„ПРИКАЗНА ЗА ДЕЦАТА“ – ЛАВ Н. ТОЛСТОЈ
Долго се возеа едно момче и едно девојче во кочија, од едно до друго село. Девојчето имаше пет, а момчето шест години. Не беа брат и сестра, туку братучеди. Нивните мајки беа сестри. Мајките им останаа на гости, а децата беа пратени дома со дадилката. Кога поминуваа низ едно село, пукна тркалото на кочијата и кочијашот рече дека не можат да го продолжат патот. Прво треба да се поправи тркалото, а тој веднаш ќе се погрижи за тоа.
„Во вистински миг“, рече дадилката Нана. „Долго се возевме и децата огладнеа. Ќе им дадам леб и млеко, што за среќа ни ги подготвија за пат.“
Беше рана зима, пред сам Божик, и времето беше студено, со лапавица. Дадилката влезе со децата во првата селска куќа крај која застанаа. Собата беше исчадена, имаше печка без оџак. Кога зиме се палеше оган во таквите колиби, се отвораше вратата и чадот полека се влечеше низ вратата, сè додека печката не се загрееше. Колибата беше валкана и стара, со широки пукнатини на подот. Во едниот агол висеше икона, а пред неа имаше маса со клупи. Спроти неа се наоѓаше голема печка.
Децата здогледаа во собата две деца на иста возраст: босоного девојче кое беше облечено само во нечиста кошула и едно дебелкаво, речиси голо момче. Третото дете, едногодишно девојче, лежеше на клупата крај печката и толку жално плачеше, срцето да ти се скине. Мајка му се обидуваше да го смири, но ја крена главата кога дадилката донесе од кочијата торба со блескава мала брава. Селските деца ѝ се восхитуваа на блесквата брава и си ја покажуваа едно на друго.
Дадилката ги извади лебот и шишето уште топло млеко од патната торба, посла чист чаршаф на масата и рече: „Така, деца, дојдете, сигурно веќе сте гладни“.
Но децата како да не ја слушнаа. Девојчето Соња без да трепне гледаше во полуголите селски деца, не можеше да го одвои погледот од нив. Никогаш немаше видено толку валкани кошули и толку голи деца, па со големо чудење ѕуреше во нив. А Петја, момчето, гледаше ту во својата братучеда ту во селските деца и не знаеше дали да се смее или да се чуди. Соња со посебно внимание гледаше во малото девојче на клупата, кое уште силно плачеше.
„Зошто толку плаче?“, праша Соња.
„Гладна е“, рече мајката.
„Па дајте ѝ нешто.“
„Би ѝ дала, ама немам што.“
„Добро, а сега дојдете“, рече Нана, која во меѓувреме го имаше насечено лебот на парчиња.
Тогаш децата се приближија до масата. Дадилката им наполни млеко во мали чаши и им даде по едно парче леб. Но наместо да ги подземе, Соња ја оттурна чашата. Петја ја погледна и го направи истото.
„Вистина ли е тоа?“, праша Соња покажувајќи кон селанката.
„Што?“, праша Нана.
„Дека нема млеко.“
„Кој би знаел? Но тоа не е ваша грижа.“
„Нема да јадам“, рече Соња.
„Ни јас нема да јадам“, рече Петја.
„Дај ѝ млеко“, рече Соња не тргајќи го погледот од малото девојче.
„Не трескај глупости“, рече Нана. „Ајде пијте додека не се оладило.“
„Нема да јадам, нема!“, викна Соња ненадејно. „Ни дома нема ништо да јадам, ако не ѝ дадеш!“
„Прво вие пијте, па ако остане нешто, ќе ѝ дадам.“
„Не, нема ништо да каснам, ако прво нејзе не ѝ дадеш. Нема да пијам, да знаеш!“
„И јас нема да пијам“, повтори Петја.
„Само глупости дрдорите“, рече дадилката. „Не можат сите луѓе да бидат еднакви. Тоа зависи од Бога, на некои им дава повеќе отколку на други. Вам, на вашиот татко, Бог ви дал многу.“
„А зошто ним не им дал ништо?“
„Тоа не е наша грижа, Бог така сакал“, рече Нана. Потоа наточи малку млеко во едно филџанче и ѝ го подаде на селанката. Детето се напи и се смири.
Но гледајќи ги другите две деца, Соња никако не сакаше ни да јаде ни да пие.
„Бог така сакал...“, повторуваше. „Ама зошто така сакал? Па тој е лош Бог и никогаш веќе нема да му се молам.“
„Ау, срамота!“, рече Нана. „Чекај само да те кажам на татко ти.“
„Можеш слободно да му кажеш, јас цврсто решив. Тоа не смее да биде така, не смее да биде!“
„Што не смее да биде?“, праша Нана.
„Едни да имаат многу, а други ништо!“
„Можеби Бог намерно направил така“, рече Петја.
„Не, тој е лош, лош! Нема ни да јадам ни да пијам! Тој е лош Бог! Не го сакам!“
Откај печката ненадејно се зачуја рапаво кашлање и еден испрекинат глас: „Дечиња, вие сте драги дечиња, но зборувате бесмислици...“ Нов напад на кашлица го прекина човекот кој го кажа тоа. Децата исплашено се загледаа кон печката и забележаа збрчкано лице и белокоса глава која се подисправи.
„Бог не е лош, дечиња. Бог е добар. Тој ги сака сите луѓе. Не е негова волја едни да јадат бел леб, а други да немаат ни црн. Не, луѓето уредиле така. А тие го направиле тоа затоа што заборавиле на Бога.“
Старецот повторно силно се закашла. „Тие го заборавиле и така ги уредиле работите за едни да живеат во изобилство, а други да скапуваат во беда. Кога би живееле по Божја волја, сите луѓе би имале што им е потребно.“
„А што треба да се направи за да имаат сите што им е потребно?“, праша Соња.
„Што треба да се направи?“, шепна старецот. „Треба да се почитува Божјиот збор. Бог заповеда сè да се дели на два дела.“
„Како, како?“, праша Петја.
„Бог заповеда сè да се дели на два дела.“
„Бог заповеда сè да се дели на два дела“, повтори Петја. „Кога ќе пораснам еден ден, јас ќе го правам тоа.“
„И јас ќе правам така“, потврди Соња.
„Јас кажав пред тебе!“, свика Петја. „Јас ќе го правам тоа за да нема повеќе сиромашни!“
„Доста трескавте глупости“, рече Нана. „Ајде испијте го млекото.“
„Нема, нема, нема!“, викаа децата во еден глас. „Кога ќе пораснеме, ќе правиме така, ќе видиш!“
„Вие сте добри дечиња“, рече старецот и ја развлече устата во толку широка насмевка што му се видоа единствените два заба останати на долната вилица. „За жал, јас нема да доживеам. Но вие тоа цврсто го решивте. Бог нека ви помогне!“
„Што сака нека прави со нас“, викна Соња, „ние ќе го направиме тоа!“
„Секако!“, потврди и Петја.
„Така треба, така треба“, рече старецот смешкајќи се, и повторно се закашла. „А јас ќе се радувам горе поради вас“, рече кога му попушти кашлицата. „Само трудете се да не го заборавите тоа.“
Тогаш дојде кочијашот да извести дека тркалото е поправено и децата ја напуштија собата.
А што ќе биде понатаму, ќе видиме.
Лав Н. Толстој