ПРОЧИТАЈ ИЗВАДОК – „ТОНИ“, ПРВ РОМАН ОД РУМЕНА БУЖАРОВСКА
Дојде познатиот дел од песната на Дорс, солото на клавијатури. „Ту Реј Манзарек“, рече важно Тони, повторно ја крена чашката и ја допи на екс. Го обзеде чувство на волшепство, како кога беше млад и одеше на одмор на море, и кога ќе се погледнеше со некоја убава девојка во ноќта додека свиреше на гитара. Ги затвори очите, длабоко вдиша, ги испрчи градите нанапред и помина со прстите низ косата. Кога ги отвори повторно очите, виде две сенки, една повисока и една пониска, како се приближуваат кон него. Не ми се верува, си рече. Не ми се верува кој ми дојде во скут, си рече гледајќи ги девојките од плажата. Двете беа облечени во црни фустанчиња и носеа џиш црвени кармини.
„Калиспера, копелес!“, рече кривоокиот, а слабичкиот за малку ќе паднеше од столчето од што се обиде брзо да стане. „Ористе!“, викна покажувајќи кон своето столче.
„Калиспера“, одговорија девојките стоејќи меѓу двете маси, одмерувајќи каде би седнале. Тони сфати дека Грците ќе му ги земат девојките, ако не реагира брзо.
„Хир из фри ту“, рече и покажа кон двете празни столчиња на неговата маса. „Кај сакаш да седиме?“, повисоката ја праша пониската на македонски.
„Нормално дека треба да седите со наши луѓе“, ја искористи приликата Тони да ги намами да му се придружат, ја префрли косата на другата страна од челото и се насмевна, но брзо го пресече мислата дека можеби забите му се откачиле, па ја затвори устата, помина со јазикот по горната вилица и се опушти кога се осигури дека сѐ си стои на место.
„Па добро тогаш“, рече помалата. Другата кимна, па двете се приближија кон неговата маса. Повисоката лесно се смести на високото столче, но помалечката се фати за пластичната маса обидувајќи се да си помогне да се качи и за малку ќе ја превртеше. „Превисоко ми е“, рече смеејќи се, но Тони веќе стоеше до неа со подадена рака.
„Дозволи ми да ти помогнам“, ѝ рече фаќајќи ја за дланката. Кога девојката се качи на столчето, тој малку и како да се поклони. „Ти благодарам“, побрза да каже пред таа да има можност да му се заблагодари. Таа финта ја имаше научено од татко му, Андон, кој велеше дека господин човек треба да се заблагодарува на дама за приликата да ѝ отвори врата или да ѝ запали цигара. Исто така, татко му го беше подучил дека таа финта „пали кај пичиња“.
„Нема проблем“, му врати девојката без размислување и извади кутија цигари од чантичката што ја беше вгнездила во скутот. Извлече цигара, а потоа ѝ понуди и на другарка ѝ. Во исто време Тони ја собра запалката од масата и ја стегна в рака демнејќи прилика да им ги запали цигарите.
„Ние мислевме од Италија сте“, рече повисоката додека Тони ѝ чкрапаше со запалката пред нос. „Да?“, рече тој поласкан дека го мислат за Италијанец, но повреден од тоа што му персираат. „И да не се персираме, ако може“, се насмевна меркајќи ѝ ги градите на повисоката девојка. Добри набрекнати брадавичиња, си помисли, па се заврте да ја понуди запалката на помалечката и со тоа и нејзе да ѝ ѕирне подлабоко во деколтето.
„Па нели нешто чао бела ни викавте со малиот денес на плажа“, рече таа дувајќи му го димот директно во лице. Тони се сети дека, кога беше млад, ако некоја девојка ти дувне дим во лице, значеше дека сака да ја ебеш.
„Јас мислев дека ти личам на Италијанец“, рече Тони и се насмевна, палејќи и тој нова цигара, задоволен што и тие се сеќаваат на него. Сакаше да продолжи со разговорот, но го прекина слабичкиот гираџија, кој се појави со два проѕирни пијалака од кои штрчеа две бледорозови сламки и ги остави пред девојките.
„Реѓулар, јес?“, рече и се насмевна, покажувајќи го беззабиот простор по четворките на горната вилица.
„Евхаристуме!“, рече повисоката девојка. „Стин ија мас!“, рече пониската и ја крена чашата кон келнерот, а потоа и двете со погледот го побараа кривоокиот, па и нему му наздравија.
„Да сте живи и здрави“, рече Тони сакајќи да наздрави со нив и притоа да ги гледа во очи, но сфати дека чашата му е празна. „Мај френд, бринг ми!“, се навали наназад, му викна на кривоокиот и ја дигна чашката во вис.
„Значи, доаѓате тука редовно штом знаат што пиете, а?“, Тони се заврте кон пониската. Реши дека таа повеќе го пали.
„Да“, одговори таа.
„Леле која песна ја пушти, мајсторе“, рече Тони кога ја слушна Little Wing од Џими Хендрикс. Ги затвори очите, ги згрчи веѓите и посвири малку гитара во воздух додека кривоокиот не му го донесе пијалакот. „Грејт мјузик“, искоментира со догорчето од цигарата залепено меѓу усните. Не почека кривоокиот да му одговори туку се сврте пак кон пониската девојка. „Добра музика пуштаат“, ѝ рече обидувајќи се да го одлепи догорчето од устата без да си скине парче кожа. „Стално вака?“
„Да“, одговори таа, ја изгаси цигарата и извлече нова од кутијата. Тони спремно посегна по запалката.
„Извинете“, рече и си ги лизна горните заби, „ама не се запознавме. Јас сум Тони“, се насмевна и ја подаде раката кон пониската.
„Кате“, рече таа.
„Наташа“, рече повисоката.
„Баш ми е мило што се најдовме тука“, рече Тони и пивна од новата чаша ципуро. „Денес двапати ве гледам. Еднаш тука, еднаш на плажа“, излишно додаде.
„Мало е местово“, искоментира Наташа без да се насмее.
„Ама знаете како викаат“, рече Тони. „Ниедна случајност не е случајна.“
„Кој вика тоа?“, праша Кате.
„Па јас, хахаха“, рече Тони, задоволен од својата мудрост. Девојките пристојно се насмевнаа, но не рекоа ништо. Само си шмукаа од пијалаците, кои веќе им беа при крај. Не се нешто многу муабетчики, ама знаат да потегнат, си помисли Тони. Сега ќе ги анимирам, си рече.
„Што пиете?“, ги праша, повторно гледајќи кон Кате.
„Џинтоник“, одговори таа.
„Брадр, бринг ту мор!“, му се сврте на кривоокиот, кој втренчено гледаше во нив. Се чинеше дека со едното око ја гледа Кате, а со другото Наташа, иако со прстите моташе цигара. Слабичкиот рипна од масата и посветено тргна кон вратата. Се слушна како затропка завесата од реси со мониста.
„Од Скопје сте?“, праша Тони.
Девојките кимнаа и истовремено ги дошмукаа џин-тониците.
„Од кој дел на градот?“
„Карпош 4“, рекоа двете во исто време, се погледнаа и гласно се насмеаја.
„Ха, карпошанки“, рече Тони како да знае некоја тајна за нив, па запали нова цигара. „Разловечко?“, праша, сакајќи да покаже дека добро го знае нивното маало.
„Вич“, рекоа и двете во исто време и уште погласно се изнасмеаја.
„Кажете што е толку смешно и ја да се насмеам“, рече Тони и цугна од ципурото. Осети како благо го удри во глава, зашто мирисот на морето стана по моќен.
„Дека во исто време збориме“, му објасни повисоката.
„Вич“, рече Тони обидувајќи се да го врати разговорот таму каде што му одговараше. „Го знаете Тони Мрсулот? Он живее таму“, рече.
„Јас не“, рече повисоката.
„Ни јас“, рече пониската.
„Скопска легенда“, рече Тони. „Свиревме заедно во бенд на времето. Ама вие мали сте“, рече и ја погледна Кате. „Гарант не памтиш“, почна да ѝ се обраќа само нејзе. Наташа ја погледна другарка ѝ и малку ги ококори очите. Се слушна тропкање на завесата со мониста и слабичкиот гираџија се појави со двата џинтоника.
„Евхаристуме!“, рекоа двете во ист глас и пак се изнасмеаја, а потоа во исто време повлекоа од нивните џинтоници.
„Брадр, уан мор!“, му рече Тони на гираџијата, го испразни пијалакот во уста и му ја тутна празната чаша во рака без да го погледне. Сега и мирисот на цигарата што се мешаше со мирисот на морето магично му ја матеше главата. Си замисли како ја легнува помалечката другарка на плажа и како брановите му ги лижат петиците додека полека ѝ го соблекува фустанчето.
„Значи, не памтиш гарант“, се заврте кон девојката, „ама баш имавме еден рокбенд со Мрсулот, кратко траеше, ама култни бевме. Кај учеше средно?“
„Во Орце завршивме двете“, рече Кате и погледна кон другарка ѝ. Телото малку како да ѝ се вкочани.
Види ја ти, ја вклучува и другарка ѝ, си помисли Тони. А може се и пар, шо знаеш, може се модерни, си помисли, па ги замисли како се лапаат на плажа.
„Јас сум центарско дете, учев у Броз“, рече тој, „а и Мрсулот таму учеше, ама година дена помал од мене“, додаде. Слабичкиот гираџија ја стави чашката со ципуро пред него. „Тенкс, мај френд“, му рече, а потоа ја крена за да наздрави со девојките, обидувајќи се долго и фокусирано да ги гледа во очи при здравицата. „За карпошанките“, рече.
„После запишав ликовна, студирав вајарство“, продолжи отпивнувајќи од новата чашка ципуро.
„Бев воодушевен од совршенството на женското тело“, додаде влечејќи силно од цигарата. Знаеше дека таа фраза пали кај повеќето девојки, давајќи им повод да го прашаат што работел и како работел. Потоа требаше да каже дека се посветил на музиката, која му била пасија уште од мали нозе. Никогаш не спомнуваше дека престана да оди на факултет зашто го мрзеше да станува рано за да работи во ателје, а и не можеше да положи историја на уметност во трета година, зашто во меѓувреме умре професорот што му предаваше во прва и втора и кој беше другар на татко му, а во трета го замени една кучка што не сакаше да му даде преодна.
Но девојките ништо не рекоа, што го збуни, па им постави прашање.
„А вие, студентки сте или што?“
„Завршивме биологија“, рече Наташа.
„Едноплазматичен ретикулум“, рече Тони.
Девојките збунето го погледнаа и се напија од џин-тониците.
„Само тоа памтам од биологија. Морам да признаам, не бев некој сјаен ученик“, рече, како да кажува нешто со што треба да се гордее, „се фативме со музики. Е, тоа ти зборев“, повторно несвесно ѝ се обрати само на Кате. „Мрсулот и ја бевме во Д Институшнс. Сте чуле?“, овој пат се заврте и кон Наташа. Двете во исто време ги кренаа рамената.
„Институшнс, зашто бевме институција, и зашто бевме за во институција, сфаќаш?“, продолжи повторно обраќајќи ѝ се само на Кате. Таа срамежливо се насмевна. „Прво почнав со гитара, свирев по свирки, на убави девојки на плажа сум им свирел“, неприродно белите заби на Тони блеснаа во насмевка, „ама пошто имам големи раце“, и тука гордо ја дигна левата дланка и ја рашири, „решивме дека бас најдобро ми лежи.“
Девојките молчеа.
„И така се сменивме, Мрсулот свиреше гитара, а ја бас. Кратко траеше бендот, ама поставивме стандард“, рече Тони и им мавна пак на гираџиите. „Мај френдс, уан мор раунд!“, викна и покажа на целата маса. Го обземаше чувството како кога беше млад и одеше на одмор на Јадран и навечер во дискотеките сретнуваше убави девојки од цела Југославија.
„Каминг!“, рече кривоокиот и ја запали цигарата што ја моташе, иако слабичкиот повторно стана и влезе во локалот. Тогаш Тони ги слушна првите тактови од една од неговите омилени песни од Пинк Флојд.
„Пигс! Три диферент уанс!“, викна и стана од столчето. Почна во воздух да ги свири рифовите од гитарата на воведот од песната расчекорен, со едната нога качена на ножниот потпирач од шанкерското столче од кое штотуку стана. Осети остар мирис на марихуана како му се приближува и го виде кривоокиот како стои до него и со едното око ја гледа Наташа, а со другото него. Држеше подаден запален џоинт.
„Уел, мај френд“, рече кривоокиот, „дис из Поркиз.
„Дис из бест плејс ин Грис“, рече Тони, и покрај тоа што само еднаш имаше отидено во Солун и во Катерини како мал со неговите. Го зеде џоинтот, иако немаше пушено марихуана дваесет години, откако еднаш преживеа паничен напад. Сега можам, се увери, и сериозно натегна од цигарата, толку што чадот како да му влезе во желудникот во кој што сѐ уште му се вареа гирата што ги проголта попладнето. Инспириран од тоа што не се закашла, потегна уште два огромни дима и потоа џоинтот ѝ го подаде на Кате, која спокојно го прифати и си повлече неколку скромни димчиња, а потоа ѝ го подаде на Наташа, која го направи истото.
„Енџој“, рече кривоокиот, „ај мејк анадер уан“, и си седна повторно на соседната маса, каде што почна да си мота нов џоинт.
„Леле албумов“, рече Тони, кој осети дека главата наеднаш почна да му се дуе и да му го носи сето тело нагоре, кон темните облаци на небото што сега како да му висеа точно над темето, „ремек-дело на крајот на 70тите. Па мислам дека побудалев како тинејџер кога го слушнав ова. После беше една од првите плочи што ги нарачав кога работев во Југотон.“ Ја погледна Кате значајно. „Се сеќавате на Југотон? Можда сте ме виделе таму“, рече земајќи го пак џоинтот од Наташа.
Двете девојки молчеа.
„Па, богами, три-четири години поминав таму“, рече Тони, знаејќи дека веројатно бил и помалку, зашто татко му брзо му најде државна работа, во телевизија.
„Сѐ заборавам дека сте мали“, продолжи и почна лакомо да го цица џоинтот. „Ама да, баталив факултет и сѐ ради музика, опсесија ми станаа плочи“, зборуваше застанувајќи повремено за да испее понекој стих од песната. „Ама ова... политичко и општествено ремекдело! Коментар на капитализам и на Орвел“, поентираше. „Сте го читале?“
„1984?“, праша Кате.
„Не, него Енимал фарм, тоа е ремек-дело на книжевноста“, рече Тони, зашто ја немаше прочитано 1984 и не беше сигурен дали е од Орвел или од Хаксли, кој исто така се читаше во неговата младост.
„Скоро цел албум е на Вотерс, он е мастермајнд зад целиов проект“, продолжи да зборува. „Ова е уште пред да станат популарни со Д Вол. Ги сакав уште пред да бидат битни. Уште пред сите да ги слушаат кај нас“, додаде. Не забележа кога слабичкиот гираџија наеднаш се појави крај масата со три чаши.
„Sин тоник фор лејдиз енд ципуро фор ѕентлмен“, промрмори тој.
„Тенкју, мај френд!“, викна Тони и му го подаде џоинтот откако уште еднаш длабоко потегна.
„Ноу, тенкс“, рече гираџијата. „Ит мејк ми...“, се замисли барајќи го зборот на англиски. Со десната рака направи гестикулација како да одвртува сијалица. „Ит мејк ми крејзи.“
„Ви нева гона сурвајв анлес ви ар а литл крејзи“, рече Тони и значајно ја погледна Кате. Ги испипа забите со јазикот, да види дали се таму. Си беа на место, па широко се насмевна.
„Така ли е, мала?“, ѝ рече подавајќи ѝ го џоинтот. Кате повторно како да се вкочани и со главата по кажа кон Наташа, која молчешкум го прифати џоинтот.
„Ама тоа е друга песна, да не се деконцентрираме“, рече Тони, повторно седна на столчето, ги затвори очите и ги сврте лицето и телото кон Кате.
Благо се насмевна и ја подаде брадата кон неа. Студеникавиот морски ветрец му дуваше во лице и му ги виореше свежо измиените праменчиња коса. „Животот е краток“, прошепоти не отворајќи ги очите, замислувајќи си дека Кате ќе сфати дека немаат време за губење и дека, кога ќе ги отвори, таа ќе му се смешка. Лицето ќе ѝ биде поблиску до неговото. Реши уште малку да седи замижан.
„Ти ѕвони телефонот“, го слушна гласот на Кате и се штрекна. Ги отвори очите и на екранот ја виде сликата од Тамара што ја беше ставил на нејзино инсистирање. Срцето брзо му зачука.
„У пичку матер, ме извади од памет“, рече, го крена телефонот и одговори. „Ало, што е?“, грубо за’ржа.
„Кај си?“, праша Тамара.
„Што ми ѕвониш на роаминг?“, нервозно одговори Тони.
„Нели излезе до продавница?“
„Отидов да се прошетам, де“, рече Тони.
„Што ми ѕвониш на роаминг?“, повтори.
Девојките шмукаа од сламките и го посматраа. Срцето почна уште посилно да му бие и устата му се исуши. Проба да го крене јазикот до забите за да ги провери дали се во ред, ама едвај го одлепи од дното на устата.
„На Тиџеј му е лошо“, рече Тамара.
„Како тоа лошо?“, рече Тони.
„Повраќа и те бара“, рече Тамара. „Лом направи.“
Наскоро: „Тони“!