ОЛГИЦА КРСТЕВСКА МИЛИВОЈЕВИЌ ЗА РОМАНОТ „ЌЕ ПОМИНЕ И МОЌТА“

ОЛГИЦА КРСТЕВСКА МИЛИВОЈЕВИЌ ЗА РОМАНОТ „ЌЕ ПОМИНЕ И МОЌТА“
ГУСТО ИСТКАЕНА КНИГА ШТО СЕ ЧИТА СО СИТЕ СЕТИЛА
Осврт кон романот „Ќе помине и Mоќта“ од Ирена Јурчева од Олгица Крстевска Миливојевиќ


Романот „Ќе помине и моќта“ е еден навистина редок пример во современата македонска проза којшто храбро се осмелува да исчекори на тромеѓето на психолошкото, духовното и митското искуство на човекот. По својата форма, пак, тој храбро стапнува на уште едно тромеѓе: збирка со поетски насловени и длабоко поврзани приказни, слоевит и разгранет психолошки роман и личен дневник. Во него се поставуваат прашања коишто современиот човек денес најчесто ги потиснува: што значи внатрешна моќ? Кој е нејзиниот создател? Кому му припаѓа таа: на земното или на оноземното? На Бога или на човекот? Дали (само) преку натприродните дарби, човекот се доближува до концептот на Богочовек или сепак тоа доближување е ретко и не му е секому дадено?

Ликот носител на дарбата да проникнува во туѓите души и да ги покорува на својата волја, е Адријан. Овој чувствителен младич, распукан од внатрешни и надворешни удари, претставува архетип на еден јунговски патник низ сенките на животот. Тој својата моќ не ја гледа како привилегија, ами како духовен товар што бара цена. Моќта за него претставува и еден вид проклетство, оти за да ја активира, мора да се откаже од себеси, да навлезе во туѓото срце и да го осети туѓото бреме. Оттука се изјазуваат и прашања со морално-филозофска тежина: до каде можеме и смееме да му помогнеме другому со откажување на дел од себството? И дали она што го даваме е добрина, љубов или нешто сосема друго, нешто безимено, неописливо, необјасниво со зборови?

Сите ликови во романот се тесно испреплетени со Андријановите животни искуства и секогаш се прикажани низ перспективата на главниот лик. Сè почнува и завршува со и во него. Уште од многу рана возраст, детето со име на океан е втиховено во тагата и тегобноста на споменот на прерано загубената мајка. Тој воедно расте и дише со љубовта и грижата од баба си и дедо си од Габрово, оние од мајчина страна. Татковите родители се присутни, но во нив не се насетува топлиот и сигурен однос што го развива со првите. 

Сеприсутен е и ликот на Дениз, жената којашто му станува втора мајка. За неа, Адријан ќе напише во својот тефтер со поткината кожена корица: „Таа молчи, но нејзината Моќ го обликува мојот пат; јас сум нејзиното дело, а светот моја сцена“. Дениз, пак, нему ќе му рече: „Сè што те учев... беше вистината и беше љубов“. Таа секогаш ќе го дочекува „на меко тло“ кога мислите на Адријан ќе се разжуборат, кога Моќта го искушува, кога доживува длабоки животни разочарувања. Дениз е секогаш тука, навалена во плишаната фотелја во пријатниот амбиент на малиот стан, го пречекува со топол чај чиј дим се извива до срцето на младиот Адријан шепотејќи му: сигурен си со мене, зборувај ми, те разбирам. Таа за него претставува сила и поткрепа, сигурност и топлина. Светилиште и засолниште. Дениз е алтер егото на Адријан. Можеби токму поради нејзиниот животен повик – психологијата, и тој самиот зачекорува по таа патека. Можеби и оти Моќта му говори дека за да ја разбере душата на човекот, треба да се нурне во науката за човековата психа.

Покрај ликот на Дениз, не помалку присутни се тројцата блиски другари на Адријан, Стамен Огнениот, Илија Земјотресниот и Дамјан Ураганот. Скоро сите потекнуваат од различни животни средини, но заедно го доживуваат личниот растеж со полна младешка сила. Тие се неговото забрзување кога му треба адреналин, но и сидрото кога му треба рамнотежа. Нивната заемна поврзаност е толку цврста што во ниту еден миг не се разнишуваат нејзините темели. Дури и кога Адријан длабоко се сомнева во постојаноста на својата Моќ, вербата во истрајноста на ова другарство е непоместлива. Ликовите се втиснати во една лесна фреска на Скопје во почетоците на 2000-те години, град којшто самиот тешко созрева, град во процес на транзиција чиј крај не се гледа. Град сведок на созревањето на една генерација млади луѓе кои се бараат себеси, дишат во него, а напати и се задушуваат.

* * *

„Ќе помине и Моќта“ е и роман за единката наспроти системот и неговите стеги, роман за дивото и неприпитомливото, за адолесценцијата и нејзините предизвици, но и роман за созревањето низ тивката револуција против конформизмот (што се закоренува токму во школските клупи). Роман против послушноста, покорноста, млакоста, против сето она што е антидот на волчјата природа. Волкот станува тотем во внатрешниот свет на Адријан и симбол на непоколебливата волја на машкото водство.

Романот удира таму каде што општеството молчи и честопати е немоќно: семејното насилство, самохраните семејства, емоционалната запоставеност, а не помалку и наивната духовност и судирот помеѓу институционалната и личната вера. Адријан ја губи мајка си на деветгодишна возраст и останува да живее сам со татка си – олицетворение на грубост и родителска љубов без мудрост. Тој го изложува синот единец на ригидни животни правила вкоренети во верски фанатизам, и на железна дисциплина според која го воспитува синот. Адријан е принуден да ја истражува границата на она што се нарекува таткова љубов, попатно изразувајќи силен револт којшто не е само адолесцентски, ами е, пред сè, природен и хуман револт против индивидуалното бивање во рамките на една болна колективна (не)свест.

Она што се издвојува во книгата е умешното преплетување на религиозните архетипи со Толкиновата митологија, без авторката да навлегува во некакво копирање или имитирање. Наместо тоа, таа создава локална митска поетика во која планината е лик, водата е исцелување, шумата е заштита (но и закана), а волкот е совест и парадигма за машката, но и за човечката зрелост на дејствување. Толкин во романот не се јавува како структурен модел, туку како естетско ехо, покажувајќи дека фантастичното може да биде духовно, а духовното умее да биде и конкретно, и материјално, и телесно. Низ оваа духовна присутност на митското, се провлекува и прашањето: каде почнува реалноста, таму каде што ни е вербата или таму каде што ни се очите? 

Всушност, читателот сето време се наоѓа на границата помеѓу гледање во физичката реалност, од една страна, и од друга страна, поглед кон широките полињата на отадеземното, духовното, дури и мистичното. Така, ако читателот му го сврти грбот на мистичното, навидум се отвора за конкретното, тактилното, светот во 3Д. Му го сврти ли грбот на овоземното, се отвора кон повисоките сфери на безграничните можности на душата. Читателот може сам да одбере во што ќе гледа и во што ќе верува. Но додека ја избира адекватната перспектива, можеби не согледува дека доволно е само да ги затвори очите за да увиди дека граница помеѓу двата света нема. Затворајќи ги очите, читателот го отвора срцето за големата вистина дека границите се исцртани во нашиот ум, а во нас внатре се протега широкото поле на семожноста и на бесконечноста. Таму не се досега со окото, ами само со душата.

* * *

Преку саморефлексијата за сопствената моќ, Адријан го соочува читателот со размислата за Бог, за границите на религијата со слободата на вер(б)ата. Низ повеќе сцени се наѕира тивката нетрпеливост кон строгоста на верските рамки, конкретно кон натурањето на каква било визија за постоењето на Бог. Колку ова прашање е од интимен ред, толку добива јасна насока на мислата преку присутноста на два клучни лика: Дениз, втората мајка на Адријан, и Мерсиха, девојката со физички недостаток и, можеби, најдлабоката Адријанова љубов. Токму преку блискоста со нив, и двете со поинаква религиозна припадност од онаа на главниот лик, авторката го поставува принципот на љубовта над каква било различност по вера или по физикус. Токму во прецизното профилирање на овие односи, се чита зрелоста во која се растопуваат сите дубиози околу религиите. Тука е зачнато семето на неусловената љубов, која е над секаква религиозна догма.

Врз палетата од женски ликови, во романот се извива еден длабоко чувствен и суптилен еротски тон, кој не служи за сензација туку е прикажан, најпрвин, како дел од созревањето на главниот лик, а потем и како сврзен дел од човечката природа. За Адријан, нежноста е дел од сексуалноста, таа е составно ткиво на неговата мажественост. Низ неговиот животен и машки ракурс дефилираат многу жени, а тој кон секоја чувствува длабока почит, a потем и жед, и страст, и копнеж, и чиста возбуда по женското тело. Женското тело за него ќе стане полигон на којшто неговата машкост и епикуровска сласт ќе се вежбаат до усовршување на машките љубовнички вештини. Во секој женски лик, од првото љубовно искуство до русалката – синоним за женственоста, тој ќе ѝ се поклонува на женската енергија што ја бранува неговата телесност. Адријан е и љубовник и исповедник, и острастен и страствува, и се движи и мирува под женската прелест и убавина. Од Ана, првата љубов, преку Мерсиха, неговата длабока неостварена љубов, потоа низ сензуалноста на Љ., тој стигнува до идеалот за женското присуство во неговиот живот: русалката како мека, тајна и тивка присутност на женската сила во неговото постоење. Сепак, Адријан умее да постави и јасна граница со женските ликови. Ирена Раскажувачката, девојката од раната младост на неговиот најблизок другар Дамјан Ураганот, и нему ќе му стане мошне блиска пријателка, дури и исповедничка, но со неа тој ја исцртува јасната линија помеѓу сексуалноста и човечката лојалност.

* * *

Еден од можеби најпрекрасните составни елементи на романот е темпото на раскажување. Тоа е внимателно, се чини скоро бавно; ритамот е мек, оди до големи длабочини, дури и кога авторката раскажува опасни авантуристички мигови во кои животите на главните ликови се доведени во прашање. Овој стил дозволува читателот да слуша и да го наслушнува пукањето на дрвцата кај бабата и дедото, тишината како предзнак, музиката на Бах како извор на свест, интензивните рок-звуци, дождот и накиснатата земја, да ја мирисне храната приготвена од раце полни со љубов. Овие моменти во романот не повикуваат на класична носталгија, ами одат подалеку: тие се внатрешно паметење и прустовско длабење по меморијата. И по времето. 

Времето во романот навидум оди по своја утврдена незапирлива патека. Токму по таа патека го гледаме малиот Адријан покрај гробот на мајка си, со сведната глава и со цврсто стиснати предмети што нејзе бескрајно ѝ значеле. Го гледаме и Адријан како триесетгодишен зрел маж, чија животна патека е длабоко загазена, чиј правец е јасно исцртан. Но во таа временска линеарност, постојано се случуваат хронолошки дигресии со смислена раскажувачка димензија. Времето е прикажано како илузорен, но неопходен концепт без кој човекот не би можел да го поима ниту просторот околу себе. Оттука, авторката ќе напише: „ако времето е конструкт на умот и ако не постои како објективна реалност, тогаш сегашноста, минатото и иднината се случуваат истовремено, како во книга во која секогаш можеш да се вратиш на почетокот или да скокнеш до крајот. Тогаш сите слики од детството и од младоста се одвиваат овде и сега“. Веднаш потоа, мислите на Адријан се надоврзуваат: „Времето е илузија. Бесмислено е да речам дека нешто ќе помине, зашто заминува само тоа што постои. Но има нешто што исчезнува токму додека минува, нешто што се губи во самото минување...“

И токму низ овие временски лавиринти, авторката го изненадува читателот со авантуристички секвенци, од чии ќошиња ненадејно бликнува некое симпатично патување во блиска или во подалечна земја. Читателот ќе го искуси Париз низ Лувр, Версај, Нотр Дам, Музејот Орсеј, Луксембуршкиот парк, Париз, како што го опишува Адријан, низ „талкање и губење низ старите, тесни калдрмисани улички со старински книжарници, антикварници и мали кафулиња. [...] Париз е како искусен и ненаситен љубовник – знае како да те заведе со префинет допир, да ти ги најде осетливите точки на телото, да ти нурне во душата, да те нахрани до наситка, но и убаво да те исцеди. Капнат си од замор, а нозете и рацете сами ти се движат по неговите улици.“ Потем патувањата продолжуваат во земјата на луѓето „кои со својот дух, топлина и отвореност најмногу наликуваат на Македонците“, земјата на Ирците и градот Белфаст. Топлината на Медитеранот не е заборавена, таа чмае во „тесните улички на Науса, туристичко село на кикладскиот остров Парос. Некои плочки од патеките се исцртани со фигури – срциња, детелинки, букви… [...] во варосаните куќи, црквичките со сини, зелени и розови прозорци, белите скали на кои секогаш дреме некоја мачка. Нивните ѕидови се обраснати со бугенвилии. Таа нивна животворна црвена боја е во остар контраст со целата белина на местото. Како да си нашол скриено селце направено од седеф.“ Од некаде се појавуваат и мали патописи од патувањата низ Стразбур, Баден-Баден, Колмар. И од сите скриени и нескриени места по светот, Адријан се враќа во Струмица, покрај Колешинските и Смоларските Водопади, во Скопје со живописниот кањон Матка и Камениот мост во сета негова историска раскош, во Крушево со напукнатите рабови од времето...

* * *

„Ќе помине и моќата“ не е роман што дава готови одговори. Ниту Адријан наоѓа едноставни решенија ниту, пак, авторката оди во таа насока. Таа не проповеда низ дискурсот, ами низ машки глас, во прво лице еднина и во форма на интимна исповед, зборува за лик исправен пред сопствената невообичаеност, чудност, реткост. Таа бара од читателот да размисли колку е подготвен да ја отвори својата душа да ја соѕерца вистината. Во суштина, книгата е предизвик да се соочиме со себеси и да се прашаме колку сме подготвени да дадеме од себе за да станеме подобри? Дали и колку сме спремни добрината да биде нашиот избор? До каде можеме да буричкаме потаму во себе за да ја изнајдеме сопствената моќ, наспроти сè што светот ни вели дека (не) треба да бидеме?

Всушност, авторката суптилно нè наведува на заклучокот дека моќта без понизност, без свесност, без мудрост е – проклетство. Силата на Моќта е света само ако се користи унизено, за доброто нечие, а не – in fine – за себеузвишение. Моќта е вистинска само ако ја сочува моќта на слободата на изборот кому и зошто ќе му помогнеме. Секој дар, ако е придружен од големото его, е проклететство. Секој дар, ако се користи со добрина, со с(о)вест и благородност, има предзнак на велика мисија. Мора да се остане на штрек со сопствените избори, оти добрината без избор не е секогаш мудра. Но секоја мудрост е добрина. Изборот на добрина е можеби највисокиот морал што секоја личност треба да го стори. И во оваа смисла романот го достигнува својот највисок етички врв.

Затоа, „Ќе помине и моќта“ е утврдена, зрела и необично храбра творба. Меѓу малкуте дела што толку отворено задираат во духовноста надвор од религијата, во траумата надвор од психолошките рамки и во митот надвор од фантастиката. Оваа густо исткаена книга се чита со сите сетила, не само со умот. Таа остава место во читателот што мора да се дополни. Со личен одговор којшто се подава од тишината. Како што авторката, низ гласот на Адријан, ќе напише: 

„Има нешто кое уште од вечноста зјае над нас, како ѕвездено окно, како бескраен простор. Виси над мене и само што не ме закрилило. Како да чека на мене да го здогледам и да го прифатам. Можеби е самото воздушно пространство, или некакво духовно битие кое ќе го именувам со Тишина. Јас, како човек во тело, сакам да го замислам и да го насликам тоа нешто кое неовоплотено лебди над секој од нас. Било присутно уште пред да настанат световите и да се испишат белите страници на нив, а ќе остане и по нивниот крај. А зар крајот и почетокот не се исто? Нели се иста празнина и тишина? 

Тишината е дар на ангелите, дадена им е на нивниот почеток, кога се изнедриле од мислата Божја. Прогледале во тишина во себе и во Создателот. Види и тихувај. Душата ја бара и копнее по неа, како ехо од Бога, како присна средба со себе си, надвор од целиот дразбен свет. Толку е моќно продорна, а кревка во бучниот свет. Згуснува брзо, се расејува мигум. Тихуваме за да видиме.“

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново