ТРАУМАТА КАКО КОРЕН НА СЕНТИМЕНТАЛНИТЕ ЕГЗЕКУЦИИ

ТРАУМАТА КАКО КОРЕН НА СЕНТИМЕНТАЛНИТЕ ЕГЗЕКУЦИИ

Пишува: Ана Јовковска
Инспирирана од „Авантурите на лошото девојче“ од Марио Варгас Љоса

Одамна не сум се чувствувала толку силно допрена. Само што го завршив „Авантурите на лошото девојче“ од нобеловецот Марио Варгас Љоса. Романот ме тресна! Се вљубив до уши во книгата, исто како што Рикардо се вљуби во малата Чилеанка Лили, која менувајќи ги своите идентитети како чорапи, четириесет години му откинува по едно парче од срцето секогаш кога ненадејно ќе се појави во неговиот живот. Лошото девојче во скромно фустанче, од сиромашниот дом во Перу, преку револуцијата во Куба, низ монденскиот Париз, хипичкиот Лондон и софистицираното Токио, својот живот ќе го заврши во Мадрид, како болна и преморена педесетгодишна жена, во прегратките на својата најголема љубов.

Ова е роман со многу слоеви. Првиот е оној кој го лупиш за да откриеш дали љубовта која е болна и сурова може да има среќен крај. Вториот слој е политичкиот, замрсен меѓу идеалите за револуцијата и борбата против сиромаштијата. Третиот слој е оној за уметноста и културниот естаблишмент. За хипиците, кои од книгите и идеите, центарот на вниманието го префрлија на музиката, почнувајќи од Битлси, Ролингстоунси, Мик Џегер и другите психоделични раскоши на децата на цвеќето. Ова е роман во кој низ приказната за гладните деца и класите, стигнуваме до различните форми на отпор, меѓу кои и оние кога се родија мини здолништата, долгата коса и ексцентричната облека што ја прославија мјузиклите како „Коса“ во шеесеттите. Опасно љубовен роман низ чии перипетии се ткае историското богатство од Движењето на револуционерната левица МИР, преку активистите на Комунистичката младина во Латинска Америка, па сè до периодите кога во мода влезе марихуаната, ЛСД-то и фасцинацијата со индиската духовност и будизмот.

Во тој распон од години, додека режими и диктатури паѓаат, демократии се создават и деклинираат, единствената константа е љубовта на Рикардо кон лошото девојче, перуанската авантуристка која постојано и одново се појавува како жена под различна маска. Еднаш како туѓинка од Чиле, потоа како герилка, па како манекенка од „Вог“, убава и кокетна жена на француски дипломат, љубовница на англиски бизнисмен, сексуална кукла и робинка на јапонски мафијаш...

И додека Љоса бегло ги анализира слободната љубов, јавното откривање на хомосексуалноста, буржоаскиот естаблишмент, хедонистичкиот и анархистички пацифизам на младите и откажувањето од традиционалниот морал, истовремено длабоко ги зарива ноктите во комплексните психолошки состојби на осамениот човек и трауматизираната жена.

Во овој роман тој не ја критикува само политичката платформа, туку создава премрежиња низ кои се пронаоѓаат загубените души. Ова е приказна за сите сиромашни девојчиња на светот кои сонуваат за топол дом и убава облека. За сите жени кои сакаат да бидат повеќе од она што традицијата им го дозволува. За сите госпоѓи кои внатре во себе крварат додека однадвор раскошно кокетираат во високите снобовски кругови на лицемерното општество пред распаѓање. И не е ова приказна за слободните и неверни жени, иако навидум така, на прва, се чита, ова е повеќе тажна сторија за носталгичните рани по младоста и пропуштените шанси во животот, задлабени во срцата на оние кои си поставиле правила како треба да живеат за да постигнат статус и богатство за кое сонувале – она што во детството им недостигало.

Низ ликот на главната хероиња препознаваме порив да се отфрли сопственото сеќавање за родната земја, за родната мајка – сеќавања како куп грди спомени од сиромаштијата, расизмот, дискриминацијата и омаловажувањето. Отилита (или другарката Арлет, мадам Робер Арну, мисис Ричардсон, Курико...) отсекогаш сонувала за тоа што го нема. Од малечка не сакала да се задоволи со својата судбина. Затоа решава да направи сѐ што треба за да престане да биде ќерка на готвачка и градител на насипи. Решава да избега од она што за неа било Перу – стапица, затвор и проклетство, да замине далеку и да биде богата и среќа. Но дали ќе успее?

Поминува низ сито и решето, преземајќи страшни ризици, сè додека не стане студена, бездушна, пресметана и сурова жена. Плаќа многу висока цена, оставајќи парчиња од својата кожа и својата душа по патот. Но на вљубениот Рикардо му е јасно дека толку непопустлива и рамнодушна ја направило тоа што морала со нокти и заби да гребе и да се бори против несреќата, и иако гори од љубомора, тој сепак ја сожалува додека ги замислува сите кревети низ кои таа морала да помине за да не биде згазена на бојното поле. Совршено јасно му е дека нејзините бракови се чиста формалност, стапица за богатство и статус, но сепак е љубоморен на сите мажи со кои низ годините ја дели.

„Толку е убава што би ја продал душата на ѓаволот, би сторил сенешто, само да водам љубов со неа или барем да ја бакнам“, вели кога ја замислува во својот осамен стан во Париз. По некое време, лошото девојче, како што ја нарекува, повторно му доаѓа, овој пат како триесетгодишна жена, под друго име и презиме. „Тоа беше вторпат да водиме љубов, сега на полна дневна светлина што во млазови влегуваше низ широкиот прозорец на покривот, од каде што неколку гулаби љубопитно нè набљудуваа, голи и прегрнати на душекот без чаршаф. Нејзиното тело се чинеше санта мраз кога моите раце ја милуваа по половината, рамењата, и запираа на цврстите гради со набабрени пупки. Остана мирна, пасивна и резигнирана пред тие изливи... Во следните десет дена со Арлет имавме нешто што прилегаше на меден месец. Воопшто не беше заинтересирана за политиката, а особено не за револуцијата... Беше очигледно дека успеала да ја добие герилската стипендија само за да излезе од Перу и да патува низ светот, нешто што никогаш не би го можела да го направи на поинаков начин, зашто беше девојка од сиромашно потекло.“

Како што поминува времето, Рикардо се убедува дека тајната на среќата, или барем на мирот, е да знаеш да го одделиш сексот од љубовта. Но не му успева. Постојано се прашува кога следен пат ќе ја види и дали го задржала оној дрзок став што толку го привлекува. На следната нивна средба лошото девојче е веќе вистинска жена, уверена дека животот е џунгла во која успеваат само најлошите. Додека таа сѐ повеќе го стврднува своето срце, Рикардо се обидува да избега во работните обврски за УНЕСКО, во часовите по руски и симултано преведување, да биде мошне зафатен за да му останува малку време да мисли на својата непреболена љубов.

Имено, низ оваа љубовна приказна Марио Варгас Љоса прави одлична паралела за автентичното бунтовништво, односно за тешкиот живот и вистинската болка на сиромашните луѓе, наспроти позерскиот идеализам на дел од хипиците (денес читај хипстери). Како што ќе рече: „Голем дел од хипиците потекнуваа од средната или високата класа и нивното бунтување имаше семејно потекло, насочено против уредниот живот на нивните родители, против тоа што го сметаа за лицемерство, против нивните пуритански обичаи и социјални фасади зад кои ги криеја својот егоизам и недостигот на фантазија. Беа симпатични нивниот пацифизам, натурализам, вегетаријанство, нивното горливо барање духовен живот што би го истакнал отфрлањето на материјалистичкиот свет, истрошен од класни, социјални и сексуални предрасуди. Нивната филозофија не беше заснована врз мислењето и разумот, туку врз чувството, филингот.“ Наспроти овој вид бунтовништво, во некое од следните поглавја, каде што маестрално го опишува мачниот живот на сиромашните во Перу, станува јасно дека болката се разликува во својот корен. Уште посилно ја чувствуваме неправдата, соочувајќи се со болните последици на траумата од садо-мазохистичките сексуални злоупотреби на жената со различни идентитети. Ова е роман во кој почетната траума од детството се преоблекува во скапи женски облеки низ животот, не успевајќи да избега од болката. Ова е роман во кој секое ново животно поглавје во различен град, носи нова траума. Туморот во вагината на најголемата љубов на Рикардо крвари од емоционалната болка на недостигот. Ужасно тежок. Ужасно прекрасен роман!

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново