„ДЕЦАТА СЕКОГАШ САКААТ ДА БИДАТ ВКЛУЧЕНИ ВО ПРИКАЗНИТЕ“

„ДЕЦАТА СЕКОГАШ САКААТ ДА БИДАТ ВКЛУЧЕНИ ВО ПРИКАЗНИТЕ“

Пет нови сликовници со Стела и Сани во издание на Паблишер ќе бидат промовирани на 7 ноември во Веро Џамбо, заедно со интерактивен концерт и креативно катче за најмалите. По тој повод, разговараме со авторката Бистра Георгиева која ни открива повеќе за пишувачкиот процес како и за соработката со илустраторките Наташа Андонова и Љупка Стојкова и за конципирањето и завршувањето на една сликовница која најчесто почнува со случајна идеја. 


Прашува: Ангела Бошкоска 

1. Пред нас се пет нови сликовници во твое авторство. Две од нив се насловени по синтагми блиски на читателите, како изреката „Мечка се жени“ и митот за вторник: „Како да го прескокнеш вторник“. Колкав предизвик беше да се разработат во детстки приказни, како одеше процесот?

 

Процесот е речиси секогаш ист. Никогаш не е јасен до крај. Не сум секогаш сигурна од каде излегуваат приказните и ликовите. Понекогаш се случува некои работи кои ме обземаат свесно или несвесно да влијаат врз тоа што сакам да го пишувам. Таков беше случајот со „Изгубено – најдено“. Периодот кога ја пишував, активно ја средувавме куќата во која живееше мојата свекрва. И наоѓавме различни работи кои не знаевме дека постојат, и работи кои сега си ги носиме и користиме, но и такви заборавени ќеси со разни дребулии. Така, ми дојде идејата дека Стела и Сани наоѓаат една заборавена корпа на која пишува „Работи кои никому не требаат“ и од таму почнуваат да излегуваат: комарец на 90 години, стара тетратка со рецепти, буквата Њ и други ликови. Пишувајќи, во главата си го имав тој простор, точно таа куќа, точно тие плакари и фиоки. И ми одеше забавно, а  истовремено ми дојде како еден полесен, невообичаен процес на збогување од тој дом.      

 

2. Колку се важни илустрациите за приказната, колкав е твојот удел во концептуалното осмислување на сликовниците?

 

Кога пишувам, секогаш пред мене ги имам замислено илустрациите и сцените, па така и ги пишувам, како некакви назнаки за илустраторите. Но потоа, тоа најчесто станува приказна која илустраторот ја гледа на поинаков, свој, автентичен начин, и нормално, никогаш не е како што сум го замислила на почетокот. Во тоа е и убавината на креирање сликовница со илустратори. Добивам цртеж и ликови кои првпат ги запознавам и сфаќам дека тие (илустраторите)  „друго гледаат и друго читаат“, и тоа многу ме возбудува. Секогаш кога ќе пристигнат нови илустрации, одвај чекам да ги отворам и да видам како ја раскажале мојата приказна. Наташа Андонова, на пример, кога црташе една од сликовниците, скоро вратена од Охрид, ми пиша „Знаеш, за оваа некако ме инспирира Охрид, старата охридска куќа“  и мене тоа ми беше многу убаво, бидејќи се спојуваат две различни импресии во една книга.

 

3.Во „Ноќна смена“ и „Мечка се жени“ има страници со интерактивна содржина. Зошто е тоа важно за детското читање и приближување до книгите во дигиталното време во кое живееме?

 

Затоа што децата секогаш сакаат да бидат вклучени во приказните. Да не се пасивни слушатели, а токму ваквите содржини ги „држат“ уште подолго покрај книгата. И воопшто, мислам дека книгите треба да се читаат и препрочитуваат заедно со возрасните. И кога се читаат да се адаптираат според разбирањето на детето. Значи, да се застанува онаму каде што можеби треба да се дообјасни некој збор, некој концепт што не го разбираат децата. И така, започнува разговор кој може да трае многу подолго од траењето на една сликовница, разговор во кој ќе уживате заедно со детето и многу често веројатно ќе бидете изненадени од размислувањата и мислите што децата ги имаат.


4. Што те изненади најмногу кај самата себе кога ги заврши сликовниците – кога ги виде во финалната форма, илустрирани и испечатени?

 

Па, бидејќи ги работевме многу долго, на крајот кога требаше да излезат од печат веќе имав многу трема и стопати ги прегледував, ги препрочитував, ги давав на пријатели да ги видат да не има нешто што јас не го гледам. И постојано имаше некакви ситници кои ги коригирав, од кои не бев задоволна. На крај, кога веќе ги држев в раце, не сакав ни да ги отворам. Прво му ги дадов на сопругот да ги чита со децата, за да не најде некоја грешка. Но сега веќе и јас си ги вртам, читам и препрочитувам и многу ги сакам.

 

5. Има ли редослед по кој го препорачуваш читањето на овие сликовници?

 

Нема редослед. Но можеби би препорачала во однос на возраста. На пример: „Мечка зе жени“, „Како да го прескокнеш вторник?“ и „Кој прв ќе заспие?“ се приказни кои ги разбираат помалите деца (од 3 години нагоре), лесни се и илустрациите на Љупка Стојкова се игриви. Додека „Ноќна смена“ и „Изгубено – најдено“ се интересни за повозрасни деца од пет, шест, седум години.

 Иако е неблагодарно да се одредува возрасна граница, бидејќи секое дете е различно и различни работи го интересираат, така што нема некои правила, повеќе се искуствени реакции од децата кои ги следев деновиве.


5. Што би им порачала на најмалите читатели?


Па, со оглед на тоа дека ова интервју нема да го читаат најмалите читатели, би им препорачала на големите читатели да го сфатат читањето како една откачена игра помеѓу нив и детето. Да ги препознаваат нивните случки во книгите и да си ги дообјаснуваат заеднички. Да им поставуваат прашања на децата и да го бараат нивното мислење за работите кои ги слушаат и гледаат во илустрациите. Книгите да им бидат повод за убаво поминато време, да си направат кафе за себе, а детско за децата – и да уживаат. Кога можат, се разбира :) 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново