Ју Несбе: МОЖАТ ЛИ ПРИКАЗНИТЕ ДА ГО ПОБЕДАТ ПУТИН?

Ју Несбе: МОЖАТ ЛИ ПРИКАЗНИТЕ ДА ГО ПОБЕДАТ ПУТИН?

(Преведено од норвешки на англиски од Алиса Мензис. Превод од англиски: Горица Попова)

 

Приказната на Владимир Путин дека ja нападнал Украина за да го спаси репресираниот народ од „бандите наркомани и од неонацистите“ е добро примена – во Русија. Но, едновремено, ги замолчува сите гласови што можат да раскажат поинаков наратив. Дали е тоа реалното боиште – приказната? И каква улога може да има фикцијата кога вистината е веќе мртва?

Во 2015 година на Норвешката телевизија беше прикажана првата сезона на Окупирани. Серијата отсликува измислена руска окупација на Норвешка, повеќе или помалку премолчено прифатена од ЕУ и од САД, како начин да се рестартираат капацитетите за производство на нафта затворени од норвешката Влада на Зелените. Додека го развивав концептот за серијата, целта ми беше да се сосредоточам на моралните дилеми и избори со кои се среќаваат обичните луѓе во екстремна ситуација – свесна паралела со ситуацијата во која можеби се нашле нашите родители и баби и дедовци за време на германската окупација на Норвешка од 1940 до 1945 година. Маневрирањето помеѓу помала земја, моќен сосед и останатите владејачки нации во светот, балансирањето со политичките принципи наспроти економските околности и нивната сопствена сигурност беа само дел од заднината. Мислев дека ќе биде очигледно оти поентата на измислениот свет во Окупирани не требаше да каже ништо за Русија – токму како што Стивен Спилберг во филмот Ајкула немаше цел да каже нешто за големите бели ајкули – а сепак, руските власти не ја примија серијата баш најдобро. Вјачеслав Павловски, амбасадорот во Норвешка, за руската агенција ТАСС изјави дека „сигурно е за жалење што во годината кога се слават 70 години од победата во Втората светска војна, авторите се чини го заборавиле херојскиот придонес на Советската армија во ослободувањето на северниот дел на Норвешка од нацистичките окупатори, па решиле, во најлошиот манир на Студената војна, да ги исплашат норвешките гледачи со непостоечката закана од истокот.“ Е сега, можеби амбасадорот бил малку пречувствителен, затоа што Русија го анектира Крим претходната година (2014) – долго откако сценариото за серијата Окупирани беше напишано и пуштено во продукција – ставајќи се себеси во улога на негативец на светската политичка сцена. Но зошто таа бурна реакција кога серијата беше очигледно дело на фикција – и таква во која Русите не беа прикажани како група роботи, како постојано злобни „лоши момци“?

 


Можеби одговорот е следниов: во ера кога вистината е обезвреднета со лажни вести и со пропаганда, кога народот понесен од емоции ги бира моќните водачи, а не заради нивните заслуги или политички стојалишта, фактите ја немаат повеќе истата тежина како некогаш. Фактите мораа да им го отстапат местото на приказните што ги будат нашите емоции, приказните за нас и за она што нè дефинира како група, нација, култура, вера. Можеби окупациските војни во Виетнам и во Авганистан не беа изгубени поради недостигот на оружје или воена моќ, туку поради недостигот на приказни што можеле „да ги освојат срцата и умовите на луѓето“. Или, поточно: можеби се случи така затоа што опозицијата имаше подобри приказни.

Во текстовите за последната руска војна (Граѓанската војна од 1917 – 1923) постои еден често користен цитат на американскиот сенатор Хирам Џонсон, кој во 1917 година изјави дека „првата жртва кога доаѓа војна е вистината“. Ова, покрај другото, се користи за потсетување на новинарите и уредниците колку може да биде ранлива вистината втемелена врз факти кога две страни се борат за доминација на сопствената верзија на настаните. Но тоа е и потсетник дека е наивно да се верува оти новинарот – дури и оној со интегритет и кој е независен – може да го оддели своето известување од сопствената култура, националност и наследен поглед на светот, особено во текот на војна. Кога Ричард Фејнман, лауреат на Нобелова награда и еден од научниците што ја развиле атомската бомба, пишуваше за нешто апсолутно како што е физиката: „имам приближни одговори и можни уверувања и различни степени на сигурност за различни нешта, ама во ништо не сум апсолутно сигурен“, можеме да видиме дека идејата за совршената „објективна вистина“ не е ништо друго освен илузија. Но како што со сигурност можеме да кажеме дека 1 + 1 = 2, постои разлика помеѓу обидот да се каже дека нешто е вистинито и обидот да се каже дека нешто не е вистинито.