ВО СЕЌАВАЊЕ НА МАРИЈА ГРАЦИЈА ЦВЕТКОВСКА

ВО СЕЌАВАЊЕ НА МАРИЈА ГРАЦИЈА ЦВЕТКОВСКА

„Отсуството за љубовта е исто што и ветрот за огнот. Ако е мал жар го гаси, ако е голем го распламтува.“

Умберто Еко

Што е животот ако не сенка на еден минлив сон? Како што Умберто Еко веруваше дека сиот живот е енигма, така и за нас е енигма и неизбришлива тага заминувањето на Марија Грација Цветковска.

И иако никој не знае што се случува со нас кога ни згаснува жарот во очите, сепак, постои вечен оган што никогаш не се гаси. Тој оган се сите оние нешта што ги оставаме зад себе и пред кои времето е немоќно.

Како разгледница што ја чуваме вечно, така ќе ги чуваме и нејзините кристални преводи кои ни ги остави како мера за чувствителност и како учебници за учење на занаетот и на македонското јазично богатство. Неа љубовта ја донесе од Трст, Италија, во нашата земја. Својата мисија ја исполни оставајќи ни преводи на совршен македонски јазик на делата на Умберто Еко, Клаудио Магрис, Едоардо Нези, Дача Мараини, Ариосто, Манцони, Верга... Преведувањето за Марија не беше занает, туку чин на љубов. Како да имаше вонземска моќ да ги слуша мислите на писателите и да ги преобразува во она што нам ни е блиско.

Пукнатината што големите луѓе ја оставаат со своето заминување засекогаш ќе остане пукнатина. Но токму низ неа минува светлината. А светлината што ја носеше Марија Грација Цветковска е толку блескава што кога ќе се отворат нејзините преводи и ноќта станува ден. Таквите луѓе се непотулен жар што ветрот не го гаси, туку го распламтува.

Ќе те паметиме со љубов, благодарност и светлина.

Почивај во мир, драга Марија...

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново