ЗБРЧКАНАТА ИДНИНА НА СТАРОСТА – РЕЦЕНЗИЈА ОД НАТАША АТАНАСОВА

ЗБРЧКАНАТА ИДНИНА НА СТАРОСТА – РЕЦЕНЗИЈА ОД НАТАША АТАНАСОВА
Збрчканата иднина на староста (приказ на графичката новела „Брчки“ од Пако Рока; превод од шпански: Наташа Сарџоска; издавач: „Три“, 2024 г.)

Облаците не исчезнуваат. Се претвораат во дожд.

Буда

Кога си дете, живееш учејќи. Стекнуваш нови вештини, способности, знаења и сметаш дека тоа ќе трае сè дури трае и животот. Меѓутоа, познатата поговорка „Човекот учи додека е жив“ се чини дека не држи вода за растечкиот процент на стари луѓе кои заболуваат од деменција. За нив, да се живее значи сè повеќе и повеќе да се заборава, да се „од-учува“.

Секогаш кога по дома со ќерка ми сме зборувале за циклусите на водата, муабетот скршнувал и накај цикличноста на животот. Тие две работи се толку поврзани, и на буквално и на метафорично рамниште, па читајќи ја како мото реченицата што му се припишува на Буда на почетокот на графичкиот роман „Брчки“ од Пако Рока, мислите веднаш ме однесоа натаму – дека и човечкиот живот е како водата – тече, капе, испарува...

Моќта на (с)ликовното раскажување

А текот на оваа графичка новела почнува со едно визуелно мајсторство кое ве дочекува уште на првите страници. Во приказната на „Брчки“ влегуваме со првата стрип-табла која се одвива во банка. Таму, еден банкар им соопштува на двајца сопружници дека не можат да добијат кредит, а тие се чудат и кажуваат дека не ни сакаат некаков кредит. Со вртењето на страницата се врти и ситуацијата и здивот ни го запира моќта на стрипот да си поигра со читателите. Имено, прикажувајќи ја банката и нејзиниот директор, авторот Пако Рока, всушност, нè има однесено во главата на Ернест, старец кој боледува од деменција и во чијашто глава разговорот со неговиот син и снаа во врска со вечерата се одвива во минатото, во времето кога работел како директор на банката.

Оттука, работите стануваат појасни, синот го сместува татко си во дом за стари лица, но, затоа, наративните изненадувања не престануваат. И цело време како да потсетуваат дека со право графичкиот роман – кој се има појавено во 50-тите години на минатиот век, а во 1992 година за првпат ја има добиено Пулицеровата награда за книжевност – во последниве години го живее врвот на својата популарност меѓу читателите на уметничката литература.

„Ориент експрес“ за стари лица

И, што се случува во „Брчки“ откако Ернест ќе биде сместен во дом за стари лица? Освен што (повторно) ќе се врати во минатото, оти ситуацијата со толку многу нови лица околу него ќе го потсети на времето кога тргнал на училиште и се чувствувал изгубен, па ја барал мајка му, тој уште еднаш, по којзнае кој пат во животот, ќе се обиде да се приспособи на новата реалност и да ги запознае луѓето околу себе.

Така, почнува да се ниже една плејада од откачени стари ликови, какви што може да испише само животот. Ова го кажувам затоа што и самиот Пако Рока на крајот од „Брчки“ пишува дека ликовите ги базирал врз вистински личности што ги познавал или за кои му раскажувале луѓе што ги знаел. Тука е Алфонс, некогашниот радиоводител кој толку многу зборувал што сега само папагалски повторува што и да чуе; Симон, бабичката која постојано е во потрага по телефон за да им јави на своите деца да дојдат да ја земат; Жилбер, старата жена што се плаши да остане сама оти гледа Марсовци што чекаат да ја киднапираат; Рене, некогашен атлетичар кој околу вратот го носи својот бронзен медал од 1953 година – симболот на неговото најголемо животно достигнување, кое сега е претворено во здодевна приказна што никој не сака да ја слуша; тука е дедото Жозеф, кој живее во својот воен свет; Адриен, која насекаде ја носи својата чанта и во неа собира секакви ситнурии како кечапчиња, путерчиња и слично, за да им ги подари на блиските кога ќе ѝ дојдат во посета...

При првото разгледување на домот, Ернест го води Емил, неговиот нов цимер. Емил е еден од најинтересните ликови во овој роман – тој е свесен манипулатор кој си поигрува со заборавеноста и изгубеноста на луѓето околу него, па на сите за сè и сешто им зема пари, им краде работи и на својот цинично-хумористичен начин во очи им ја плеснува вистината за нивната животна ситуација. Во облачињата на Емил се наоѓа, расцепкано, главното прашање што го поставува оваа книга: каков е статусот на старите лица во општеството и каков е нашиот однос кон нив? И, како поттик во потрагата по одговори, Емил прска насекаде со реплики, како со жешки капки вистина: „Понижувачки е да се биде третиран како дете, нели?“, „Сите овие апчиња ни се потребни за да живееме лошо подолго“, „Очигледно стануваме мртов товар, бреме за општеството“, „Ние старите, ние сме задоволни и со малку“, „Староста е лош шегаџија“... Емил, кој никогаш немал деца, иронично се исмева на изборот на останатите да формираат семејство, затоа што, на крајот на животот, очигледно, му доаѓа исто – сите, сепак, завршуваат тука сами.

Интересен лик е и госпоѓата Роза. При нејзиното запознавање налетуваме на уште една визуелна мамка – дотерана и млада, без ниедна брчка, таа гледа низ прозорецот и патува со „Ориент експрес“ кон Истанбул.

За брчките на помнењето

Меѓутоа, ова патување за главниот јунак Ернест застанува и на станицата на соочувањето со сопствената состојба – тој во домот влегува без да биде свесен дека има Алцхајмерова болест. А горниот кат, каде што се сместени луѓето што веќе заборавиле речиси сè и кои воопшто не можат да се грижат за себе, за него е следната горка реалност што мора да ја прифати како неизбежна следна станица во неговото животно патување.

Сепак, иако темата на овој графички роман е прилично тажна и потресна, Пако Рока балансира со непрекинатиот хумор и со силните емотивни приказнички полни со живот. Не може да се остане недопрен од приказната за Жоржет и Марсел, кои биле заедно шеесет години, па и покрај целосната сенилност на Марсел, Жоржет се грижи за него и одвреме-навреме му предизвикува насмевка со само еден збор, кој сè уште може во него да го врати сеќавањето (или барем чувството!) на времето кога се запознале; не може човек да не се смее додека старите луѓе играат томбола, па кој глув, кој слеп, кој заборавен – не успеваат на три страници да сфатат кој број е извлечен додека Алфонс цело време како навиен повторува „дваесет, дваесет, дваесет“; и не може да не се зачуди од иронијата на животот, кога го гледа стариот свесен човек како доаѓа да ја посети својата сенилна сопруга која не е свесна за ништо, освен за тоа дека ѝ требаат прегратките од друг маж од домот. Сепак, на средината на книгата се наоѓаат за мене двете најмоќни страници, во кои на сликите со старите луѓе во просторијата за разонода речиси ништо не се менува освен стрелките на часовникот.

А тие брчки од насловот на книгата, кои никаде во текстот не се спомнуваат, иако ги има на секоја слика на лицата на луѓето, постојано се тука како вечни симболи на стареењето. Меѓутоа, гледањето на брчките на лицата на старите луѓе има многу помал ефект од сведочењето на брчкањето на нивното помнење и збрчканоста на нивната иднина.

Гледајќи го Ернест како заборава дека топката е топка или како ги помешува ножот и лажицата за на крај да гледа празно лице пред себе во ликот на неговиот пријател Емил, се прашуваме дали приказната со „Ориент експресот“ на госпоѓа Роза, која е искористена и за илустрацијата што се наоѓа на корицата на книгата, не е своевидна метафора за целиот дом за стари лица. Во него, како во воз, тие се качуваат за да тргнат на своето последно патување. Возот постојано е во движење, а ветрот лесно ги одвејува сеќавањата на патниците кои ги подаваат главите низ прозорците. Иако возот за некого се движи брзо, за некого бавно – сите ги носи во иста насока и до истата дестинација. А ние, како (помлади) читатели, можеме само да ѕиркаме однадвор низ прозорците, со тешко срце прифаќајќи ја изгубената битка на јунаците во чии очи (или брчки!) знаеме дека можеби си ја гледаме и својата иднина.

 

Наташа Атанасова, авторка на Блен.мк

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново