ЛЕТЕН ФЕСТИВАЛ НА КНИГАТА ВО ТРИ: ЧИТАМ, ЗНАЧИ ПАТУВАМ!

ЛЕТЕН ФЕСТИВАЛ НА КНИГАТА ВО ТРИ: ЧИТАМ, ЗНАЧИ ПАТУВАМ!

Читам, значи патувам!  

А за тоа ти треба пасош, што ти го издава Летниот фестивал во ТРИ  

Каде или со кои книги ќе патуваме летово? Што ако годинава не мораш да бираш меѓу место и книги? Со Летниот фестивал на книгата во ТРИ: да читаш значи да патуваш. Затоа, покрај нови наслови, свежи неделни препораки и понуди, ти издава и читателски пасош!  

Пополнувањето на пасошот е твојот нов читателски предизвик и е многу едноставно: колку повеќе читаш, толку повеќе печати добиваш. Тоа значи патешествие полно со изненадувања, па освен печати, ти подаруваме торбички со освежен дизајн, книги и други мали подароци! Ако ги поминеш сите девет попатни станици и стигнеш до крај, влегуваш во игра за вредносни ваучери, бесплатни книги во текот на целата година или патување со омилената личност на некоја дестинација!  

За да тргнеш на оваа авантура, патот те води до нашите книжарници, каде што со првата сметка од 500 денари можеш да си го подигнеш својот нов пасош. Што друго те очекува таму?  

Ако беше таму „Пред да се излади кафето“ и ги слушна „Приказните од кафулето“ Фуникули фуникула, сега повторно отпатувај во времето и пробај да стигнеш „Пред да избледи сеќавањето“. Овој новитет, кој заеднички го чекавме како трет дел од серијалот „Пред да се излади кафето“ на јапонскиот писател Тошиказу Кавагучи, летово нè потсетува на важноста на заедницата и начинот на кој јавните простори стануваат места во кои луѓето можат да се дружат и да се поддржуваат.  

Летниот фестивал на книгата значи и попуст на сите книги на ТРИ и Паблишер кои може да ги разгледаш во каталогот ТУКА, а секоја фестивалска недела ќе носи различна понуда од книги со уште пониски цени!  

„Ако мислиш дека авантурите се опасни, пробај рутина“, вели Пауло Коелјо. „Таа е смртоносна.“ Додека се подготвуваш за предизвикот, ова лето сврти нова страница и избери си го новото возбудливо четиво. Најновиот роман на Али Хејзелвуд, „Скок во забранети води“, може да биде твојата летна авантура која те води директно на море, на бреговите на Калифорнија. Запознај ги Скарлет и Лукас и нурни се во забранетите води на желбата и страста.  

Летниот фестивал на книгата почнува од денес (22 јуни). Жешкото време носи уште пожешки цени со попуст до 70 % во нашите книжарници, каде што те чека пријатна атмосфера. Пасошот сепак е документ што се пополнува со мирна глава. 

Среќно!  

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново