ВРЕМЕ Е ЗА СТРАШНИ ПРИКАЗНИ: „ЕЛЕОНОРА“ ОД МАЈСТОРОТ НА МИСТЕРИЈАТА ЕДГАР АЛАН ПО
Sub conservatione formae specificae salva anima.
Рејмонд Лул
Потомок сум на род што е познат по жестокоста на вообразбата и жарката страст. Луѓето ме нарекуваат луд, но прашањето дали лудоста е или не е највозвишената интелигенција, уште не е потврдено – дали е многу од она што е величествено – дали е многу од она што е длабоко – дали не извира од болеста на мислата – од расположенијата на умот егзалтирани за сметка на општиот интелект. Луѓето кои сонуваат дење знаат многу нешта што им бегаат на оние кои сонуваат само ноќе. Во своите сиви визии добиваат кратки увиди во вечноста и возбудата, за да откријат при будењето дека биле пред прагот на големата тајна. Тие дознаваат по нешто од мудроста која е добра, и повеќе од самото знаење за злото. Без кормило и без компас, тие навлегуваат во неизмерниот океан на „неискажлива божественост“, како авантурите на намибискиот географ „agressi sunt mare tenebrarum, quid in eo esset exploraturi“.
Ќе речеме, тогаш, дека сум луд. Признавам дека има барем две одделни состојби на моето ментално постоење – состојбата на еден луциден резон, кој не е спорен, и припаѓа на сеќавањето на настани што го формираат првиот период на мојот живот – и една состојба на сенка и сомнеж, што се однесуваат на сегашноста, и на сеќавањето што го претставува вториот голем период на моето постоење. Според тоа, верувајте во она што ќе ви го кажам за раниот период, а во она што се однесува на подоцнежните времиња, имајте онолку доверба колку што мислите дека треба, или, пак, сомневајте се во сè, а ако не можете, тогаш решавајте ја загатката на Едип.
Онаа која ја сакав во младоста, и за која сега ги пишувам мирно и јасно овие сеќавања, беше единствената ќерка на единствената сестра на мајка ми која одамна беше почината. Елеонора беше името на мојата роднина. Ние отсекогаш живеевме заедно, под тропското сонце, во Долината на разнобојната трева. Во таа долина не стапна ниту еден ненајавен чекор, зашто ова слатко скривалиште лежеше далеку меѓу венец од високи ридови што се надвиснуваа околу него. Во близина немаше ниту еден разгазен пат; и за да се стигне до нашиот среќен дом сосила требаше да се растргнат лисјата на илјадници шумски дрвја, уништувајќи ја убавината на милиони мирисливи цвеќиња. Така, ние живеевме сами, не знаејќи ништо за светот надвор од долината – јас, мојата роднина и нејзината мајка.
Од нејасните предели на планините и горниот дел на нашиот окружен имот, ползеше една тесна и длабока река, побистра од сите реки, но не и од очите на Елеонора; и внимателно се свиваше како лавиринт, поминуваше низ една сенчеста клисура, меѓу уште понејасни ридишта од оние од кои извираше. Ние ја нарековме „Река на тишината“, зашто се чинеше дека тишината има смирувачко влијание врз нејзиниот тек. Никаков жубор не се слушаше од нејзиното корито, и толку нежно таа талкаше по должината на бисерните камења што сакавме, неподвижно и задоволно лежејќи, долго да ги гледаме камењата што беа вдлабени во нејзиното корито, секој величествено светкајќи во својата стара длабнатина.
Брегот на реката и многуте заслепувачки поточиња што се влеваа низ заобиколни патчиња во нејзиното корито, како и просторите што се протегаа од бреговите надолу кон длабините на потоците додека го достигнуваа коритото послано со камчиња – овие места, не помалку од целата површина на долината, од реката до планините кои ја опкружуваа, беа послани со мека зелена трева, густа, кратка, совршено еднаква, и со миризба на ванила, но распрскана наоколу со жолти глуварчиња, бели ради, виолетови темјанушки, и рубин црвени асфодели, и нејзината прекумерна убавина им говореше на нашите срца со гласни звуци за љубовта и славата на Бога.
Ваму-таму, во шумичките околу оваа трева, како дивина на соништата, се извишуваа фантастични дрвја, чии високи вити стебла стоеја не исправено, туку грациозно наклонети кон светлината што се појавуваше напладне во центарот на долината. Нивните лисја беа прошарани со жив наизменичен сјај на абонос и сребро, и беа помеки од сè освен од образите на Елеонора; така што, освен за брилијантното зеленило на огромните листови кои се ширеа од нивните врвови во долги, трепетливи нишки поигрувајќи си со зефирите, човек би можел да си вообрази дека тоа се џиновски змии од Сирија што му се поклонуваат на својот суверен – Сонцето.
Рака подрака низ долината, петнаесет години, јас талкав со Елеонора пред Љубовта да влезе во нашите срца. Тоа беше една вечер на крајот на третото петтолетие од нејзиниот живот, и на моето четврто, кога седнавме, се споивме во меѓусебна прегратка под дрвјата кои прилегаа на змии, и погледнавме надолу во водата на Реката на тишината, во нашите одрази во неа. Не проговоривме ништо за време на остатокот од тој сладок ден, а нашите зборови дури во утрешнината беа треперливи, и беа само неколку. Го извлековме богот Ерос од тој бран и чувствувавме дека тој ги разгорел во нас огнените души на нашите предци. Страстите кои со векови го одвојуваа нашиот род, надоаѓаа изобилно со вообразби за кои бевме исто познати, и заедно вдишувавме восхитувачко блаженство над Долината на разнобојната трева. Се случи промена. Чудни, блескави цвеќиња во облик на ѕвезди процутеа на дрвјата каде што претходно немаше цвеќиња. Боите на зелениот тепих се продлабочија; и кога една по една белите ради се повлекоа, таму наместо нив никнаа десетина рубин црвени асфодели. И животот се воздигна на нашите патишта; зашто едно високо фламинго, досега невидено, со сите живописни сјајни птици парадираше со светлоцрвените пердуви пред нас. Златни и сребрени риби ја запоседнуваа реката од чии пазуви извираше, малку по малку, жубор кој нараснуваше, и по извесно време се прелеа во една приспивна мелодија повозвишена од онаа на харфата на Еол – послатка од сите освен од гласот на Елеонора. И потоа еден голем облак, кој долго го гледавме во пределот на Хеспер, тргна кон нас, сиот прекрасен во пурпурна и златна боја, и смирувајќи се над нас, се спушташе ден по ден сè пониско, сè додека неговите краеви не почиваа на врвовите од планините, претворајќи ја сета нивна нејасност во величественост, и затворајќи нè, како засекогаш во една волшебна куќа-затвор на величественост и слава.
Привлечноста на Елеонора беше над онаа на Серафим, но таа беше неизвештачена и невина девојка како краткиот живот што го водеше меѓу цвеќињата. Никаква итрина не ја маскираше силата на љубовта која го вдахнуваше нејзиното срце, и таа ги истражи со мене неговите најдлабоки скривалишта како што одевме заедно во Долината на разнобојната трева, и разговаравме за многуте промени што во последно време се случија таму.
По извесно време, еден ден говорејќи со солзи за последната тажна промена што мора да му се случи секому, таа оттогаш па натаму надолго зборуваше само за оваа тажна тема, вплеткувајќи ја во целата наша расправа, и како во песните на поетот Шираз, истите слики се појавуваа повторно во секоја импресивна варијација на фразата.
Таа имаше видено дека прстот на смртта се наоѓа на нејзините гради – дека како ефемерид, таа постигнала совршенство на милноста само за да умре потоа; но ужасите на смртта кај неа лежеа единствено во една размисла што таа ми ја откри една вечер на самрак, покрај бреговите на Реката на тишината. Таа тагуваше додека размислуваше дека откако ќе ја закопам во Долината на разнобојната трева, ќе го напуштам засекогаш нејзиното среќно скривалиште, пренесувајќи ја мојата љубов, која сега беше толку страсно нејзина сопственост, на некоја девојка од надворешниот и секојдневниот свет. И тогаш и таму, јас паднав пред стапалата на Елеонора и ѝ понудив завет, нејзе и на Небото, дека никогаш нема да се врзам во брак со ниту една ќерка на Земјата – дека на никој начин нема да се покажам неверен на нејзиното драго сеќавање, или на сеќавањето на верната љубов со која ме благослови. И го повикав моќниот владетел на универзумот да биде сведок на посветената свеченост на моето ветување. И во заклетвата упатена Нему и нејзе, ако се покажам неверен на тоа ветување, светецот во Хелузија да вклучи казна што го надминува и најголемиот ужас каков што не си допуштам да забележам тука. Светлите очи на Елеонора станаа посветли по моите зборови; и таа воздивна како смртоносен товар да ѝ се симна од градите; и таа затрепери и многу горко заплака; но го прифати заветот (зашто, што беше таа освен дете?) и тоа ѝ олесни на нејзината смртна постела. И таа ми рече, не многу денови потоа, мирно умирајќи, дека поради тоа што го сторив за утеха на нејзиниот дух, таа ќе внимава на мене во тој дух кога ќе си замине; секако, ако е дозволено нејзиното враќање кај мене да биде видливо во ноќните часови; но ако тоа е сепак над моќта на душите во рајот, таа барем ќе ми дава чести показатели за нејзиното присуство, воздивнувајќи во мене низ вечерните ветрови, или исполнувајќи го воздухот кој го дишам со слаткиот мирис на ангелските кадилници. И со овие зборови на усните таа го испушти последниот здив на нејзиниот невин живот, ставајќи крај на првиот период од мојот.
Дотука верно раскажав. Но како што ја минав бариерата на временскиот пат создаден од смртта на мојата сакана, и продолжив со втората ера на моето постоење, почувствував дека во мојот ум се насобира една сенка и не можам повеќе да верувам во совршената разумност на записот. Но, дозволете ми да продолжам. Годините тешко се влечкаа, а јас сѐ уште живеев во Долината на разнобојната трева; но наскоро се случи уште една промена кај сите нешта. Цвеќињата со облик на ѕвезди се повлекоа во стеблата на дрвјата и веќе не се појавија. Боите на зелениот тепих избледеа, еден по еден, рубински црвените асфодели овенаа; а таму, на нивното место, изникнаа десетици темни темјанушки кои прилегаа на очи и кои се извиваа неспокојно и беа секогаш стежнати од роса. И животот си замина од нашите патеки; зашто високото фламинго веќе не парадираше пред нас со неговите светлоцрвени пердуви, туку тажно леташе од долината во ридиштата, со сите живописни сјајни птици кои го придружуваа. И златните и сребрени риби отпливаа надолу низ клисурата кон понискиот крај од нашиот имот и веќе никогаш не ја украсуваа слатката река. А занесната мелодија што беше помека од ветерната харфа на Еол, и повозвишена од сите, освен од гласот на Елеонора, умираше малку по малку, во жуборот кој стануваше сè потивок, додека по извесно време потокот не се врати во сериозноста на својата првобитна тишина. И потоа, последно, огромниот облак се крена и ги напушти врвовите на планините оставајќи го бледилото на стариот пејзаж, се повлече во пределите на Хеспер и ја однесе со себе сета златна и прекрасна раскош од Долината на разнобојната трева.
Сепак, ветувањето на Елеонора не беше заборавено, зашто ги слушав звуците од нишањето на кадилниците на ангелите; и облаци свет мирис пловеа секогаш над долината; а во осамените часови, кога моето срце тешко чукаше, ветровите кои го милуваа моето чело ми доаѓаа со меки воздишки; и нејасни мрморења честопати го исполнуваа ноќниот воздух, а еднаш – ох, но само еднаш! – се разбудив од дремката, со каква што дремат мртвите, од притисокот што духовните усни врз моите.
Но празнината во моето срце одби да биде исполнета на таков начин. Јас копнеев по љубовта која претходно го исполнуваше срцето до прелевање. По извесно време, долината почна да ми создава болка со сите сеќавања за Елеонора и јас ја напуштив засекогаш, во замена за суетноста и турбулентните триумфи на светот.
Се најдов во туѓ град, каде што сите нешта можеа да служат да ги заматат спомените на слатките соништа што ги сонував толку долго во Долината на разнобојната трева. Раскошот и помпата на елегантниот двор, лудото долго ракоплескање, привлечноста на жените која зрачеше, го збркаа и го затруја мојот мозок. Но сепак, мојата душа се покажа доследна на своите ветувања и на показателите за присуството на Елеонора, кои сѐ уште ми се јавуваа во тивките ноќни часови. Но одеднаш, овие знаци престанаа и светот се затемни пред моите очи, а јас стоев вџасен пред пламените мисли што ме опседнуваа, пред страшните искушенија што ме обземаа; зашто дојде од некаде далеку, од некоја далечна и непозната земја, во веселиот двор на кралот кому му служев, една девојка на чија убавина моето цело неверно срце веднаш му се предаде – над чија табуретка се наведнував без напор, во најтопло, најпонизно поклонение на љубовта. Што навистина беше мојата страст кон младата девојка во долината во споредба со жестокоста, делириумот и духовно воздигнувачката екстаза на обожавање со кои ја излевав мојата душа во солзи пред стапалата на нестварната Ерменгарда? – Ох, светол беше ангелот Ерменгарда! И јас, додека гледав во длабочините на нејзините впечатливи очи, мислев само на нив – и на неа.
Се оженив – не се плашев од клетвата што ја имав дадено; и нејзината горчливост не ме погоди. И еднаш – само уште еднаш во тишината на ноќта дојдоа преку мојата ограда меките воздишки кои ме имаа напуштено; а тие самите се преобразија во познатиот и сладок глас велејќи:
„Спиј мирно! Зашто Духот на љубовта царува и владее, и земајќи го твоето страсно срце – таа, која се нарекува Ерменгарда, те ослободи од твојата заклетва, од причини кои ќе ти станат познати само тебе на Небото, за твоите завети дадени на Елеонора.