ИНДИВИДУАТА Е „РОБ“ НА СВОЈОТ ТЕМПЕРАМЕНТ, КОЈ ЈА ОДРЕДУВА КОМУНИКАЦИЈАТА
Знаеме дека добрата комуникација е основниот услов за воспоставување здрави односи со луѓето. Дали денес имаме здрава комуникација меѓу себе, во општеството?
Комуникацијата, според квалитетот, драматично не се разликува од порано, особено ако зборуваме за 50, 60, 70, па и повеќе години наназад. Тоа можеме да го утврдиме доколку гледаме постари филмови. Сепак, нема истражувања за квалитетот на комуникацијата низ годините, иако евидентна е разликата во нејзиниот квантитет. Така, она што се разликува во комуникацијата во последните 20-30 години е дека таа е обемна, со многу информации и пораки, побрза е, а со тоа и делумно површна. Од настанот до пренесување на информацијата за него на поширок круг луѓе, времето е драматично скратено.
Дали една комуникација е здрава, може да утврдиме според степенот на адаптација на соговорникот и должината и опфатот на таа комуникација, која предизвикува и соодветна адаптација. Доколку бара од соговорникот голема адаптација, особено ако е долготрајна, тогаш можеме да речеме дека таа комуникација не е здрава. Исто така, ако поттикнува илузии, ако шири лажни информации или во себе има цели кои се пропагандни, тогаш не е здрава комуникација.
Како да бидеме владетели со мислите и комуникацијата наместо нивни робови?
Мислењето и комуникацијата не се синоними. Иако мислењето ја организира комуникацијата, особено вербалната, сепак, таа зависи и од многу други елементи.
Доколку поттикот за комуникација доаѓа од личната мотивација и е одраз на радоста од средбата или контактот, тогаш таа е само уште едно средство низ кое човекот може да се самоактуализира. Сепак, интензитетот и фреквенцијата на самата комуникација ќе бидат определени од темпераментот на индивидуата, а тоа е нешто што е генетички одредено, не зависи од слободната волја или желба. Тогаш, од аспект на темпераментот, за индивидуата би можеле метафорички да кажеме дека е „роб“ на својот темперамент, кој ја одредува комуникацијата, а на некој начин и мислењето.
Според квалитетот на комуникацијата, таа може да пренесува и важни информации, односно пораки. Кога индивидуата од кои било причини е попречена да праќа пораки, тогаш релативно добра замена се информациите што имаат за цел само да се соопштат и да се одраз на олеснување на оној кој го прави тоа. Тогаш лицето почнува да ја користи комуникацијата за своја абреакција и може да стане зависен од неа. Така, таа зависност може да ја коментираме како форма на заробеност.
Дали комуникацијата може да помогне во промена на општеството во целина? Како промената на поединецот влијае врз промената на светот?
Комуникацијата веќе помага. Најпосле, и целата оваа ера се нарекува токму така, како изведен поим од комуникацијата –информатичка ера. Промената на еден поединец не влијае врз светот, но промената на многу поединци го менуваат социо-културното милје, а знаеме дека тоа ја одредува комуникацијата.
Често забораваме дека добриот говорник е на прво место добар слушател. Како да ја зацврстиме таа врска?
За првото не би рекол дека е така. Зашто добриот говорник е многу мотивиран да каже што мисли и да влијае другите да ја прифатат неговата намера. Попрво би рекол дека тоа е исклучок, кога говорникот може да ги прикаже потребите на другите кои немаат говорничка спсобност.
Колку е важна комуникацијата со самите себе?
Таа комуникација се остварува постојано, но ние речиси не сме свесни за неа. Комуникацијата со себе, како внатрешен говор, е репрезент на искуството во интеракцијата уште од најраниот развој. Онаа комуникација која предизвикала најмногу промени, таа останува во свеста на човекот и има својство да се повторува и да се амплифицира. На пример, комуникација со некој многу важен. Кај поедини луѓе, таа е многу јака и императив е за нивните надворешни постапки, начинот на мислење и манифестирање на чувствата. Внатрешната промена на поединецот почнува од препознавање токму на тие внатрешни комуникации, на внатрешниот говор. Индивидуата тој внатрешен говор го именува како дилеми, внатрешни конфликти или, пак, како принципи или обрасци за дејствување.
Зошто е значајно луѓето да посетуваат обуки и предавања на кои ќе можат лице в лице да се сретнат со експерти кои стручно се занимаваат со различни теми од областа на личниот, духовниот и професионалниот развој?
Значајно е токму затоа што истражувањето на самиот себе доведува до кристализација на внатрешната комуникација, нејзино препознавање, нејзина генеза. Кога е таа препознаена, тоа е можност, пред сè, за избор на индивидуата, а потоа за нејзина промена, особено доколку таа влијае врз многу дисфункционални адаптации.