„КАДЕ СИ, ЉУБОВ МОЈА, КАДЕ СИ?“ ОД ВЕНКО АНДОНОВСКИ
„Каде си, љубов моја, каде си?“ „Се качив на небесата, љубов, на небесата. Бога го молам за твојот Христов винород, да го сочува од враните на лукавиот.“ „Каде си, љубов моја, каде си?“ „Во облаците, љубов моја, во облаците. Ти правам сенка додека ги окопуваш лозите Христови со молитвена пот на челото.“ „Каде си, љубов моја, каде си?“ „Се сторив искра од острило за нож, за да ги обрежеш полесно винородите Негови, миличок.“ „Каде си, љубов моја, каде си?“ „Се сторив бубамара, љубов, ти слетувам од панделка на панделка, за да ги врзеш полесно прачките, да изврзеш убаво, да заврзе Христов род.“ „Каде си, љубов моја, каде си?“ „Се сторив розова секавица во предвечер, љубов моја, се сторив гром далечен. Ти праќам летна луња, да ти надрочат гроздовите Христови.“ „Каде си, љубов моја, каде си?“ „Се сторив гулабица, љубов моја, гулабица; ти крадам темни зрна со боја на очите мои, од полните кошеви грозје, за да ги пренесеш полесно.“ „Каде си, љубов моја каде си?“ „Се сторив девојчинско стапало, љубов моја, за да ги изгазиш полесно гроздовите во бочвата.“ „Каде си, љубов моја, каде си?“ „Се сторив чаша од која пиеш вино причесно литургиско, љубов моја љубовна. Сети се на мене, ако ги помниш сите лица на љубовта моја љубовна. И ако ме нема никаде, додека трае пијанството на природата и луѓето, од толку многу сонце во гроздовите, знај дека среќна сум умрела, љубов моја љубовна, оти знам дека си среќен во својот манастир.“
Извадок од „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски