ИЗВАДОК ОД РОМАНОТ „ТРИНАЕСЕТТИОТ“ ОД ЛИДИЈА ДИМКОВСКА
ВИСОКОКАТНИЦАТА
Време е да ги запознаеш станарите на зградата што со својата фасада во дури дванаесет бои и со стакленото поткровје, изгледаше толку необично што сè повеќе туристи доаѓаа да ја фотографираат. Еден залутан коњ, кој живееше во ближниот парк, понекогаш шеташе околу Висококатницата, грицкаше од тревата околу неа и одвреме-навреме ги креваше очите и ја меркаше од поткровјето, па сè до подрумот. „Толку многу бои!“, за’ржуваше, најверојатно од радост. Или не? Мислиш дека коњите гледаат бои?
И едно маче се врткаше некое време околу зградата, мјаукаше истегнувајќи го вратот нагоре, а потоа се пикна внатре при едно отворање на вратата и никогаш повеќе не излезе. Каде ли отиде, во кој стан? И зошто никој повеќе не го слушна неговото мјаукање? А кучињата на двајца од станарите? Официјално, тие се единствените животни кои живеат во зградата, ама мачето си живее на црно. На црно? Што мислиш, зошто се вика баш на црно, а не на бело, на црвено, на безбојно?
На поткровјето од стакло, под стаклениот покрив, живееше Година со Месечко, тогаш кога ќе успееше да дојде на неколку дена, или барем на неколку часа. Катовите, односно становите, беа во две големини: дванаесеттиот, десеттиот, осмиот (за да не остане покусо), седмиот, петтиот, третиот и првиот беа со иста големина, а малку помали од нив беа деветтиот, шестиот и четвртиот. Единаесеттиот, оној на Сечко, беше најмал од сите, кружен, со неколку прозорчиња расфрлени врз фасадата. Сите станови си имаа своја фасада во друга боја, беа како необично виножито што го избоила невешта рака. Ама само така се чинеше. Боите си ги избираа самите станари, па молерите ги варосаа така како што станарите избраа. Висококатницата оддалеку личеше на сложена Рубикова коцка. Ама дали беше таква и однатре?
СТАНАР(К)И
Поткровје: МЕСЕЧКО И ГОДИНА
Веќе знаеш дека на поткровјето живеат Година и Месечко, кога тој се враќа од турнејата која не е ни музичка, ни филмска, ни книжевна, туку месечева. На стаклената врата пишува: МЕСЕЧКО И ГОДИНА, она И ГОДИНА Година го додаде сама, залепувајќи исечени букви од весник. Си пробал/а и ти некогаш да сечеш букви од весник и да составуваш зборови?
Поткровјето мириса на парфемот на Месечко, „Барут“. По секое негово доаѓање и заминување, Година ја брише прашината што ја остава зад себе, со проѕирна крпа и вода од стаклена кофа. Ѕидовите на поткровјето, како и покривот, се од стакло, па Месечко и Година не го викаат поткровје туку опсерваторија. Астрономска, секако. Постојат ли и други опсерватории? Има ли некоја во местото каде што живееш?
И мебелот внатре им беше стаклен. Година спиеше на широка стаклена постела и се покриваше со стаклена волна. И сиротиот Оф ноќва преспа на стаклен кауч вртејќи се на сите страни, ама од сите страни се гледаше сè, па затоа ги затвори очите и се обиде да го сонува својот дом што повеќе го немаше. Од тага и жал заспа и сонуваше дека нозете му станале стаклени, рацете стаклени, очите и онака на сите се стаклени, ама и дека срцето му станало стаклено. Оф бе Оф, како ќе живееш со стаклено срце? На стаклената масичка до неговиот кревет стоеше стаклена чаша со вода во која мразот беше во облик на парченца стакло. Ти би живеел/а во стаклен стан или куќа?
И телевизорот беше стаклен, па Година на него гледаше само емисии во живо: птици што летаат кон југ или се враќаат од југ, облаци што се спуштиле токму до нивото на поткровјето, дождовни капки, дебели снегулки, сончеви зраци и, секако, полната мена на Месечко, кога не им требаше телескопот за да се видат низ малото дупче, туку се гледаа во живо, едниот од едната, другиот од другата страна на стаклото, упс!, телевизорот. Тогаш и Месечко имаше чувство дека гледа телевизија, а на неа, токму тогаш, во живо настапуваше ни помалку ни повеќе туку неговата сакана Година. Тоа беше серија што нема крај. Ти гледаш серии? Која, на пример? Имаш ли некоја омилена?
Месечко не беше свесен колку неговата полнотија ѝ влијае на Година, дека тогаш Година речиси и не може да спие, а ако заспие, има кошмари, чудни соништа од кои се буди и станува да пие вода дури Месечко ја опсипува со својата светлина. Знаеш, многумина сметаат дека биолошкиот ритам е поврзан со месечевиот циклус, па така, кога Месечко е млад, односно кога воопшто не се гледа и не испушта никаква светлина, и Година и многумина други се чувствуваат уморно и некако се задлабочуваат во себе и во своите проблеми. Освен тоа, на секои три дена Месечко преминуваше во нов хороскопски знак и влијаеше врз емоциите и потсвеста не само на жена му и на децата, туку на секого од нас. Што си ти во хороскоп? Мислиш ли дека хороскопскиот знак го открива твојот карактер?
Извадок од романот „Тринаесеттиот“ од Лидија Димковска.