СМИСЛАТА НА ЖИВОТОТ СФАТЕНА КАКО ЉУБОВ – РЕЦЕНЗИЈА ОД НАТАША АТАНАСОВА
Смислата на животот сфатена како љубов
(приказ на романот „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак; превод од романски: Ермис Лафазановски; издавач: „Три“, 2024 г.)
„Летото во кое мама имаше зелени очи“. Го читате насловов и иако во себе крие загадочност, сепак, чувството што го будат зборовите „летото“, „мама“ и „зелени очи“ е – убаво. Насловот го обвива срцето со топлина, додека копка тоа „имаше“ и прашањето зошто само тоа некое лето таа некоја мајка имала зелени очи. За да ги отплеткате јазлите што се вплеткани во насловот, почнувате со читање.
И, уште со првиот параграф, во вашето подразнежено и поднасмеано лице – тупаница!
Тоа утро, во кое ја мразев повеќе од кога било порано, мама полнеше триесет и девет години. Беше мала и дебела, глупава и грда. Беше најнепотребната мајка која некогаш постоела. Ја гледав од прозорецот застаната пред портите на училиштето како питачка. Ми доаѓаше да ја убијам само со мисла.
Ова е почетокот, а тоа што следува на првите два-триесет страници е само ширење на распонот на бруталните мисли кои Алекси (кој, додека раскажува, има исто толку години колку што имала тогаш мајка му) се сеќава дека како шеснаесетгодишник ги имал за неа. Меѓутоа бргу сфаќаме дека зад презирот што ова дете го негува кон мајката и зад омразата што се излевала од него како од челуст на разјарена ламја, лежат огромна траума и болка. Болка која низ мали ѕирки почнува да се појавува и да ни го покажува нејзиното дувло.
За тоа колку комплицирана може да биде врската меѓу синот и мајката, доволно е да се сетиме на два големи примера од книжевноста, на Едип и Јокаста, на Хамлет и Гертруда. И овој роман се надоврзува во таа низа, на сосема оригинален начин раскажувајќи за врската меѓу еден син и една мајка, за два живота уништени од трагичниот сплет на животните околности.
Ништото што прави и не прави ништо
Својата животна приказна Алекси ја раскажува од позиција на успешен уметник-инвалид, чии дела се продаваат по висока цена, но чии демони продолжуваат да ораат низ него. Во потрага по терапевтското дејство на пишувањето, според препораката на неговиот психијатар, тој пишува. Заради справување со своето трауматско минато, Алекси избира да раскаже за тоа лето кога тој, по седум години поминати во училиште за деца со ментални проблеми, се нафатил да помине три месеци со мајка му, со која немал разговарано осум години.
На омразата кон мајка му, која се отвора со брзина на замотана черга пуштена по стрмни скалила, цело време рамнотежа ѝ држи ужасното мислење што го има за себе Алекси, кој упорно се поистоветува со ништо. Ништата ќе прават ништо – вели тој за тоа што ќе прават со другарите на летниот распуст, и додава: Ми се лошеше и од Кало, и од Џим, и од мене. Бевме човечки останки – некакви полипи и глисти, а и тие фалични. А како што се отвора неговата „черга“, така ни станува јасно дека од едно дете кое е плод на врска без љубов, кое таткото пијаница го малтретирал и тепал од мал, чија сестра умрела кога имала шест, а тој осум години, по што мајка му паднала во тешка депресија и не го ни погледнувала цели седум месеци, а татко му не се трезнел – сосема е разбирливо што станало психички нестабилна личност која себеси се смета за едно големо ништо и е полна со агресија и (авто)деструктивност.
Сè до летото во кое мајка му имала зелени очи. Односно, кога тој сфаќа дека таа има зелени очи. Односно, кога има можност да ја види одблизу и да ѝ погледне длабоко во очите.
Зелените очи на љубовта
А во нив, во убавата зелена боја, живее цел еден универзум полн со ѕвезди, темнина и тајни. А во врска со една од тајните на тој универзум што ја насетува Алекси, вели: Мојата омраза кон мајка ми, иако не беше исчезната сосема, се исуши и фати корупка – исто како што фаќаат корупка сите рани после три дена кај човекот и после пет дена кај кучињата.
И така, со честото гледање во тој универзум во текот на тоа едно лето, преку начинот на кој ги опишува очите на мајка си, ги гледаме и промените на неговиот однос кон неа:
- Очите на мама беа грешка.
- Очите на мојата грда мајка беа остатоци од туѓа, многу убава мајка.
- Очите на мама плачеа навнатре.
- Очите на мама беа желба, која сонцето ѝ ја исполни на една слепа жена.
- Очите на мама беа класје исечени стебла.
- Очите на мама беа моите нераскажани приказни.
- Очите на мама беа како прозорци на смарагдна подморница.
- Очите на мама беа школки израснати на дрвја.
- Очите на мама беа лузни на лицето на летото.
- Очите на мама беа пупки во исчекување.
Од млад човек обземен од лудило, халуцинации и океанска болка – кој, кога ќе дознае дека мајка му е на умирање, ќе си рече: Да знаев дека ова го прави болеста од човека, ќе побарав за Божиќ рак за мајка ми, наместо секс со Џуд – со помош на љубовта од мајка си, и самиот успева да ја извади на површина својата љубов кон неа, која лежи потрупана под траумите и лудилото, и почнува да се трансформира.
Смислата на животот сфатена како љубов
Ова е еден брутален роман за „еден болен мозок“ и „едно тело изедено од рак“, кои биле разделени и сега се спојуваат за да се разделат повторно. Татјана Цибуљак низ нарацијата успешно дозира информации за тоа што се случило во годините пред и по летото во кое тече главната приказна, со што го држи вниманието на читателот. Одвреме-навреме, романот е проткаен со одлични книжевни парчиња, како што се деловите со халуцинациите на Алекси, неговите соништа или почетниот и крајниот параграф, кои со својата лиричност и мистичност се контратежа на „остриот“ стил на раскажување. Дополнително, има делови кои до крај остануваат нејасни, како на пример, околностите во кои умрела сестрата на Алекси или каква несреќа имал со неговата идна сопруга Мојра, во која тој ги загубил нозете и засекогаш се оддалечиле еден од друг, и покрај нивната голема љубов... Но тоа сосем одговара на начинот на раскажување на еден измачен и растроен ум. И токму тој човек својот издувен вентил го наоѓа во уметноста, каде што сите свои демони од минатото и сегашноста ги преточува во слики (Моите слики се само насобран гној кој се обидувам да го истиснам од себе како умеам и знам.). А неговото лудило средината сега не само што не го смета за непожелно, туку го изедначува со неговата генијалност и тоа станува само уште една „тривија“ околу која се „палат“ неговите обожаватели, што е директна критика на колективната хипокризија.
На крајот, првичното чувство на топлина околу срцето што го побудува насловот на романот се покажува како главно чувство што останува и по неговото исчитување. Покрај темите на лудилото, траумите и односот мајка–син, „Летото во кое мама имаше зелени очи“ е и роман за љубовта како едно од нашите најважни и најмоќни чувства. Љубовта боли и разорува кога ја нема, но потрагата по неа е пат на кој сите сме осудени и кој секогаш вреди да се оди, колку и да е долг и трнлив. Исто каков што е и патот по кој треба да помине читателот во оваа приказна. Низ темни сокачиња полни со презир и навреди што бодат како стрели, преку џбунести предели полни со трњето на траумите и страдањата на детето со болен ум и мајката со болно тело, за да стигне до крајот. А тој крај, колку и да не е среќен, дише со спомените за едно убаво лето полно со љубов, кое му дава смисла на еден живот исполнет со мртвило.
Наташа Атанасова, авторка на Блен.мк