајката се занимава со садење и негување на секакви растенија, децата со целата своја љубопитност го истражуваат светот околу себе. Село е, па за смртта учат од прва рака: умрените бумбари ги закопуваат во кутичиња од кибрит, а болните ежови, ветрушки, дроздови и косови што ги убила мачката во кутии од чевли на крајот од градината; го сведочат колективното умирање на кокошките од срцев удар кога ќе ги преплаши едно бучно куче што ќе се стрча меѓу нив; учествуваат во живнувањето на соседните домаќинства кога се колат свињи... И сосема нормално е да се каже дека, кога живееш в село, се навикнуваш на смртта, а животот е тој што те изненадува во моментите кога децата ја гледаат козата како се ојарува.

Учат и животни лекции, како, на пример, дека кога гуската ќе убие кокошка, завршува во гулаш, но дека кога човек се забавува ставајќи им петарди во устите на рибите – не завршува во гулаш.

Живеејќи на село, децата градат посебен однос и со сè друго околу нив: со старите камења во чии гравури ги препознаваат цветовите од облеката на кралевите од учебниците; со фосилизираните школки и со старите ʼрѓосани шајки, па дури и со лајната (Додека има лајна, има и живот!) кои ги носат дома и од нив прават поставка за својот детски музеј; со старите дрвја и со растенијата кои се природни потсетници за тоа што го носи со себе природата во одреден временски период и со цвеќињата чии текстури, изглед и мирис во себе содржат многу приказни за разни времиња и простори.

Културен однос кон природата

Како што може да се насети од претходниот дел, животот на децата и на ова семејство на село не значи само опкруженост со природата, туку и специфичен однос кон неа. Однос кој се базира врз чувствата на почит и должност таа да се негува, да ѝ се враќа за тоа што ни го дава. Однос што слободно можеме да го наречеме културен однос кон природата.

Иако човековата култура многу често се гледа како спротивност на природата, како негова желба за менување, надградување и надминување на даденостите од природата, оваа графичка новела ни покажува дека тоа не мора да биде така. Дека природата и културата можат да одат рака подрака.

Ова во „Големите пространства“ е особено видливо преку ликот на мајката. Објаснувајќи им на децата што и зошто прави, таа тоа постојано го поврзува со приказни од уметноста. На нивната фарма впечатлива е нејзината категорија на „книжевни растенија“, каде што припаѓаат розата што ја одгледувале античките Грци и која мириса трогателно, розата земена од куќата на Пруст во Илиер-Комбре, розата на Монтењ, смоквата од гробиштата во опатијата Мајзе каде што престојувал Рабле, каранфилите на Пјер Лоти... А интересна е и нејзината критика за бесмислиците на Зола поврзани со растењето на растенијата во „Грешката на опатот Муре“, кои кулминираат со зборовите: Ни в земја да ја посадиш книгава, растенијата во неа не би растеле побрзо.

Овој однос кон делото на Зола, додека малата Катрин се чуди како може мајка ѝ да го кажува тоа за еден голем писател како него, зборува за уште една многу важна тема што е опфатена во оваа книга, а тоа негувањето критички однос кон светот околу нас.

Критички однос проткаен со хумор

Уште со почетокот на приказната, кога ја изразува својата желбата да кидне од сивилото на бетонскиот град во големите природни пространства на селото, Мерис почнува да го остри своето перо, кое непрекинато скокотка и боцка секаде каде што постои некое воспаление – на телото на селото.

Да, селото – кое низ приказната се идеализира како одлично место за живеење – под влијание на промените во градот, станува и одлично место за критика. Така, оваа новела почнува да боцка со стрип-таблите на кои се прикажани сцени како од хорор-филм кога нивите со пченка за добитокот се прскаат со крвта од кланицата, па од неподносливата смрдеа не може да се дише. А понатаму боцка и:

  • за индустријализацијата на земјоделството поради која селаните ги сечеле дрвјата и правеле ниви што можат да се обработуваат машински;
  • кога вели дека моторните пили и ловечките пушки ѝ се слични;
  • преку муабетите со статуата-џуџе за извештаченоста и здодевната правилност на версајските градини, кои се целосна спротивност на живописното безредие на природните пејзажи;
  • за високонапонските далноводи низ полињата;
  • за монокултурите и уништувањето на пчелите и инсектите;
  • за уништувањето на природата под превезот на екоградежништвото (Смртната казна треба да се укине за сите, освен за архитектите, гневно вели таткото);
  • за политичарите кои знаат да изградат и прекрасни тематски паркови со задни намери за промоција и пласирање на закоравени „традиционални“ вредности со кои сакаат да приграбат поголема политичка моќ...

Оваа серија боцкања испреплетена со досетлив хумор кулминира со најостриот убод што го прават зборовите на мајка ѝ, која вели: Понекогаш се прашувам дали селото, кое отсекогаш им се потсмевало на градот и на неговата историја, не се стреми да стане исто толку налудничаво како градот. Убод кој нè потсетува дека критичкиот однос кон стварноста е неопходен за нашето психичко здравје, онака како што здравата животна средина е неопходна за нашето физичко здравје.

Негувам значи постојам

И, како што веќе деловите во овој текст тргнаа да се надоврзуваат еден на друг, на крајот, од критичкиот однос кон светот и смислата за хумор на Катрин, доаѓаме до откривањето на нејзините таленти.

По посетата на музејот „Лувр“ во Париз, таа станува опседната со цртање на природата, во духот на романтичарските сликари. А кога ќе го одбијат нејзиниот постер за локалниот фестивал на сирење, фрустрациите почнува да ги преточува во карикатури кои ги засмеваат нејзините другари и така станува карикатурист, повик кој од селото ќе ја однесе во градот.

Интересно за Катрин Мерис е што таа е првата жена карикатурист во најпознатото сатирично неделно списание во Франција „Шарли Ебдо“. И жена којашто имала неверојатна среќа да задоцни на работа на 7 јануари 2015 година и на тој начин да се спаси од терористичкиот напад во кој 12 нејзини колеги и колешки го загубија животот, а 11 беа ранети. По овој инцидент, таа си заминала од списанието и се повлекла во селото кај нејзините родители, каде што ја создала оваа стрип-приказна со наслов „Големите пространства“.

Хрватскиот писател Дамир Каракаш вели дека секој писател само еднаш во животот има право да напише книга за детството. „Големите пространства“ на Мерис е токму тоа. Една лечебна книга напишана во најтешкиот период од животот на Мерис, кога мислите за зелениот рај од детството ѝ ги полнат градите со свежината на старите работи. Од времето и просторот каде што го поминала своето детство, растела и го осознавала светот, онаму каде што зборот „слобода“ се јавува како лајтмотив, онаму каде што ги стекнала најважните животни лекции, таа ја откопува суштината на оваа книга: човекот мора прво да ги препознае, а потоа и да ги негува работите кои се вистински вредни и важни.

Ние мораме да бидеме во допир со природата и да се едуцираме; мораме еднакво да ги истражуваме и природата и уметноста и тоа да го преточиме во нашата култура. Запознавајќи го старото, да го создаваме новото. Онака како што мајката ги сади, негува и размножува своите калеми, кои се продолжение на животот на древните растенија, и онака како што таткото ги делка старите камења за да гради нови ѕидови.

„Големите пространства“ е повеќеслојна книга која претставува суптилен повик кон човештвото да се врати на своите корени, признавајќи ги големината на природата, моќта на културата и нивната еднаква важност. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново