Три книги што ме направија посилна жена – Јагода Михајловска-Георгиева

Три книги што ме направија посилна жена – Јагода Михајловска-Георгиева

Арундати Рој, Маргерит Дирас и Бернадет Мекдоналд се моите најсакани, најпочитувани и најблиски писателски пријателки. Тие пишуваат, јас ги читам и така, без престан, си разговараме. Во сѐ се согласуваме, за сѐ се разбираме. Бескрајно им се восхитувам и длабоко им се поклонувам, секогаш со истата исчуденост: како умеат така да пишуваат, како е можно некој да го може тоа!?

Сите нивни книги што сум ги прочитала, без исклучок, се во мојот најтесен избор. Сепак:

Министерство за врвна среќа“ на Арундати Рој е повеќе од еп, повеќе од љубовна поема, повеќе од политичка сатира, повеќе од историско дело... повеќе од сѐ познато. Овој грандиозен роман е мегаслика на современа Индија, но и на сиот свет. На задната корица од македонското издание пишува: „Како да раскажеш скршена приказна? Така што полека ќе станеш секој. Не. Така што полека ќе станеш сѐ“. Читајќи го, навистина стануваме сѐ.

 

Живот“ на Маргерит Дирас ја превртува кожата одопачки, ја покажува целата утроба, од најситните органи до најкрупните, сиот скелет... истовремено ги разголува душата и умот додека од сите крвни садови се разлева крв. Пишувачката крв на авторката, но и на оние што ја читаат. Боли!? Да. Треба да се има нејзината одважност и искреност за да се погледне, не само однадвор туку и однатре, на стварниот живот. Сечиј. 

 

Слободата како уметност“ (како и сите книги на Бернадет Мекдоналд) е пат и патоказ кон духовните и физичките вертикали на човечкото битие и сведоштво за постоењето на „трет вид“ луѓе. Тие не се ни жени ни мажи, туку надлуѓе, врвни алпинисти што ги искачуваат највисоките планини – Хималаите. И самата алпинистка, авторката го успева речиси невозможното: да го „преведе“ со зборови неописливото, недофатното, заумното, фасцинантното искуство на овие „џинови на вертикалите“. Биографија, поема, драма, трагедија, еп, мит... сѐ на едно место и во оваа книга (за алпинистот Војтек Куртика) на исклучително талентираната раскажувачка.  

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново