ЗОШТО „ЧУВАРОТ“ ВО ’РЖТА И ДРУГИ ПРЕВЕДУВАЧКИ ПРЕДИЗВИЦИ

ЗОШТО „ЧУВАРОТ“ ВО ’РЖТА И ДРУГИ ПРЕВЕДУВАЧКИ ПРЕДИЗВИЦИ

Румена Бужаровска

Зошто „чуварот“ во ’ржта и други преведувачки предизвици

(кон мојот превод на романот Чуварот во ’ржта, Три, 2026)

 

Кога почнав да го преведувам Чуварот во ’ржта во август 2025 година, често ме прашуваа зошто го правам тоа – зарем не е преведен на македонски? Секако дека е преведен, и тоа петпати. Зошто тогаш потреба од нов превод? За тоа има три причини. Првата е лична: Чуварот во ’ржта е еден од моите омилени романи, па отсекогаш сум сакала да го преведам од чиста љубов. Втората причина е што воопшто не сум задоволна од петте постоечки преводи, од кои едниот е направен од српски јазик. И третата причина е што овој роман трпи пре-преведување. За да се осети генијалноста на неговиот стил и за да се доживее шокот што го предизвикал романот поради секојдневниот јазик на нараторот Холден Колфилд, секој нов превод може да го адаптира јазикот за да се осети духот на оригиналот – постапка која носи свои предизвици.

Но првото нешто на што би сакала да се осврнам во овој текст е насловот на романот, т. е. зошто се одлучив за Чуварот во ’ржта, наместо веќе воспоставените Игра во ’ржта, како што е во четири македонски преводи, или Ловец во ’ржта, како што е во последниот македонски превод од 2014 година. Романот на повеќето поранешни југословенски простори е веќе препознатлив како Ловец во ’ржта, поради што веројатно стихијно, но и поради препознатливост, се појавувале и други преводи во државите на поранешна Југославија кои го носеле истиот наслов. Сепак, овој наслов, за жал, погрешно го доловува главниот симбол во романот, а тоа е посакуваната професија на Холден Колфилд да биде „чувар“ во поле со ’рж. Холден никако не би сакал да биде ловец. Еве зошто.

Главната тема на романот е кризата на растењето. Холден Колфилд не сака да влезе во светот на возрасните, иако не се чувствува ни како дете. Но има желба да ги заштити децата од возрасните, бидејќи возрасните ги смета за корумпирани и лажни (phony). Доколку внимателно го читате романот, ќе видите дека Селинџер сигнализира дека во животот на Холден постоела сексуална злоупотреба од страна на возрасни. Исто така, тој страда од траумата предизвикана од смртта на неговиот помал брат, при што не добива никаква помош од неговите отсутни родители. Па така, воопшто не е чудно што Холден ни ја раскажува приказната за нервниот слом што го имал за време на претходниот Божиќ од психијатриска институција. При крајот на неговата одисеја низ Менхетн, откако повторно ќе го избркаат од уште едно приватното училиште – интернат, тој се среќава со неговата помала сестра Фиби, која го прашува што би сакал тој да биде во животот (или, кога ќе порасне), а Холден оговара дека би сакал да биде „чувар во ’ржта“:

„Како и да е, цело време си замислувам едни мали деца како си играат некаква игра во големо поле ’рж. Илјадници мали деца, и наоколу нема никој – нема никој голем, мислам – освен јас. А јас стојам на работ на една мрдната карпа. Тоа што треба да правам е да ги чувам децата да не случајно се приближат до карпата и да паднат – мислам, ако трчаат и не гледаат кај одат, и треба да ги чувам да не паднат од неа. Тоа би правел цел ден. Само би бил чувар во ’ржта и такви работи. Знам дека е мрднато, ама само тоа би сакал да бидам. Знам дека е мрднато.“ (мој превод, Скопје: Три, стр. 200-201)

Во оригиналот, Холден сака да ги „фаќа“ децата што паѓаат од карпата, или затоа во српско-хрватските верзии тој е пренесен како да сака да ги „лови“ да не паднат од карпата. „Фаќањето“ е силен симбол во книгата, бидејќи е исто така поврзана со фаќачката ракавица за безбол на мртвиот брат на Холден, Али. Но на македонски, зборот „фаќач“ има блага сексуална конотација, а со оглед на говорниот јазик во романот, „фаќање“ уште повеќе би можело да се интерпретира како допирање, или како „драпање“. Посебно што романот е суптилно граден врз премисата дека постои злоупотреба на деца од страна на возрасните – па така, Холден да „фаќа“ мали деца би било апсолутно недозволив превод. На германски зборот нема таква алузија, па затоа романот е познат како Фаќач во 'ржта: Der Fänger im Roggen.

Не доаѓаше предвид ни „лови“ и „ловец“, бидејќи зборовите имаат предаторска конотација, која исто така е во судир со темата на сексуалното злоупотребување. Холден сака да биде во улога на заштитник, а никако на ловец. Тој носи црвена ловџиска капа во текот на романот, која ја сигнализира неговата посебност (капата ја носи наопаку). Но кога Екли му кажува дека тоа е капа за ловење елени, Холден му вели дека тоа е капа за ловење „луѓе“, каде што би можеле да претпоставиме дека „луѓе“ се однесува на возрасните. Во еден мој текст за Културен живот во 2015 година („Игри со ловците во 'ржта“, бр. 1/3, јануари/јуни), тврдев дека „ловец“ е подобро решение од „игра“, бидејќи си поигрува токму со симболот на ловџиската капа. Но тогаш ниту времињата ниту јас бевме чувствителни кон читањето на траумата на Холден како траума делумно предизвикана од сексуална злоупотреба, па сега би сакала да се спротивставам конкретно на тоа мое мислење од 2015 година (за другите ставови изнесени во тој текст, поврзани со критиката на преводите, сѐ уште се согласувам).

Имено, „игра“ е сепак подобро решение од „ловец“, бидејќи во себе не го содржи предаторското значење. Но од друга страна, не го содржи ни значењето на заштитник, на спасител, на чувар, и не го содржи трагикомичниот индикатор дека Холден избира професија што не постои. Во извитоперениот, корумпиран и лажен свет на возрасните, Холден нема свој заштитник, па затоа тој мора да ја заземе сам таа улога, и со тоа да ја заштити и својата сестричка Фиби. Оттаму, „игра“ е пренеутрално и ја отсликува само детската невиност, притоа оттргнувајќи го од фокусот на вниманието Холден како „чуварот“ по кој е насловен романот.

Сепак, сметам дека е битно што македонската преведувачка пракса се оддалечила од влијанието на југословенската културна традиција или, пак, српско-хрватската. Првите два превода на македонски се појавуваат дури во 2003 година, значи, во иста година (којзнае – може тогаш романот бил внесен како лектира во програмата. Претпоставувам дека и затоа има толку преводи – од финансиски причини). Едниот е на Саве Цветановски за „Матица Македонска“, другиот на Светлана Ивановска за „Феникс“. И двата се насловени Игра во ’ржта, а не Ловец во ’ржта, како последниот превод на Ивана Илковска за „Арс Ламина“ од 2014 година, што сепак покажува дека не сме потпаднале сосема под српско-хрватско влијание, и тоа погрешно. Немам направено детално истражување за тоа каде и кога се појавил првиот превод на Селинџер на српско-хрватски, меѓутоа според некои податоци што ги најдов во датабазите на библиотеките од регионот, се чини дека првиот е на Никола Кршиќ, во 1958 година, издаден од „Свјетлост“ во Сараево, од каде што можеби започнала југословенската заблуда. Инаку, за споредба, постои превод на словенечки јазик што се вика Varuh v rži, што означува „чувар“, додека на бугарски постои Спасителят в ръжта – што исто доаѓаше предвид при македонскиот превод, но се решив за „чувар“ затоа што повеќе наликуваше на позната професија, додека „спасител“ ми звучеше религиозно. Размислив и за „спасувач“, но не ми се допаѓаше звучната метрика, а и како професија е поретка од „чувар“. Патем, и други јазици го решиле со „чувар“ или со „спасител“, па дури и со „игра“ (на словачки) – па така се чини дека „ловец“ е необична варијанта на овој превод.

Секако, најголем преведувачки предизвик во овој роман е да се „улови“ секојдневниот говорен јазик на нараторот. Во The Art of Fiction (1992), Дејвид Лоџ прецизно ја дефинира оваа постапка како сказ, што е илузија на колоквијален говор. Говорот, суштински, никогаш не звучи така на хартија – ако го транскрибирате тоа јасно ќе го забележите. Па така, мајсторството на Селинџер се состои од тоа да верувате дека Холден ви зборува, и оттаму, да не се оптоварувате многу со неговиот говор, туку тој да ви тече како да е природен – постапка по која се обидував да се раководам кога го преведував романот.

Па така, бев свесна дека, доколку претерам во илузијата на говорност, читателот тоа ќе го забележи и тоа ќе му пречи. Затоа избегнував колоквијални форми како „неам“, „иам“ или „шо“, бидејќи сфатив дека на хартија тоа може да звучи претерано и да го оттргне читателот од волшепството на текстот. Ваквиот говор го користев само кога во романот има дијалог. Тука Селинџер сам ги користел ваквите форми за да го одвои раскажувачкиот, говорен јазик на Холден од дијалозите во текстот.

Се раководев и по уште еден принцип, а тоа е дека во говорот не постои конзистентност во однос на користење на извесни фрази или зборови. На пример, во усниот говор лично понекогаш велам „никад“, а понекогаш „никогаш“; понекогаш велам „јас“, понекогаш „ја“. Истото важи и со тој/он, таа/она, можда/можеби, пошто/зашто, па така и во текстот користев варијации на извесни зборови или фрази. Често кога преведуваме сме опседнати со точност, конзистентност и еквиваленција – па така, ако на едно место Холден вели „and all" мислиме дека и во англискиот баш на тоа место треба да избереме фраза што секогаш ќе ја користиме. Тоа не функционира така во говорот, па така решив дека во преводот, Холден ќе повторува извесни фрази, но тие нема да се наоѓаат точно на местата каде што се наоѓаат во оригиналот, и нема секаде да се во иста форма. Како пример, phony го преведов како „фејкерче“, „фејк“, „фејкерско“, „фејкерка“, а that killed me со варијации на „ќе умрев“.

Истиот принцип на ненужна конзистентност важеше и за пцовките, кои беа најголем предзивик. Оти, кога романот излегол во 1951 година, тој бил забрануван поради вулгарноста на говорот и ја шокирал читателската јавност поради својата искрена директност. Доколку го преведете со еквивалентите на тоа што Американците го сметале, па и го сметаат за пцуење поради тоа што се ултрарелигиозни (hell, goddamn, damn), шокантноста на говорот се губи, па затоа одев со „ебате“, „у пичку матер“, „пичка“, „педерче“, „шо кур“, и така натаму, пцовки или вулгарни зборови кои имаат посилен интензитет поради природата на нашата култура, но кои сепак се многу присутни во секојдневието. Па така, доколку преведете со „пеколен“ или „ѓаволски“, ниеден лектор или уредник нема да биде запрепастен од сленгот и пцовките, ниеден конзервативен родител нема да се запраша какво е тоа ѓубре што го чита неговото дете – што значи дека, во таков случај, преводот би бил неуспешен. Затоа велам дека романот трпи пре-преведување, бидејќи пцовките и сленгот се менуваат низ годините. За дел од проблематичноста и симобликата на графитот fuck you и зошто не го преведов како „еби се“ пишував во германското списание Rundumschau (број 10, 2026).[1]

Сепак, голема тема е до кој степен треба да се адаптира едно дело, и колку е тоа верно на оригиналот. Но да речеме дека, во мојот случај, се раководев по принципот да го зачувам духот на оригиналот, но со илузија дека се работи за современост. Не се штедев во пцовките, па затоа користев говор што е типичен и прифатлив за повеќе генерации, но најмногу за ген З и милениумците од Скопје, претпоставувајќи дека така ќе опфатам и поголема читателска публика. Да се преведе романот така како што зборуваат тинејџерите денес, е проблематично – ќе треба цел роман да го поставите на англиско-македонски. Но можеби и тоа ќе се случи еден ден – зошто да не?

[1] https://www.toledo-programm.de...

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново