„ПРИНУДНО НОРМАЛИЗИРАНА СРЕДИНА“ – РЕЦЕНЗИЈА ОД ПРВ ЧИТАТЕЛ ЗА „ПРОДАВАЧКАТА“ ОД САЈАКА МУРАТА

„ПРИНУДНО НОРМАЛИЗИРАНА СРЕДИНА“ – РЕЦЕНЗИЈА ОД ПРВ ЧИТАТЕЛ ЗА „ПРОДАВАЧКАТА“  ОД САЈАКА МУРАТА

Марија Павлеска веќе подолго време го води книжевниот блог, но и клуб „Мама(ми)Чита“. Таа е првата читателка на брилијантниот јапонски роман „Продавачката“, кој од денес е достапен на полиците на ТРИ.

Во својот осврт, Павлеска посочува дека авторката на романот, Сајака Мурата, и самата работела како продавачка во Јапонија, па Кеико, главната книжевна хероина, инаку продавачка во Токио вели „Секој кој ќе науми да се бори против општеството за да биде слободен, мора отворено да зборува за сопствената голгота“.

Прочитајте го освртот на Мама(ми)Чита и навлезете во приказната на Кеико – необична, потресна, тивка, а длабока – вистински подарок за секој што барем една се почувствувал како да не припаѓа во овој свет.

***

Можеби секој ден не влегуваме во музеј, театар или библиотека, ама со голема сигурност во повеќето денови од неделата, месецот, годината, посетуваме некоја продавница.

Во времето на ковид-пандемијата, барем во времето на најстрогите карантини, единствената социјална активност што ни беше дозволена беше токму таа – можноста да појдеме до продавница и да купиме производи кои ни се неопходни за живот. И да размениме некој збор со продавачката.

„Продавачката“ од Сајака Мурата е краток роман објавен во 2016 година, во Јапонија. Продаден е во 1,5 милиони примероци само во Јапонија, која брои 124 милиони жители. Авторката на романот и самата работела како продавачка за време на студиите, а и уште неколку години по дипломирањето. Низ ликот на продавачката во романот, таа изјавува: „Секој кој ќе науми да се бори против општеството за да биде слободен, мора отворено да зборува за сопствената голгота“.

Моето првично, да не речам еуфорично читање се фокусираше на урнебесно-забавниот начин на кој авторката ни ја претставува Продавачката. Во второто читање и првите белешки кон текстот, се посветив на митот vs реалноста за денешна Јапонија. Како низ цел текст да сум ги подвлекла само критиките и карикатуралноста. Текстот можеби ќе поминеше и како таков, но како читатели, нашиот светоглед ги комплетира книгите. Кој е мојот светоглед денес? Не во 2018 година, кога слушнав за книгата, не во 2020/21, кога и продавачките ми беа дел од ковид-хероите, туку денес, во 2025 година?

Светогледот на различниот

„Не можам да се сетам кога точно се преродив како продавачка“, вели Кеико. „Родена сум во нормално семејство, порасната со љубов во нормална приградска населба. Но секогаш ме мислеа за чудно дете.“

Мојата денешна рецепција на романот е како родител. А од стекнатото животно искуство, штом некој ќе треба да нагласи дека нешто е нормално, тоа обично и не е баш така.

Од детството на Кеико, чудни се три случки кои ги споделува со нас. Ако се подзамислите, ќе се сетите дека сите три ситуациии сте ги виделе во некој цртан филм. Но родителите и наставниците, наместо да работат со Кеико на изворите на инспирација за нејзините постапки, ги категоризираат како еклатантно чудни. Кога таа сфаќа дека нејзиното однесување им причинува срам на родителите (тие постојано им се извинуваат на наставниците, додека нејзе ѝ велат единствено „Не ми е јасно зошто не разбираш“), таа одлучува да биде што е можно помирна. Мирноста ќе се претвори во молчаливост, а единствена дозволена активност ќе биде следењето на детални упaтства.

Претворање во личноста која тие ја замислуваа како нормална

Средината во која Кеико ќе ја најде својата „пролет“ е новоотворената продавница „Смајл март“. Ќе се пријави да биде продавачка на скратено работно време, бидејќи тогаш е прва година на студии. Уште за време на обуката за продавачка, која во Јапонија трае две недели, Кеико вели: „Одлично ги имитирав примерите од инструкторот и од видеото; … Првпат во животот некој ме научи како да постигнам нормален израз на лицето и нормален изговор.“

Кеико станува толку посветена на продавницата што целото постоење го поврзува со својата работа. Јаде и спие за да може ефективно да работи, а внимава на личната хигиена и манирите за да биде претставителна пред муштериите.

Врската со родителите и малкуте пријатели во овој период е „нормална“ – тие се задоволни што таа се интегрирала како дел од општеството со својата работа. Но заплетот во книгата настанува со тоа што таа сега има 36 години – кога „нормалното општество“ вели дека треба да одиш на следно ниво – или друга работа или, уште подобро, брак.

Ситуацијата во романот, а со тоа и во животот на Кеико, ќе ја извади од колосек појавувањето на Шираха. Колега од продавницата кој во колективот ќе се задржи прекратко, поради своето неодговорно работење и неприкладното однесување.

Врежани правила

Шираха постојано повторува дека општеството не се променило од камената доба. Според него, ако мажот не лови, а жената не раѓа, тие бидуваат протерани од селото. Кеико на тоа му одговара: „Шираха, живееме во дваесет и првиот век! Овде во продавницата нема мажи и жени. Сите сме продавачи.“ Тој вели: „Колку и да зборуваме за модерно општество и индивдуализам, секој кој нема да се вклопи, треба да е подготвен да му висат на врат, да го принудуваат, и на крај да го протераат од селото.“

Предлогот кој ќе го добие од Кеико, а и „експериментот“ што ќе го изведат со нивното цимерство, ќе биде изразит пример за тоа дека општеството го прифаќа само она што го разбира. „Се чини дека, ако маж и жена се сами во стан, луѓето имаат бујна фантазија и се задоволни без оглед на реалноста.“

Од сите нормални во романот, единствена која ќе му понуди покрив над глава на Шираха кога ќе го најде на улица, е токму Кеико. На „чудната“ Кеико не ѝ претставува проблем да вдоми арамолебец, но воедно и човек полн со презир и предрасуди. Таа дури има и своја теорија за луѓето со предрасуди. Мудро заклучува дека „постојат два вида луѓе со предрасуди – едните имаат длабок порив за нив, а другите без размислување повторуваат навреди што ги слушнале некаде“.

Иако работи цели 18 години во продавница на скратено работно време, на сите им е јасно дека Кеико е точна како часовник и дека најдобро од сите си ја знае работата. Но сите избираат да ѝ веруваат на „белата“ лага која се провлекува низ целото работење (пред пријателите таа работи на скратено работно време бидејќи е болежлива, а изговорот за колегите е дека им е потребна како помош на родителите). Никој не ја окуражува да почне да работи на полно работно време, или дури и на поодговорна позиција, бидејќи нејзината посветеност е неодржлива за останатите.

Кеико има високо мислење за своите колеги, од некои од нив дури и ги копира начинот на зборување и стилот на облекување, кои ѝ се чинат конвенционални за жените во триесеттите години. Сепак, некаде пред крајот на своето работење во продавницата, откако ќе ги сподели новостите со колегите (за „животот“ со Шираха), таа заклучува: „во новонастанатата чудна состојба почнуваше да доминира менталитетот на селото, и сите се претвораа во обични мажи и жени. Сега само муштериите ми дозволуваа да бидам обична продавачка.“

Хероината на продавницата

Кеико е апсолутно несфатена хероина, која наполно сама го побива концептот на „општеството“. „Не ни можев да замислам како би изгледало здраво општество“, вели таа. „Самата дефиниција за 'општество' како да ја изгуби смислата. Ми се чинеше дека е илузија.“

Продавачката, која на почетокот на романот се преродува со вработувањето во продавницата, на крајот од книгата ќе воскресне во истата улога. Посилна од претходно. „Брзо-брзо ги подредив полиците; …Како да го слушав гласот на продавницата, како да ми кажуваше што ѝ треба, каква сака да биде. Совршено ја разбирав.“

Ирасшаимасе, читатели!
Ви посакувам да уживате во чудната генијалност на Кеико. И по читањето да бидете малку пољубезни кон сите продавачки на светот.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново