ЦИГАРИ, ПАРИ И ЗДРАВЈЕ – Есеј од Румена Бужаровска
Имам пријател од Македонија кој живее во богатите, германски предели на Европа. Таму живее и работи поголемиот дел од неговиот живот како возрасен човек. Како и други Македонци што се иселиле на Запад, и тој порано пушел. Сега е од оние Европејци опседнати со здравјето, па следствено, со смртта. Секојпат кога ќе се сретневме на кафе да си помуабетиме за тоа што-како било и ќе запалев цигара, ќе ме искараше за мојата навика со жестокоста што е карактеристична за бивш пушач. „Сакаш да изгледаш како сите тука?“ ќе ме прашаше. „Види каков тен имаат, гледај колкави ќеси имаат под очите“, ќе ме предупредеше. „Сѐ ти е тоа од цигари, алкохол и месо!“
Иако не ми се допаѓа кога ме караат, морам да признаам дека неговите зборови ме натераа малку повеќе да обрнам внимание на изгледот и на навиките на луѓето во моето опкружување. И да, мојот пријател има право. Многу луѓе овде во Македонија и во други делови на поранешна Југославија изгледаат така – земјен тен, потечени очи, испиени образи, подуени стомаци, виснати раце, подгрбавени ’рбети, рапави гласови од децении пушење. Но зад сето тоа не стојат само месото, ракијата и цигарите: ова е балканското лице на сиромаштијата.
Не можам го заборавам мигот кога првпат во животот видов морбидно дебел човек во Америка. Тоа беше во раните 90-ти. Татко ми ме зеде со себе во банка, па додека се врткав низ чекалната дури тој вршеше работа, во банката влезе огромен човек кој застана на крајот на редицата. Подзинав од тој самонанесен деформитет и не можев да престанам да зјапам во него. Не е дека во Македонија нема дебели луѓе. Баба ми, на пример, си беше дебела, но овде зборуваме за големина што длабоко ме вознемири. Се сеќавам дека не можев да ги одлепам очите од фалтите сало што му висеа од телото во слоеви, еден врз друг, како самиот да се топи како свеќа. И не можам да си ја заборавам чудната и глупава помисла дека ваков еден човек не мора да носи алишта, зашто едноставно може да си ги скрие и паричникот и клучевите во еден од своите набори од сало. Тогаш мислев дека само овој човек што го видов е уникатна манифестација на американската нездравост, а со тоа, и нa сиромаштијата, но во следните недели сретнав многу луѓе слични на него.
Често размислувам за здравјето, за парите и за стареењето на ова патување низ Америка. Како прво, мојот 74-годишен тетин боледува од Паркисонова болест, па и покрај тоа што е универзитетски професор со здравствено осигурување (брутално нехумана индустрија во САД), болеста може финансиски да го уништи. Тука беше и патувањето до Бизби со 80-годишната Ненси, која секое утро игра тенис и има розови обравчиња, па потоа смртта на нејзината 70 и нешто годишна сестра, која во младоста знаела да се забавува и многу пушела. А се наближува и моето патување низ Флорида и Џорџија со Стив, мојот пријател и преведувач кој има 70 години и наскоро ќе ме запознае со мноштвото негови пријатели низ двете држави, од кои повеќето се во седмата или во осмата деценија од животот. Да не го заборавам и проблемот со пушењето: секое утро имам ритуал на пушење две цигари со кафето, што често ги тера Американците да ми упатуваат погледи полни со прекор и гадење. Но доста за ова, зашто еве ме како слетувам во Орландо и од небото се воодушевувам на величественото шаренило на Флорида – зелени парчиња земја прошарани со азурни езерца – и слушам како стјуардесата во последен миг се обидува да ни шитне уште нешто што е наводно „бонус“ или „бесплатно“.
Стив и боите на Флорида
Уште пред да ме земе од аеродром, Стив неколкупати ми повторува дека има „мала кола“ и да не носам голем куфер на патувањево, зашто автомобилот е веќе преполн со работи што ни требаат за по пат. Го чекам во гужвата пред терминалот и набрзо го забележувам како пристигнува и ме бара со поглед. Првото што си го помислувам е: не, ова не е мала кола. Во Европа, ова важи за нормална кола. Но колите во Америка се одраз на мегаломанијата на културата, па многу луѓе возат автомобили што ние ги сметаме за камиончиња. Колата на Стив е кобалтно сина Hyundai Accent, која ја вика Џени според вредната и доверлива секретарка на Катедрата за англиски јазик во Тајван, кога таму работел како нејзин шеф. Повремено љубовно ја тапка инструмент-таблата да ѝ се заблагодари на Џени што нѐ носи таму каде што сакаме, што не се расипува и што не ни прави проблеми во текот на патувањето долго 2 000 милји (3 200 километри). Не преувеличувал кога ми велел дека автомобилот е преполн; задното седиште е натрупано до самиот покрив и единственото слободно место е совозачкото седиште, на кое Стив замотал крпа за моја „лумбална поддршка“. Долгнавестата фигура на Стив вертикално ја исполнува колата. Толку е висок што темето му е на два сантиметра од покривот. Носи дреч верзија на боите на Флорида што ги видов од авионот: неонска зелена трака околу главата и ултрамаринска сина спортска блуза. Среде хаотичниот сообраќај со нетрпеливите автомобили начичкани зад нас, се дигам на прсти за да го гушнам пред набрзина да го пикне мојот огромен куфер во малиот багажник на Џени. Тргнуваме.
„Што е со тракава?“ го прашувам штом успеавме да се исклучиме од автопатот со пет ленти, на кој има толку многу сообраќај што Стив и јас не успеваме ни збор да си проговориме што не е поврзан со навигација. Ми објаснува дека ја носи за да не му влегува косата во очи кога вози со спуштени прозорци. Стив има снежнобела коса до рамена, која ја држи врзана во ниско репче. Неговиот одговор ми е логичен, но сепак заклучувам дека тоа не го оправдува изборот на боја: лимета зелена. Тука престанувам да го распрашувам, зашто Стив не е опседнат со својот изглед, а меѓу другото, имаме многу што да си кажеме. И така почнува нашето двонеделно, бескрајно интересно дрдорење. Задоволна сум што вози со отворени прозорци; пролетниот воздух е мек, малкуцка влажен, а температурата е совршена за мојата кожа. Возиме покрај небројни езерца вгнездени во свилено зелени ливади обрабени со палми, кои личат на огромни цветови со долги дршки што го бакнуваат небото со кумулус облаци како од слика. Почнувам насекаде да ги распознавам црно-белите минијатурни пејзажи на Стив, но сега, во боја.
Додека вози, Стив ми го изожува планот за следните два дена. Прво, ќе спиеме кај внука му, Пем, која живее во предградие на Орландо. Воопшто не ме интересира градот преполн со туристи од Disney World, а и него не го интересира. Затоа, решаваме да не правиме ништо посебно кај Пем за да сме свежи за долгиот пат што нѐ чека накај Ки Вест следниот ден. Патот трае најмалку седум часа, кои Стив сигурно може да ги извози во еден ден. Не сум загрижена за него, туку сум за себе, зашто Стив изгледа како да е во подобра физичка форма од мене. Живее речиси исклучиво на салати и секој ден пешачи по осум километри, по што вежба јога, иако воопшто не ја сака. Меѓу повеќето мудрости што ги научив од Стив е дека возраста се познава преку две нешта: кожата и држењето на телото. Стив вели дека луѓето почнуваат да изгледаат старо не само поради тоа што кожата им се брчка и шара со дамки туку поради тоа што здрвено се движат. Па затоа, јога. За да ја одржува кондицијата на мозокот, Стив вежба нешто што го нарекува „мнемоника“. Во моментов учи пасуси од Пруст напамет, откако научи цело поглавје од Кон светилникот на Вирџинија Вулф, како и од Четирите квартети и од Пуста земја од Т. С. Елиот. Па така, мозокот и телото на Стив се толку витални што можеби и сум постара од него.
Црната ракавица за пушење на Пем
Време е за мартини кога ја паркираме колата во приодот на гаражата на Пем, веднаш до нејзиниот светлозелен, уредно искосен двор без ограда. Како што е вообичаено во Америка, влегуваме во куќата преку гаражата, па во собата за перење и сушење алишта, каде што ја среќаваме Џини, една умна млада жена од Порторико што моментално живее со Пем и нејзиниот сопруг Иван (кого овде го викаат Ајван). Воопшто не е изненадена кога нѐ гледа, па сфаќам од Стив дека куќата на Пем е постојано отворена, дури и кога таа и Иван не се дома, како сега. Уште двапати ќе ја посетам куќата на Пем додека сум во Флорида, што кај мене ќе урне многу предрасуди, меѓу кои главната е дека Американците се распиштолени лудаци опседнати со имот.
Уште едно кршење на предрасуди е поврзано со тоа што пушам, како што веќе кажав, кога пијам кафе или алкохол. Покрај ужасно здравите навики на Стив, тој има една кон која успевам да се придржувам: точно во пет часот попладне од некаде вади шејкер, две луксузни чаши од вистинско стакло (го нагласувам вистинското стакло зашто Американците обожаваат пластика и постојано јадат и пијат од неа), од кои едната има заоблена дршка, потоа шише џин, мраз и маслинки, и прави мартини. Ова е една од причините зошто задното седиште на Џени е толку натрупано: Стив со себе носи секакви нужни работи на своите патувања, како, на пример, еден тон книги и барем дваесет блокчиња за цртање. Едно дообјаснување за читателите од поранешна Југославија: додека за нас „мартини“ е синонимно за вермутот што го носи истото брендирано име, во Америка „мартини“ е, всушност, чист џин со капка вермут и шпанска маслинка, протресен, но не промешан (што би рекол Џејмс Бонд). Ништо од ова не знаев пред да го лоцирам најоддалечениот агол во огромниот заден двор на Пем и не го прашав Стив дали може да пушам овде со мартинијата што ни ги подготви за добредојде. Секогаш ми е страв од тоа прашање. Некогаш домаќините се толку навредени небаре сум ги прашала дали може да им се искакам на маса. „Нема проблем“, вели Стив, вади една празна лименка кока-кола од кантата за рециклирање и ми ја нуди како пепелник. „И Пем пуши“, ми вели, „ама мислам дека крие од мажот ѝ.“
Наскоро се појавува Пем. Нејзиното присуство веднаш се чувствува и за две минути сфаќам дека оваа жена многу ми се допаѓа. Таа е висока русокоса жена со сини очи која не губи време за формалности; зборува директно и отворено, со гестикулации карактеристични за ѕвездите од реалните шоуа со огромни нокти. „Што е со тракава?“ го прашува чичко си Стив мртва сериозна, но тој е толку внесен во своето мартини што воопшто не му текнува да се отараси од неа. Пем има околу педесет години, што значи дека е една од најмладите луѓе што ќе ги запознаам на ова патување.
Пем е адвокатка специјализирана за несовесно лекување. Нејзината работа е навистина тешка. Им помага на клиентите да ги тужат болниците што осакатиле или убиле пациенти поради незнаење, немарност или ароганција. Нејзините приказни од работа се брутални. Сега им помага на еден сиромашен латино пар да ја тужат болницата што му дозволила на лекарот и на сестрите со вакуум да го извлечат бебето од утробата на мајката, што кај детето предизвикало трајно и тешко оштетување на мозокот. Многу емоции и многу пари се вртат во овие случаи, на кои таа се посветува политички, општествено и лично, зашто неправдата суштински ја разгневува. Се разбира дека заслужува неколку цигари и чаша-две вино за да се одмори по еден толку напорен ден што наликува на оние холивудски адвокатски драми.
Но нејзиниот сопруг Иван навистина го мрази пушењето. Подоцна ќе видам дека, кога на терасата ќе се појави цигара, Иван исчезнува. Американското стигматизирање на пушењето му дава на Иван уште поголемо оправдување за таа нетолеранција, и покрај тоа што е од Венецуела. Оваа нетолеранција го има сменето однесувањето на Пем, па таа си ги крие цигарите и запалката во мало, меко чантиче во кое исто така чува мазна, црна хируршка ракавица која ја става на десната рака пред да запали цигара. Изгледа опасно поради таа ракавица. А и трикот е прилично умен, каква што е и Пем. Камо да го знаев во средно. Ја прашувам Пем дали Иван знае дека таа пуши и таа ми раскажува смешна приказна.
Пем и Иван имаат нова тесла. Пем ја возела на работа. По работа, ќе скршнела од патот за да оди во еден парк да пуши цигари. Но Пем не го знаела е дека теслата имала автоматски инсталиран ГПС што го известувал Иван каде одела Пем. Со денови Иван гледал како Пем исчезнува во некое паркче по работа, а потоа се враќа дома како ништо да не било. Еден ден ја соочил со тоа кажувајќи ѝ дека знае за нејзините авантури. Ја прашал дали го изневерува. „Не бре, идиоте“, сигурно му одговорила Пем, „само пушам цигари!“ Последиците од инцидентот се дека Иван си оди од терасата на задниот двор секојпат кога Пем ќе го извади црното чантиче и ќе го стави на маса. И го исклучил ГПС-от на теслата.
Ќе испушам многу цигари со Пем, многу повеќе од обично. Го засилуваат уживањето во разговорот со неа. Меѓу другите работи, дознавам многу за здравјето и за парите во САД, кршејќи притоа уште понекоја предрасуда за пријателствата во оваа земја.