Кога ќе помине моќта, што останува од човекот?

Кога ќе помине моќта, што останува од човекот?

Кога ќе помине моќта, што останува од човекот? 


Кон романот „Ќе помине и моќта“ од Ирена Јуречва 

Пишува: Мерсиха Исмајлоска 

Постојат приказни кои се паметат долго по прочитувањето. Како донесени од пред векови, а во исто време тука и сега, актуелни како никогаш дотогаш. Приказната за Адријан е една од нив. Ја раскажува една волчица, волчица слична на оние од Клариса Пинкола Естес, која пишува за жените што трчаат со волците. Ирена трча со Адријан.

Ја запознав преку Толкин, преку еден од оние светови кои постојат некаде на границата меѓу книжевноста и митот, светови што не ги читаме само како приказни, туку во нив влегуваме како во некое одамна заборавено сеќавање кое, иако не ни припаѓа сосема, сепак на чуден начин го препознаваме.

Поводот беше промоцијата на нејзиниот превод на „Силмарилион“, и тогаш Ирена за мене беше пред сè преведувачката која се осмелила да влезе во густиот, митски јазик на Толкин и да го пренесе во нашиот, не само преведувајќи зборови, туку обидувајќи се да го зачува она тешко преносливо нешто што останува зад нив – атмосферата, древноста, чувството дека приказната започнала многу пред нас и дека ќе продолжи долго откако нас веќе ќе нè нема.

Не претпоставував дека нашата следна книжевна средба ќе биде преку еден сосема поинаков свет, оној на Адријан, а сепак, читајќи го „Ќе помине и моќта“, постојано имав чувство дека некаде длабоко под приказната постои тенка нишка што води назад кон Толкин, не како влијание кое треба да се докажува и именува, туку како ехо на една иста фасцинација со невидливото, со она што постои зад границите на сетилното, со моќта која не мора да се покаже за да биде присутна.

Затоа, размислувајќи за романот, постојано ми се враќаше една за мене многу драга реченица од „Силмарилион“:

„Зашто Валарите умеат да сторат многу нешта со умот, а не само со рацете, можат да се советуваат еден со друг, безгласно, во молк.“

Во оваа реченица има нешто што многу ме потсетува на светот на Адријан, затоа што моќта, барем онаа што навистина нè менува, ретко е толку видлива колку што сакаме да веруваме. Нејзиното вистинско место можеби воопшто не е во рацете, туку во оној невидлив простор меѓу две човечки суштества, таму каде што зборовите понекогаш стануваат непотребни, каде што едниот човек го чувствува другиот и пред тој да проговори, а понекогаш и подобро отколку што другиот се познава себеси.

Таква е и моќта на Адријан, која на прв поглед може да изгледа како привилегија, речиси како дар што го издвојува од останатите, но колку подолго остануваме со него, толку повеќе разбираме дека секоја врата што се отвора кон туѓата душа истовремено отвора и бездна, бидејќи можноста да проникнеш во другиот никогаш не доаѓа сама, туку со себе го носи прашањето до каде имаме право да одиме и што се случува со нас кога премногу долго престојуваме во туѓата болка.

И токму тука, на границата меѓу дарот и товарот, се отвора едно од суштинските прашања на романот, она за почетокот на Адријан, за мигот во кој се раѓа неговата посебност, но и неговата осаменост. Дали најпрво постои човекот, со сите негови стравови, желби и сè уште нејасни можности, па дури потоа моќта која ќе го одреди неговиот пат, или можеби токму моќта го создава човекот каков што ќе го запознаеме? И дали она што нè прави различни од другите уште од самиот почеток ја носи во себе можноста да стане нашиот најголем товар?

Можеби тука е и најинтересната разлика меѓу Валарите и Адријан. Кај Валарите моќта му припаѓа на поредокот на светот, таа е речиси онтолошка, дел од самата природа на нивното постоење, додека кај Адријан таа е внесена во кревкоста на човечкото тело, во неговите стравови, љубови, загуби и желби, па нешто што во митот може да изгледа возвишено, во човекот станува товар што треба да се носи.

А сепак, додека го читав романот, не можев да не помислам и на уште една фигура која ја поседува таа необична привилегија да влијае на туѓите умови, да знае нешта кои другите не ги знаат и да ги движи луѓето низ свет што самата го создава, а тоа е писателката.

Така некаде, додека Адријан влијае на другите, Ирена влијае врз Адријан, а ние како читатели имаме увид во двајцата, и границата меѓу оној што ја поседува моќта и оној што го создава станува сè понејасна, бидејќи и пишувањето е еден чуден облик на безгласно општење во кое човек што можеби никогаш нема да го сретнеме ни остава мисла во свеста, а таа понекогаш продолжува да живее таму многу подолго од неговото физичко присуство.

Ме интересира токму тој миг во создавањето на книжевниот лик, кога писателот повеќе не е сосема сигурен дали го измислува или го слуша, кога ликот почнува да се однесува како да поседува сопствена волја, сопствена меморија, па дури и некаква тајна која неговиот творец допрва треба да ја открие. Можеби тоа е најнеобичната моќ на книжевноста, што создаденото во еден миг почнува да му се спротивставува на создавачот, барајќи да биде препознаено не како замисла, туку како постоење. И тогаш повеќе не е сосема јасно кој кому му ја открива вистината, дали Ирена го води Адријан низ неговиот свет или Адријан, полека и трпеливо, ја води неа кон нешто што не можела да го знае пред да започне да пишува.

А тука се отвора и прашањето за гласот. Кој е тој што раскажува? Жена која избрала да проговори низ машки глас, и тоа не само да го набљудува мажот однадвор, туку да влезе во неговото тело, неговата желба, неговата ранливост, неговиот страв, во онаа внатрешна територија која книжевноста понекогаш ни дозволува да ја преминеме многу полесно отколку животот.

И токму таму, во таа внатрешна територија, го среќаваме волкот.

Волкот е една од оние слики кои човештвото ги носи толку долго што веќе не знаеме дали прво сме се плашеле од вистинскиот волк, па од него сме создале симбол, или симболот отсекогаш живеел некаде во нас, а животното само му дало тело. Во него има нешто од ноќта, од шумата и осаменоста, но и нешто од припадноста, бидејќи волкот е истовремено самотник и суштество на глутницата, оној што може да исчезне во темнината сам, но никогаш сосема не го заборава повикот на своите.

Повторно се враќам кон Клариса Пинкола Естес и нејзината „Жени кои трчаат со волците“, каде што волкот не е ѕверот од детските приказни кој треба да биде победен, туку слика на онаа длабока, инстинктивна природа што цивилизацијата постојано се обидува да ја припитоми, а која, и покрај сè, продолжува да знае каде е домот, што е опасност, кого сака и кога мора да замине.

Кај Ирена волкот му припаѓа на маж, но можеби архетипот нема пол, затоа што дивото во нас постои пред поделбите што подоцна ги учиме, во онаа постара меморија на човекот во која инстинктот не е спротивност на разумот, туку негов потемен и подлабок брат.

И тогаш се појавува и Хесеовиот степски волк, Хари Халер, човекот кој во себе ја чувствува болната поделба меѓу човечкото и волчјото, меѓу она што светот очекува од него и она што во него одбива да биде цивилизирано до крај. Но кај Адријан волкот го чувствувам малку поинаку, како да не е суштеството што го расцепува, туку она што го повикува назад кон себе кога премногу ќе се оддалечи, не непријател што треба да се совлада, туку темен придружник кој го памети патот кога човекот ќе го заборави.

Затоа волкот во овој роман за мене останува една од неговите највозбудливи симболички можности. Тој може да биде сенката на Адријан, неговата совест, неговиот инстинкт, чуварот на нешто што сè уште не умее да го именува, но можеби е и она најстаро Јас во него кое останува недопрено од сите обиди на светот да го направи послушен. Можеби волкот не е тука за да му покаже како да ја употребува моќта, туку за да го потсети кој е тогаш кога нема да може да се потпре на неа. Зашто постојат нешта што човекот ги учи, но постојат и нешта што мора да ги памети, иако никој никогаш не го научил на нив.

Можеби најголемата опасност за човекот не е да стане див, туку да биде припитомен толку многу што повеќе нема да го препознава сопствениот глас.

И тука за мене романот почнува да се оддалечува од приказната за необичната способност на едно момче и да станува приказна за созревањето, кое речиси секогаш подразбира некакво одвојување, не само од родителите и од светот од кој доаѓаме, туку и од претставата за себеси со која сме тргнале во животот. Можеби созревањето е токму тоа долго и понекогаш болно отпаѓање на идентитетите што некогаш ни биле неопходни, а потоа станале премногу тесни за она во што се претвораме.

Во тој процес луѓето што ги среќаваме не се случајни, барем не во книжевноста, а понекогаш сакам да верувам дека не се сосема случајни ниту во животот. Некои нè учат преку љубовта, други преку загубата, некои со присуството, а некои токму со своето отсуство, и сите оставаат по нешто во нас што продолжува да постои дури и кога нив веќе ги нема.

Меѓу тие присуства особено место зазема Дениз, и таа море, и таа вода, не само како лик што поминува низ животот на Адријан, туку како еден од оние луѓе што создаваат простор во кој другиот може да стане тоа што е, без да го обликуваат насилно според сопствената замисла. Во нејзиното име се слуша морето, а Адријан, роден во знакот на ракот, останува симболички врзан за водата, за нејзината променливост, длабочина и способност да ги зачува трагите на она што поминало низ неа.

Можеби не е случајно што токму водата се јавува како една од можните слики за неговото внатрешно постоење, бидејќи водата никогаш не е сосема иста, а сепак останува вода, исто како што човекот низ годините ги менува своите лица, уверувања и љубови, а некаде под сите тие промени продолжува да постои нешто што упорно го нарекува себеси.

И токму затоа Дениз ме наведува да размислувам колку од Адријан каков што го среќаваме подоцна е можен благодарение на неа, и дали понекогаш најголемата моќ што ја имаме над некого е свесно да се откажеме од потребата да го менуваме. Да бидеме присутни без да присвојуваме, да сакаме без да управуваме, да му дозволиме на другиот да остане различен од нашата замисла за него, дури и кога таа различност нè плаши.

Можеби токму затоа и љубовта во романот е фасцинантна повеќе од самата моќ, бидејќи има една прекрасна иронија во тоа човек што може да навлезе таму каде што другите не можат, сепак да остане беспомошен пред најобичното и најстарото човечко искуство – пред желбата некој да нè избере, да нè види и да остане. Тука моќта престанува да биде потребна. Таа, љубовта е доволна. И можеби токму таму Адријан станува најмногу човек.

Жените што минуваат низ неговиот живот не ги чувствувам како декор на неговото созревање, туку како различни огледала во кои тој секогаш гледа друг дел од себе. Но огледалото никогаш не ни го покажува само она што сакаме да го видиме, понекогаш во него се појавува токму она од кое најдолго сме бегале, нашата зависност од туѓиот поглед, нашата потреба да бидеме сакани, нашиот страв дека без нечие присуство ќе престанеме да бидеме целосни.

Така и машкоста на Адријан не се исцрпува во силата, нагонот и отпорот, туку во неа има нежност, ранливост и способност да биде повреден, особини што светот премногу често ги смета за спротивни на моќта, иако можеби токму тие се нејзината најчовечка форма. Зашто каква вредност има моќта ако нè направи неспособни да бидеме допрени од другиот, и што останува од човекот кој може да влијае врз туѓата волја, а повеќе не умее да ја препознае сопствената потреба за блискост?

Можеби токму во оваа противречност се крие еден од најинтересните аспекти на Адријан, маж кој поседува нешто што другите го немаат, но не е поштеден од она што сите го носиме, од стравот да не бидеме напуштени, од желбата да бидеме разбрани, од болката што доаѓа кога ќе откриеме дека не можеме да го задржиме она што го сакаме. И тогаш неговата моќ, наместо да го издвои од човечкото искуство, уште подлабоко го враќа во него.

„Ќе помине и моќта“ уште со самиот наслов, уште пред да ја отвориме книгата, содржи едно ветување кое истовремено може да биде утешно и застрашувачко, бидејќи ако моќта помине, тогаш со неа ќе помине и она по што Адријан се разликува од другите, а зад неа ќе мора да остане нешто што не зависи од дарот, нешто што е негово дури и тогаш кога сè друго ќе исчезне.

Можеби токму затоа насловот ме тера да мислам не само на Адријан, туку и на сите оние моќи со кои во различни периоди од животот се идентификуваме, на младоста, убавината, професијата, знаењето, положбата, љубовта на некого, па дури и на сопствената претстава дека сме неопходни, сè додека времето, со својата тивка и совршено рамнодушна работа, не почне едно по едно да ги одзема.

И тогаш, речиси неизбежно, се појавува прашањето кое можеби стои зад сите други прашања во романот: кој сум јас кога ќе исчезне она за кое сум верувал дека ме прави посебен? Кога повеќе нема да можам да се повикам на својот дар, на улогата што сум ја имал во туѓите животи, на љубовта со која сум бил именуван, на сè она што некогаш ми служело како доказ дека постојам? Дали тогаш започнува вистинската слобода, или најголемиот страв, оној од средбата со себеси без ниту една од маските што сме научиле да ги носиме?

Можеби целиот живот е едно долго учење како да се живее со она што ќе помине. Со луѓето што ќе заминат, со телата што ќе се променат, со убедувањата што ќе се распаднат, со моќите што ќе нè напуштат токму тогаш кога сме поверувале дека ни припаѓаат засекогаш. И можеби созревањето не е стекнување сè поголема моќ, туку постепено помирување со нејзините граници, со сознанието дека не можеме да го задржиме секој што го сакаме, да го спасиме секој што страда, ниту да го продолжиме времето само затоа што во него ни било убаво.

Тука насловот добива и една поинаква, речиси нежна смисла. Ќе помине и моќта, како што поминува се, но во самото поминување можеби се крие и можноста да откриеме дека никогаш не сме биле само она што сме го поседувале. Дека човекот не е збир од своите способности, ниту од погледите што другите ги упатуваат кон него, туку нешто многу потешко за именување, нешто што понекогаш се покажува дури кога ќе престанеме да се обидуваме да бидеме посебни.

Можеби затоа толку силно ми остана и тишината во романот, затоа што тишината е постара од нашите зборови и, на некој чуден начин, ќе биде тука и кога нив веќе нема да ги има. Таа постои пред приказната и по неа, пред нашите љубови и по нив, пред моќта и откако моќта ќе помине, како некаков простор во кој светот привремено се појавува, а потоа повторно исчезнува.

И така повторно се враќам таму од каде што започнав, кон Толкин и неговите Валари кои можат да се советуваат „безгласно, во молк“, но и кон онаа прва средба со Ирена, кога ја запознав како некој што го пренел туѓиот свет во нашиот јазик, додека денес пред мене е авторка која создала сопствен свет и нè поканила ние да влеземе во него. Користејќи јазик, кој е мелем за уши.

Понекогаш се прашувам што се случува со книжевните ликови откако нивните автори ќе престанат да пишуваат за нив. Дали остануваат таму каде што сме ги оставиле, заробени во последната реченица, или продолжуваат да постојат во некаков простор што повеќе не ѝ припаѓа ниту на книгата ниту на писателот, туку на читателите кои ги понеле со себе? И ако еден ден Адријан седне спроти Ирена, не како лик пред својата авторка, туку како човек пред друг човек, дали би имал потреба да ја употреби својата моќ за да проникне во неа, или меѓу нив веќе би постоело она ретко разбирање кое не бара никакво откривање, затоа што двајцата предолго живееле во истиот внатрешен свет?

Можеби таа средба би се случила во молк. Можеби Адријан конечно не би морал да знае што мисли другиот, ниту Ирена би морала да знае што ќе направи нејзиниот лик, затоа што во тој миг и двајцата би биле ослободени од потребата да управуваат со приказната. И можеби токму тогаш, кога ќе помине неговата моќ, кога ќе стивне сè она што го правело различен, ќе остане она што отсекогаш било најважно, а што најтешко сме го забележувале додека сме биле заслепени од неговата посебност.

И кога конечно ќе помине моќта, можеби ќе остане токму тоа.

Она што никогаш и не било моќ.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново