ВОЗБУДЛИВИ НАСЛОВИ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАМЕ ОВОЈ САЕМ НА КНИГАТА

ВОЗБУДЛИВИ НАСЛОВИ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАМЕ ОВОЈ САЕМ НА КНИГАТА

Добре дојдовте во месецот што го чекаат сите читачи! Април, или што би рекле тие, Саемот на книгата. Ги објавуваме повеќето наслови што ќе ни пристигнат таму и возбудата може да започне. Прочитајте понекој збор за секоја од нив и зошто да ги ставите сите на списокот!
Во светот што постојано се менува, има нешто што е непроменливо – книгите и љубовта кон нив! 

„Во светот на гладниот дух“ од Габор Мате
#Ментално здравје
#Медицинска психологија

Моќен повик за борба. Човекот чие второ име е „сочувство“, Габор Мате, писателот во кого многумина го гледаат излезот од навидум безизлезните ситуации. „Во светот на гладниот дух“, во светот во кој сè се менува, има нешто што останува – книгите. Особено оние што нè исцелуваат.

„Анксиозна генерација“ од Џонатан Хајд
#Самопомош за млади
#Родителство

Возбудливо истражување на генерацијата од ерата на паметните телефони, социјалните медиуми и големата технологија. Решение и план за поздраво и послободно детство и адолесценција. Повеќе од 10 механизми за пренасочување на „заробеното“ детство. Јасен повик за акција! Бестселер што многумина го означија како знак и можност за спас.

„Чуварот во ‘ржта“ од Џ. Д. Селинџер
#Безвременски
#Нов превод

Синоним за книжевна контроверзија на 20 век. Еднакво предизвикувачки – новиот превод на Румена Бужаровска, кој го доловува сиот отпор кон културните и општествените вредности на неприспособените во светот, кои често завршуваат со крах. А некогаш, како овој пат, стануваат и класика.

„Демони“ од Фјодор М. Достоевски
#Безвременски
#Филозофија

Критичкото око на Достоевски во овој роман ги зема на нишан политичките и моралните тенденции на новото време. Душевната агонија, рака подрака со социјалистичката револуција, во еден том. Генијалната мисла во една книга. За нечистите сили, за демоните во нас...

„Марк и лажливата верверица“ од Драган Тапшанов
#Сликовница
#Магични книги за деца

Марк пристигнува во светот во кој животните зборуваат и нè подучуваат на (животни 😊) лекции. Добредојдени сте и вие во приказната за неговата средба со лажливата верверица и мудриот мечок. Книга што децата ги учи за светот, а родителите за тоа како децата да бидат главните ликови во приказните пред спиење!

„Ноќна куќа“ од Ју Несбе
#Хорор
#Мистерија

Ју Несбе ги тестира нашите граници на издржливост пред страшното. Овој пат изглегува од детективската приказна за Хари Хуле и создава нешто сосем поинакво. Непредвидливо, со огромна доза на психолошка напнатост и паранормални искуства. Наскоро откриваме до каде можеме спокојно да читаме без да нè исплаши ветрот однадвор.

„Сонце што заоѓа“ од Осаму Дазаи
#Безвременски
#Егзистенцијализам

Повоениот период во Јапонија маестрално доловен на помалку од 200 страници. Уште едно ремек-дело од авторот на „Сè помалку човек“. Уште една книга од Дазаи што ќе ве поттикне на длабоко размислување додека сонцето заоѓа. Тажна и меланхолична исто колку и храбра, задолжителна за секој човек на раскрсница.

„Токсични луѓе“ од Бернардо Стаматеас
#Саморазвој
#Самопомош

Свеста за влијанието на токсичните луѓе е малку поткрената во последните години. Но сепак, сè уште никој не нè учи на типовите токсични луѓе и нивните подмолни методи на влијание. Оваа книга нè учи на сето тоа, а и ни покажува како да се заштитиме од нив и како да воспоставиме контрола над сопствените емоции.

„Ѕверови“ од Хајс Вилбринг
#Фикција
#Емоција

Том доживува неочекуван пресврт во животот. Растен без мајка, судбината го осудува на живот со двајцата злобни чичковци, од кои едниот како да е создаден само за да му поставува сопки на патот. Трагична приказна која нè учи дека животот тече без оглед на сè. Семејна драма во еден поглед, ремек-дело на авторот во друг. Добро запаметете ја оваа книга, зашто авторот ни подготвува изненадување за овој Саем на книгата!

„Храброста да се биде среќен“ од Ичиро Кишими и Фумитаке Кога
#Самопомош
#Филозофија 

Научивме колку ни треба „Храброста да се биде свој“, сега е време да ја собереме храброста за да бидеме среќни. Разговорот со филозофот продолжува, овој пат со други мудрости што ќе ни дадат нови насоки на патот. Среќата е во секој од нас. Како да се дојде пред нејзините порти? Откриваме наскоро.

„Размислувајте како психолог“ од Патрик Кинг
#Саморазвој
#Исцелување

Како да размислувате како психолог? Сесиите секогаш се исплативи, но што ако вашиот внатрешен глас на критичар го замените со гласот на психологот кој секогаш знае што треба да ви каже? Од авторот на „Читајте ги луѓето како книга“ навлегуваме длабоко во човековата мисла. Оттаму излегуваме способни да постигнеме спокојство и среќа! 

„Отворете кога“ од Џули Смит
#Совладување на стрес
#Психологија

Секое поглавје – ново сценарио кое сите го доживуваме најмалку еднаш во животот. Универзалните проблеми имаат универзално решение. Откако ни кажа сè што требаше да знаеме порано, Џули Смит сега ни покажува како да го зацврстиме умственото здравје, а со тоа и животот!

„Речникот на говорот на телото“ од Џо Наваро
#Психологија
#Јазикот на телото

Ако со јазикот луѓето ги прикриваат своите мисли, целта на гестовите е да ги откријат. Фасцинантен водич за говорот на телото од популарниот Џо Наваро. Кој се обидел со овој автор, не погрешил. Откријте ги сите финеси во говорот на телото, кое некогаш зборува многу погласно од зборовите.

„Формата на водата“ од Андреа Камилери
#Белетристика
#Книжевност

Овој е првиот роман на Андреа Камилери од духовитиот и мистериозен серијал со симпатичниот инспектор Монталбано и неговиот зајадлив поглед на сицилискиот живот, додека се обидува да ги реши замрсените полициски случаи. По неговиот огромен успех, беше адаптиран во телевизиска серија. Но ја знаете старата добра – нема ништо подобро од добра книга!

„Песната на ветрот“ од Омер Курт
#Сликовница
#Големи мудрости за мали чевли

Ако емоциите можеа да цртаат, тоа ќе беше оваа сликовница. Најблагородното нешто што можеме да го направиме за нашите деца е да ги научиме да чувствуваат. Почувствувајте ја песната на ветрот и пејте ја секое изгрејсонце. Тогаш денот бескрајно трае!


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново