ЈА ПРАШУВАМЕ ВЕДРАНА СТОЈАНОВСКА

ЈА ПРАШУВАМЕ ВЕДРАНА СТОЈАНОВСКА

Креативните умови наоѓаат инспирација и во највообичаените мигови. Ете така, на еден ваков ум, на Ведрана Стојановска идејата за да создаде една несекојдневна книга-планер ѝ дошла сосем неочекувано. Прашајте ја лично! 

Пред да се сретнете лице в лице со неа оваа сабота во 13 часот пред нашата книжарница во Дебар Маало, првин запознајте се преку ова интервју со неа. Уживајте во обете форми на запознавање!


  • Кога и како ти дојде идејата за „Мој личен развој“? Која е главната цел и кој беше мотивот да создадеш едно вакво поинакво издание на несекојдневна планер-книга?
  • Идејата најпрво беше да биде целосна книга. Така и започна целата приказна, да создадам книга за личен развој која ќе содржи теми што ќе опфаќаат важни аспекти од животот на човекот. Темите, како и во планерот, се теми од различни животни полиња, од ментално здравје до социјални односи, однос кон себе, како да бидеме среќни сами со себе, како да го живееме животот и денот поквалитетно, како функционира умот, до тоа колку се важни животните цели. Притоа давам методи како да поставиме цел, без разлика дали е мала или голема, давам многу прашалници за работа на себе и себеоткривање, методи за промена на деструктивните навики и како можеме да ги промениме во позитивни, за успех и напредок, за главните негативни емоции кои нѐ спречуваат во саморазвојот, за егото, зошто е тоа важно, но и како да го препознаеме егото кај другите итн. На крај, книгата завршува со освестувањето за кармата и дармата во нашиот живот и како да придонесеме да имаме похармоничен живот со помош на верата и ослободувањето од сопствените стравови на тој начин што ќе создаваме поголема доверба во животот и во Божјата промисла.


  • Мислиш ли дека креативноста вклучува внесување на срцето и душата во она што го создаваш или, пак, поголема улога има умот и неговото ослободување од ограниченоста?
  • Апсолутно да! Долг период од животот почнував многу работи одеднаш, но по некое време сфаќав дека кога сум на многу полиња и проекти не можам целосно да се вложам и да бидам максимално креативна и фокусирана. Токму затоа сметам дека многу е важно, кога работиме нешто, целосно да сме посветени на таа работа затоа што само на тој начин нашата креативна енергија можеме да ја искористиме до максимум. Исто како што ни треба одредено време да влеземе во подлабока медитација, така и за секоја друга работа потребно е целосно фокусирано да се внесеме и со срцето и со душата и со умот во тоа што го правиме за да можеме да ги искористиме максимално нашите таленти за создавање на делото (во која било област) кое ни е крајна цел. Во однос на вториот дел од прашањето за умот, точно е тоа дека потребно е ослободување на умот од ограниченоста, но би рекла дека најпрво е потребно ослободување од сопствените можеби ограничувачки мисли или сомневање во себе, инаку умот одлично си ја врши функцијата заедно со духот, ентузијазмот и самата идеја. Умот ни е даден за да можеме да создаваме врз основа на нашиот интелект, но и креативност и токму затоа и имаме две мозочни хемисфери кои балансирано се надополнуваат кога се тргнати сите ограничувачки фактори.


  • Како се мотивираш себеси? 
  • Се мотивирам со мојата замислена идна верзија. Во планерот не случајно се поставени неколку празни листови со линии и теми за осмислување на животот. Токму тоа и го имам направено за себе и секое ново утро ме мотивира она што го имам визуализирано за себе и тоа каде сакам да стигнам. Сметам дека најважно е да се видиме себеси каде сакаме да бидеме понатаму во животот и непоколебливо да итаме кон таа верзија од нас и секој нов ден да нѐ мотивира токму тоа. Покрај таа мотивација, ме инспирираат и другите луѓе кои ги постигнале своите цели и замисли, без разлика на препреките. Таквите препреки се неизбежни во сечиј живот, без нив не би растеле до таа своја идна верзија.


  • Има ли некоја реченица што си ја кажуваш секојдневно?
  • Има, да. Имам неколку! Но најпрво секојдневно ги пишувам благодарностите и афирмациите во мојот планер, кои се неизбежен дел на утрото, заедно со пиењето на моето кафе. Но она што си го кажувам секој ден, секое утро и секоја вечер е благодарноста за тоа што сум жива, што можам да го искусам животот, што сум здрава и што можам да правам сѐ што ќе посакам, што гледам, што слушам и што имам сѐ што ми е потребно. А втората работа која секоја вечер си ја кажувам пред спиење е молитвата и благодарноста кон Бог.


  • Реченица што би сакала секој човек да си ја кажува секојдневно?
  • Би сакала секој човек наутро да се разбуди со една прекрасна, убава позитивна енергија, и откако ќе стане од креветот да се заблагодари за тоа што има можност да постои и живее уште еден нов ден. Ние сме тука на земјата со многу ограничен рок и за жал (или за среќа) не сме вечни живи суштества, па можноста за живот е нешто што многупати го земаме здраво за готово претопени во општественото секојдневие. Така што нешто што би сакала секој човек да си го кажува е „Ти благодарам, Господе што сум жив уште еден нов ден и што имам можност за напредок и личен раст.“ – Со овие зборови и со нашата секојдневна одговорност кон обврските, којзнае каде би стигнал секој човек низ животот. 


  • Сон кој сакаш да го оствариш?
  • За соништата сум многу едноставна, ама не сум скромна. Сакам да остварам неколку сонови на неколку животни полиња, но во кратки црти моите најголеми соништа за остварување би биле квалитетен брак полн со љубов и разбирање и вториот од аспект на кариерата би бил – на што повеќе луѓе да им помогнам да си ги подобрат животите и да бидам пример да тргнат кон еден многу поквалитетен живот, заедно со сите методи и зборови кои ги пренесувам и преку планер-книгата и преку моите социјални профили.






Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново