Мачките во јапонската книжевност
Мачките во јапонската книжевност
Пишува: Ангела Бошкоска
Неделава Издавачки центар ТРИ го објави романот „Ќе ви препишеме мачка“, прв дел од истоимениот серијал на јапонската авторка Шо Ишида. Освен што е меѓу најпродаваните во Јапонија, оваа книга со години се наоѓа меѓу најчестите препораки на книжевните блогери, критичари и инфлуенсери на разни интернет-платформи. Тиражноста во Јапонија предизвика романот да стане и глобален книжевен хит, кој денес има своја публика во Шпанија, Финска, Англија... а од скоро и во Македонија.
Што е тоа што ја прави толку привлечна за читателите низ светот? Мачките. И тие кои се појавуваат на корицата, кои автоматски ја прават атрактивна за да се посегне по неа, но и мачките кои се појавуваат во кусиот опис за романот на задната корица. Сепак, освен тоа, има нешто повеќе на што се должи популарноста на оваа книга – претставувањето на мачките во јапонската книжевност.
Присуството на мачките во јапонската литература бележи 1000-годишна историја. Можеби главната виновничка за тоа е дворската дама Сеи Шонагон, која во 1002 г. ја завршила познатата збирка приказни „Записи под перницата“ во која раскажува за дворскиот живот. Покрај интригите, луксузот и секојдневието во дворецот во периодот Хејан, Шонагон прави белешки и за дворските мачки. Во една од приказните запишува дека мачката која живеела на дворецот добила статус на благородничка и ја нарекувале Леди Мјобу.[1]
По речиси 1 000 години од записите на Шонагон, на почетокот на 20 век во Јапонија се појавува т.н. белетристика за мачки (cat-fiction). Романот „Јас сум мачка“ од Сосеки Нацуме, објавен 1906 година[2], станува хумористично ремек-дело штo прави сатира на високата средна класа во Јапонија во втората половина на 19 век. Освен што станува модернистичка класика, овој роман ја поставува основата за натамошното пишување чија централна фигура и фокална перспектива е токму мачката.
Понатаму, речиси во сите дела на реномираниот јапонски писател Харуки Мураками ѕиркаат мачките, а тоа е особено забележливо во романите „Кафка на брегот“ или „Безбојниот Цукуру Тазаки и неговите години на аџилак“, кои се преведени на македонски и објавени во издание на ТРИ.
Со современата поетика на Мураками се појавуваат и книги од повеќе други автори – „Шарената мачка во кујната Чибинеко“, „Мачката гостин“, „Хрониките на мачката-патник“, „Ако мачките исчезнат од светот“...
Мачките во јапонската книжевност, освен што будат асоцијација на удобни, слатки, привлечни четива, се поврзуваат и со фолклорот, кој изобилува со приказни за натприродни мачки како што се „баконеко“ и „некомата“ – митски суштества што можат да се преобразат во луѓе или да прават бељи. „Манеки-неко“, односно „мачката што повикува“ – која често може да се види во излозите низ целата земја – претставува симбол на среќа и просперитет. Притоа, мачките се почитувани поради својата независност и мистериозна аура; тоа се особини што се особено погодни за белетристиката[3].
Мачките се сметаат и за симбол на интроспекција, смиреност и толеранција, а нивната лековита моќ особено е изразена во романот со апликативниот наслов „Ќе ви препишеме мачка“. Централно место во оваа топло раскажана приказна зазема клиниката „Кокоро“, која е сместена во стара зграда на крајот на една уличка во Кјото. Впрочем, случајно или не, токму во периодот Хејан (кога се појавуваат „Записите под перницата“), царот Хаму ја пренел престолнината во Кјото. Сега, во 21 век, во дејството на романот „Ќе ви препишеме мачка“, Клиниката за душата „Кокоро“ можат да ја пронајдат само луѓето на кои навистина им е потребна. Ним таинствената клиника им нуди автентичен третман: им препишува мачка наместо лекови. Пациентите се збунети од несекојдневниот рецепт, но преку одговорноста за милото животинче, по некое време доживуваат длабоки промени и откриваат една своја нова верзија – подобра, похрабра и поемпатична.
Затоа, топло ви ја препорачуваме оваа книга, која од роман прераснува во прекрасен животен водич за тоа како да се справите со секојдневните проблеми, да се издигнете над предизвиците, да го забавите темпото и да се погрижите за себе и за своите блиски.
Со неа во рака, со топла напивка и ќебенце, потсетете се дека понекогаш решението е многу едноставно: можеби ви е потребна само мачка.
Книгата може да ја нарачате овде.

[1] https://www.lrb.co.uk/the-paper/v42/n01/rivka-galchen/shonagon-is-hot
[2] https://marinet.bibliocommons.com/v2/list/display/1772193909/2428942129