БРУТАЛНИОТ ПЕСИМИЗАМ НА МИШЕЛ УЕЛБЕК – Уметноста на негативното

БРУТАЛНИОТ ПЕСИМИЗАМ НА МИШЕЛ УЕЛБЕК – Уметноста на негативното

Францускиот автор Мишел Уелбек е еден од најжестоките карактери меѓу современите писатели. Секогаш цел на критичарите, но истовремено и прв избор на читателите.

Како романсиер, Уелбек сè уште урива рекорди. Неговиот роман „Уништување“ (што во моментов е дел од акцијата книги на 50 % попуст), излезе од печат во 2022 година со неверојатна бројка за прв тираж. Објавен е во 300 000 примероци.

Неговиот роман „Серотонин“ е рекордно продавана книга. За три дена од објавувањето биле продадени 90 000 примероци, што се смета за национален подвиг.

Многумина од читателите го сметаат за неморален и го обвинуваат за начинот на кој пишува. Да, Уелбек можеби е еден од најрадикалните писатели, но тоа е неговото оружје. Што се крие зад сето тоа?

Ако ја имате читано и ако се сеќавате на „Елементарни честички“, во неа ќе најдете толку многу сцени од хипи-светот што ќе ви се чини дека Уелбек имал намера да го опише рајот. Но во суштина, Уелбек е јавно критички настроен кон утопискиот либерализам што доминираше во 1960-тите и се стремеше да го поткопа капитализмот со ослободување на поединецот.

Во сите негови книги ќе најдете чиста противречност со начинот на кој го замислува светот. Тој сака да ни го покаже подобриот свет фрлајќи ни го в лице полошиот. „Ако светот не може да се промени, барем може да се одбие“, вели Уелбек. Да, не да се обиде – туку да се о д б и е.

Уелбек суштината на книжевноста ја гледа во отфрлање на светот каков што е и во отелотворување на чистата негативност, како услов за пресоздавање. Пишувањето подразбира изложување на негативното така што читателот ќе почувствува олеснување откако ќе го „види“ сето тоа. Авторот, пак, презема ризик да се идентификува со овој негативен дел од светот. Затоа пишувањето е толку тешко.

Ваквата уметност може да нè ослободи од она што Лорен Берлан го нарече „суров оптимизам“.

Кога следен пат ќе посакате да навлезете во неговата земја што е во состојба на економски пад и морално распаѓање (како опишаната во „Уништување“), нагодете го умот дека влегувате во фиктивен живот каков што никој не посакува. А ќе ја затворите вратата од тој живот чувствувајќи се благословени од сето она што го имате. И сигурно и вие ќе си помислите: „Навистина нема автор што му парира на Уелбек“.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново