КНИЖЕВНОСТА ИМА ПОГОЛЕМА МОЌ ОД ПОЛИТИКАТА – РЕЦЕНЗИЈА ЗА „АЛЕКСАНДАР ЈАВА НА ЗАПАД“

КНИЖЕВНОСТА ИМА ПОГОЛЕМА МОЌ ОД ПОЛИТИКАТА – РЕЦЕНЗИЈА ЗА „АЛЕКСАНДАР ЈАВА НА ЗАПАД“
Промотивен осврт на Весна Мојсова-Чепишевска за „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски

КНИЖЕВНОСТА ИМА ПОГОЛЕМА МОЌ ОД ПОЛИТИКАТА

Живееме во време кога е потребно да се изнајде нов начин на читање, а не нов начин на пишување. Зашто, ако на приказната не ѝ се потребни убавиот јазик и убавиот збор, тогаш сигурно ѝ е неопходен убавиот начин на читање, кој сега засега (како формула, како збир на правила) не постои, но се надеваме дека со текот на времето и ќе се пронајде. Впрочем, како што постојат талентирани и неталентирани писатели, така постојат и надарени и ненадарени читатели.

Да се пронајде нов начин на читање, да се поведе некоја друга, нова игра со читателот – тоа во прв план го истакнува Андоновски во својата поетика. Читателот е ставен во центарот на вниманието, тој не е ниту пасивен консумент ниту, пак, е надвор од самото дело (овој пат од она што самиот автор го именува како „чекајќи роман“ или, поточно, она што запишувачот псевдо-Венко Андоновски го истакнува кога вели: „...некому можеби ќе му заличи на роман, некој можеби ќе препознае во него современ историски роман од типот на Војна и мир, некој ќе рече – ова е новела, но ова не е сигурно ниедно од тие нешта.“).

Колку сето ова да изгледа радикално, идејата не е воопшто нова, ниту од аспект на писателот ниту од аспект на науката за литература. Писателите, барем од симболизмот наваму, многу често го истакнуваат значењето на читателот како на соработник, на оној кој го допишува делото, давајќи му во еден конкретен момент конечно значење. Читателот често е дел од писателовата творечка програма, зашто се смета на неговите емоции, асоцијации, на неговата имагинација, интелегенција и образование. За разгледувањето на релациите лик – писател –  читател, особено се значајни италијанскиот новелист, романсиер и комедиограф Луиџи Пирандело (особено неговата комедија Шестте лица го бараат авторот), како и шпанскиот филозоф и писател Мигел де Унамуно (со романот Магла и теориските книги Трагичното доживување на животот и особено Животот на Дон Кихот и Санчо). Во овој контекст спаѓа и Иво Андриќ со својата книга раскази Куќа во осаменоста (Кућа на осами).

Затоа ние како читатели се прашуваме зошто Андоновски има таков порив да ги стави во едно „книжевно тесто“ сите свои ликови кои, како што пишува, „веќе постоеја расфрлени низ моите драми и комедии, а некои се сега измислени“? Дали беше доволно тоа што го поведува чувството, како што истакнува оној псевдо-Венко Андоновски, дека „тие ликови му припаѓаат на еден ист ‘наратив’, како што е тоа модерно денес да се каже, дури и во политиката, а не само во наратологијата“? Некаков можен одговор сигурно се пронаоѓа и во самиот текст, во Александар јава на запад. Затоа треба да се прочита.

А идејата дека треба да се измени читањето, а не пишувањето е, всушност, еден коперникански пресврт. Што значи тоа? За да му се овозможи токму тоа на читателот треба, пред сѐ, да се направи она што и Милорад Павиќ го бараше, а тоа е да се измени самото пишување, да се измени, и тоа радикално, моделот на романот. Андоновски тоа веќе го направи со своите претходни романи, но уште порадикално го прави токму со Александар јава на запад. Тој модел не го менува читателот, туку писателот, а читателот дури подоцна почнува да ужива во својата творечка игра. Имено, писателите отсекогаш морале и мораат да создаваат и да менуваат приспособувајќи се на вкусот на публиката и секогаш ги имале на располагање само своите дела. Исто онака како што вели и самиот Андоновски: „Моја задача беше да ја составам таа прозна целина (приказна) од која моите ликови се раселиле по различни мои ракописи. Затоа и се сметам само за запишувач на ова сочинение, без разлика како жанровски ќе го наречете.“ Меѓутоа, на читателот не му била секогаш дадена иста можност за една негова креативна игра. И сега му ја дава токму Андоновски. Ама ако себеси се смета за запишувач, дали со оваа најнова книга самиот не се смета и како еден од оние што сакаат да ја продолжат низата на расни запишувачи (творци) што започна со нашиот најголем запишувач Марко Цепенков? Очигледно одговорот го има самиот Андоновски.

Предраг Палавестра го доведе Милорад Павиќ во врска со надреалистичкото искуство, тврдејќи дека таа поврзаност може да се следи од сликата во реченицата до поетиката на разградениот роман, во чии рамки доминантните особини на текстот, како алогизмите, парадоксите и бизарностите, се всушност основата на надреалистичкиот текст. Истото може да му се припише и на писмото на Венко Андоновски. Особено на Венко од оваа негова најнова книга Александар јава на запад. Таа е една лудистичка авантура во која тргнуваат двата оживеани споменика од скопскиот плоштад, поточно од т.н. мавзолеј на славни војсководци (иако едно слично поигрување со спомениците направи пред него и помладиот Жарко Кујунџиски со својот роман Скопје и сѐ е можно), оној на Александар и оној на Гоце Делчев, како некои македонски Дон Кихот и Санчо Панса во поход кон Запад, и двајцата качени на своите коњи – едниот на славниот коњ (Букефал), а другиот на помалку прочуениот за кој злобниците тврдат дека е обично магаре, за што Андоновски дава вакво објаснување: „...Гоце во слободното време, кога не бил револуционер, бил селски даскал, а тие не јаваат коњи туку магариња, како што денес не возат џипови туку велосипеди“.

Мигел де Унамуно, романсиер, есеист, филозоф, вљубеник во средниот век, уште во насловот на своето дело Животот на Дон Кихот и Санчо навестува дека на витезот со тажен лик и неговиот коњушар треба да се гледа како на јунаци од животот и на тој начин да се измешаат две нивоа: нивото на фикцијата на книжевното дело и нивото на животната стварност. Тој отстапува од Серавентесовиот роман, го ослободува Дон Кихот од ироничната дистанца и пародија и им дава ново значење на познатите книжевни ликови. Така тој не понудува книжевно-критички оглед, туку една филозофско-религиски книга, значајна во овој контекст за релациите меѓу писателот, личностите, ликовите, т. е. за релациите меѓу фикцијата и стварноста.

А Венко Андоновски ги ослободува и Александар и Гоце Делчев од цврстата историска матрица, ги извлекува од историските читанки (од таму каде што најмногу ни наоѓаат забелешки нашите соседи), ги ослободува и од документите, списите, архивите... Затоа и не е воопшто пренасилено ако се каже дека нивната авантура може да се чита и како некоја македонска псевдовитешка и псевдоисториска приказна, како псевдодосие...

Ликовите во Александар јава на запад се далеку од играта за каков било вид психолошка мотивација или за асоцијативно сфаќање на потсвеста, иако на моменти кај нас, како читатели (барем кај мене), се јавува сомнеж дека има и таква тенденција, особено кога се вметнуваат и некои промислувачи на книжевноста, па и теоретичари. На пример, Аристотел (и покрај тоа што знаеме дека тој му бил учител на Александар кој ете, по 24 века, се очудува и очовечува како полнокрвен лик од самиот споменик Воин на коњ), па и Фердинанд де Сосир, или промислувачи како Јохан Кеплер (клучната фигура во астрономската револуција на 17 век). Ама се воодушевив кога го читав оној микс од ликови (Академикот, Реверентот, Кузман Капидан, Олошот, Анте Поповски и неговите синови, недостига уште однекаде да влета и Скендербег), кои им се придружуваат на Александар и Гоце Делчев. Нив ги има и во посветата кон овој т.н. „чекајќи роман“. Само не можев да го разоткријам хирургот, д-р Марјан Камилоски. Дали тој му помагаше кога ги осмислуваше сите оние „операции“ на патувањето кон Запад (походите кон Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, па сè до Хаг, битките, бегањата, трчањата, апсењата...), кои Андоновски толку вешто знае да ги засече, толку прецизно да ги забибери и како со хируршки нож да ни отвори рана или да ни засече нерв? Притоа, така добро ги засекува и Србите (преку Петар Ичко и Аристотел од Свилајнац), и Хрватите за кои нагласува дека најмногу ја преферираат професијата Хрват, и Словенците кои се опиваат со лашко и притоа не смеат да уринираат или може да уринираат по некој систем, а најмногу го касапи Хаг преку онаа Карла дел Мелоне која некогашниот голем херој во Индија го решава како воен злосторник. Во тој контекст имам впечаток како писателот Андоновски да го позајмува ножот од хирургот Камилоски.

Затоа и се наметнува прашањето: дали сето ова поигрување е некаква побуна против реализмот и реалистичкиот роман (иако на полето на литературната наука Венко Андоновски даде извонредно стручен текст за структурата на македонскиот реалистичен роман)? Зашто се има чувство дека авторот има потреба да го открие оној Андоновски кој е сосема поразличен од сѐ досега што напишал и да им го понуди оној Венко кој е полн со закачки, вицеви, згоди и незгоди што со неверојатен итарпејовски дух ги кажува и пре(рас)кажува еден Венко во сосема друга атмосфера, како во некогашното бифе на Филолошкиот факултет, како во библиотеката на Катедрата за македонска книжевност и култура, како во разните дружби по промоции, на слави, во кафани... кој, ете, и јас го познавам...

* * *

Еден од клучните зборови, клучните поими сфатен како метафора во Џојсовата поетика е поимот епифанија, т. е. богојавление. Бог, секако, ретко им се јавува на обичните луѓе, лице в лице. Епифанијата кај Џојс навистина е метафора која сугерира појава на светлина, идеи, откровенија. Но таа појава не е ниту непосредна ниту секојдневна, туку е привилегија на посебни моменти и на посебна состојба на духот. Епифанијата  значи зрачење на предметот, поточно зрачење на божественото низ предметот, објава на идеи, но и на состојба на духот на самиот субјект, на среќниот момент во кој субјектот го открива притаеното значење. Така што имам чувство дека се појавила некој вид епифанија и кај Андоновски за да може го замеси сето ова. Зашто во Александар јава на запад читам и една книжевна верзија на К15. Александар јава на запад како да поттикнува на еден иден ситком (ситуациска комедија) во стилот на Ало, Ало, на Монти Пајтон или Црна гуја. Па добар текст е и за стендап комедија!

Реалниот свет кој нè опкружува и животот кој го живееме е преполн со баналности кои писателот не може тукутака да ги надмине или дури и да ги негира. Но токму тие баналности значат многу повеќе, зрачат со некоја општост. Тие не се веќе одделни баналности, секоја сама за себе, туку вистина за светот од општо значење. Така, оној ден на Леополд Блум на Џејм Џојс, освен што е само еден ден на еден просечен граѓанин, истовремено е и одисеја на модерниот човек, и покрај баналностите што ги носи сечија секојдневица, од кои не е лишен ни тој Блумов ден. Реалистичката дескрипција, па дури и натуралистичкото детализирање, ја носат со себе и општата слика за светот и човекот. А вакво нешто како да се постигнува и со оваа книга. Зашто во неверојатната дружба меѓу некогашниот македонски крал, великиот Александар, и некогашниот водач и револуционер, најголемиот македонски учител и мислител Гоце Делчев, како да се сака да му се даде на овој наш читател нешто помеѓу митски, натприроден јунак и историски веродостоен лик. Како, на пример, она што е еден Мартин Крпан за словенечкиот народ, кој од една страна има блискости со Марко Крале (а може да се чита и како близок на најголемиот јунак во грчката митологија Херакле), а од друга страна и со Итар Пејо. Впрочем, како што забележува и Милан Јазбец, ние како читатели „се чудиме колку вешто Крпан ги врти зборовите и колку брзо и ефикасно ракува со оружјето. Роден дипломат и воин.“ Исто онака како што Крале Марко го прави тоа со боздоганот или Итар Пејо со зборовите. Затоа, читајќи го Александар јава на запад, се исправаме пред нова дилема: Дали овие Александар и Гоце Делчев, побегнати од своите споменици на скопскиот плоштад, се поблиску до Крале Марко или до Итар Пејо?

Зборувајќи за текстови кои од читателите бараат збунетост, Вејн Бут во Реторика на прозата (Белград: 1976) истакнува дека таа може да се постигне со тоа што во приказната се воведува набљудувач кој е окарактеризиран со истиот атрибут – збунетост. Како најпрактикуван метод, Бут ја истакнува мистификацијата, поточно воведувањето на тајната во книжевниот текст. Иронијата се јавува и како дел од структурата на романот-потрага. Имено, потрагата на ликот (во овој случај, Александар јава на запад, зашто сака да види како е на запад) станува потрага и на самиот читател, а збунетоста на читателот произлегува од збунетоста на самиот лик. Застанат пред дилема, ликот треба да направи избор. Но изборот што го прави ликот може да биде виден од читателот како погрешен, па така читателот во тој момент покажува дека знае нешто што самиот лик не го знае. Но читањето на еден текст зависи од времето на публиката. Публиката на новото време инсистира на едно длабинско читање на текстовите, а тоа подразбира читање на симболи и препознавање на иронијата во нив. Затоа останува да се замислиме пред она негово искажување во „Епилогот“ кон Александар јава на запад, дека „книжевноста има моќ поголема од политиката: може да избрише, но може и повторно да изгради споменик.“

Останува и чувството дека од овој негов т.н. жанр „чекајќи роман“, кој наликува на она чекајќи го ручекот да се дозготви, може кој било читател да си направи филм, тв-серија, театар, монодрама, поткаст, ситком, зашто и за да го направи тоа, најпрвин мора да биде читател, а потоа сценарист, режисер, музичар, актер, водител, инфлуенсер... Затоа, останува секој еден од нас да ја чита така како што милува. Ама пред сѐ, треба да се прочита и потоа да му се наздрави на походот на Александар кон запад... со виното на Александар или со ракијата на Гоце... да се чита и да се смее низ солзи!

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново