ЧИТАТЕЛИТЕ ПИШУВААТ: СЛАЃАН БИШКОВСКИ ЗА „КЛАРА И СОНЦЕТО“

ЧИТАТЕЛИТЕ ПИШУВААТ: СЛАЃАН БИШКОВСКИ ЗА „КЛАРА И СОНЦЕТО“

Еден читател – еден свет. А секој свет си има своја филозофија на постоење. Така и Слаѓан Бишковски има свое гледиште за апсолутниот книжевен хит на Казуо Ишигуро. Го делите ли истото мислење за „Клара и сонцето“ или, пак, оваа рецензија ќе ви биде поттик да се фрлите на читање на овој прекрасен роман?

Што имате вие да ни кажете за своите омилени книги?



Нобеловецот Казуо Ишигуро со своето најново книжевно остварување „Клара и сонцето“ повторно умешно нѐ вовлекува во еден чудесен футуристички свет во кој роботите се речиси на исто ниво со својот создател.

Главниот протагонист на овој роман е токму еден човеколик робот по име Клара. Таа е таканаречен ВП – вештачки пријател, кој родителите им го купуваат на своите деца за да им овозможат друштво и поддршка. Клара силно мечтае да биде вдомена, додека во меѓувреме темелно ги набљудува минувачите обидувајќи се детално да ги проучи и разглоби нивните емоции. Хранејќи се со енергијата од сончевите зраци, таа е целосно обземена од околината. Кога четиринаесетгодишната Џози за првпат ја здогледува Клара во излогот на продавницата, таа е освоена од нејзините љубопитни очи и изглед на мала Французинка со прекрасна насмевка.

Во домот на тинејџерката работите добиваат нов тек и оттука започнува да се развива едно пријателство меѓу роботот и човекот кое постепено прераснува во силна, нераскинлива врска. Неколку ликови царуваат во опкружувањето на Клара. Тие се значајни карактери од кои таа црпи непресушно знаење и увид во надворешниот свет; живописни ликови преку чии постапки и изрази навлегува подлабоко во сложените лавиринти на љубовта и чувствата, но го осознава и значењето на тагата, болката, опсесијата, беспомошноста и осаменоста.

Клара е еден специфичен наратор кој засекогаш останува врежан во меморијата, како слоган издлабен на некое дрво. Таа е голем оптимист, интелигентна е, сочувствена и упорна. Нејзината несекојдневна приказна, натопена во топли нијанси, делумно ужасува и дава надеж, но истовремено претставува и мошне вознемирувачко четиво кое блика со меланхоличност и копнеж. Приказна која замислува и заслепува со својата блескава светлина како и сонцето, проникнувајќи во темните катчиња на душата. Приказна која го растреперува и топли срцето на еден речиси мистичен начин. Комплексна и детална, восхитувачка и магична, сликовита и апсолутно незаборавна таписерија од ликови и енормен спектар од емоции.

Роман кој го поставува вечното прашање – што значи да се сака и да се биде сакан? Дали љубовта, грижата и жртвувањето се доволни за да спасат еден човечки живот? Дали сончевите зраци ќе успеат да се пробијат низ густите, темни облаци?

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново