ГАБОР МАТЕ ЗА ОПАСНОСТИТЕ СО КОИ СЕ СООЧУВААТ ДЕНЕШНИТЕ ДЕЦА
ПРАШАЊЕ НА ВИСТИНСКИОТ МОМЕНТ
Има ли нешто инхерентно зло во дигиталните уреди? Треба ли да ги спречуваме децата да се впуштат во тоа? Секако дека не, а не би можеле дури и кога би се обиделе. Дигиталната револуција е неповратна. Нема ништо инхерентно лошо во врска со тие уреди; она што загрижува е како се користат, особено во рацете на децата. Прашањето е кога да се воведе и кога да се обесхрабри таквата употреба.
На едно општество му е потребно долго време за да се приспособи на големи технолошки достигнувања, да создаде ритуали, рутини и ограничувања што ги максимизираат придобивките и ги минимизираат опасностите. Сè уште се немаме соземено во врска со филмот и телевизијата, а камоли со мобилните телефони, компјутерите, „Гугл“ и социјалните мрежи.
Со оглед на штетата што е веќе нанесена, немаме многу време да ги средиме работите. Имаме многу преседани за справување со нешта што се неизбежни, дури и кога се добри, но што имаат потенцијално штетни, споредни ефекти за децата.
Алкохолот го има насекаде, но како родители ние се обидуваме да го контролираме пристапот до него додека детето не е доволно зрело за да се справи со него. Колачињата се добри. Како и повеќето десерти, тие може да бидат крајно примамливи. Детскиот свет е полн со слатки, колачиња и десерти. Најчесто доста добро го контролираме пристапот. Не ги забрануваме десертите, иако во нив има релативно малку хранливи материи. Го контролираме вистинскиот момент. Правилото е по вечерата, барем додека детето не биде доволно зрело за да има формирано здрави навики и за да си ги контролира импулсите. Со други зборови, колачињата се во ред под услов детето да консумира и добра храна. Колку помалку едно дете чувствува потреба за колаче толку помалку штетна е празната храна.
Вистинскиот момент е секогаш клучно прашање во здравиот развој. За сè постои вистинско време. Тајната за справување со потенцијално штетните искуства не е забраната, која може да биде залудна работа и да дејствува како моќен активатор на контраволја. Тајната на намалувањето на штетата е во изборот на вистинскиот момент за сѐ. Ние сакаме децата да бидат исполнети со она што навистина им е потребно пред да имаат пристап до она што ќе им го расипе апетитот за она што навистина им е потребно.
За алкохолот, вистинското време не е пред човек да ја развие храброста да се соочи со своите стравови и не пред да ги има прифатено и пред да може да ги одржува ритуалите што го регулираат внесувањето. Алкохолот го намалува чувството на ранливост и може лесно да се злоупотреби ако се користи за таа намена. Искушението би било огромно освен ако човек прво не ја има прифатено реалноста со сите нејзини џумки и модринки, не ги има прифатено чувствата на празнина и загуба.
Проблемот со предвремената употреба на алкохол е во тоа што го расипува апетитот за реалноста. Постојат два клучни принципа при справувањето со овие опасности кога младите се изложуваат на работите што можат да ги заведат настрана од патот кон целоста. Едно такво изложување би требало да се случи откако детето обилува со она што му е потребно и само откако детето е доволно зрело за да се справи со неопходните одлуки. Го играме танцот со колачиња и други слатки веќе со илјадници години. Ама, со слатките и живееме веќе со илјадници години. Сега, во нашиов случај, немаме доволно време одново да го измислуваме тркалото. Мораме да го примениме она што сме го научиле врз новите предизвици со кои се соочуваме. Мораме да управуваме со пристапот на нашите деца кон дигиталниот свет додека сè уште можеме, со цел да го контролираме вистинскиот момент за нештата. Мораме да ги држиме привлечните искушенија настрана од патот, заводливите сирени надвор од дофат. Мораме да бидеме доволна тампон-зона за дигиталниот свет за да дадеме простор и време за исполнувачката интеракција што му е потребна на едно дете, како и за детето да стане доволно зрело за да се справи со одлуките за своето општење со светот. Треба да ги подзабавиме, малку да ги одложиме работите.
Родителите се премногу загрижени дека нивните деца нема да се вклопат ако не се приклучени на интернет. Би требало да бидеме многу позагрижени да им помагаме на нашите деца да си го реализираат својот потенцијал како луѓе. Слепилото во врска со дигиталната технологија е слично на слепилото во врска со феноменот врсничка ориентација. За нормално се смета она што е типично, а не она што е природно или што е здраво. Ова слепило е влошено со нашата љубов кон технологијата и со наивната претпоставка дека она што е добро за возрасните мора да биде добро и за децата.
Па, како да се пренесе пораката? Се чини дека многумина мислат дека ако некој рони солзи на дигиталната парада, тој мора да е против технологијата или против напредокот. Критичарите често се омаловажувани како луѓе што креваат паника. Па како може да се убедат родителите и учителите каков простор му треба на едно дете за да созрее? Денешното општество нема да ни ја заврши таа задача. Оставени сме сами на себе.Токму затоа ни треба колективна свест и јазик со кој можеме да разговараме меѓу себе.
Габор Мате и Гордон Нојфелд
Извадок од „Држете се до своите деца“