ОНТОЛОГИЈА НА ОСАМЕНОСТА

ОНТОЛОГИЈА НА ОСАМЕНОСТА

Пишува: Ана Јовковска
Инспириранa од „Желбата на ежот“ од Тон Телеген

„Сите наши неволји произлегуваат од тоа што не можеме да бидеме сами“ (Шопенхауер). Дали? Многупати сме ја слушнале изреката: „Самотијата за духот e она што е диетата за телото. Иако е потребна, станува смртоносна ако трае предолго“. Тука некаде би повлекла линија меѓу самотијата и осаменоста. Едното е избор, другото е болка. И само човек кој никогаш не се почувствувал осамен, не знае колку тескобно е тоа чувство во градите.

Неизбежно е да ја направиме разликата меѓу овие две состојби за кои пишувале голем број автори. Осаменоста е честа тема во книжевноста. Филозофијата, пак, често се занимава со самотијата како човекова потреба. Од она на словенечкиот писател Иван Цанкар дека „човек мора да биде сам, за да може да ги запознае другите“, преку максимата на Гете дека „самотијата е убава работа ако човек сам со себе живее во мир“, па сè до Шопенхауеровото тврдење дека „кој не сака самотија, тој не сака слобода“, ни се протнува прашањето – дали човекот е целосно слободен само кога е сам?

За таков ли тип на слобода сонува Ежето во книгата „Желбата на ежот“ од Тон Телеген? Или, пак, неговата осаменост е дотолку неосвестена, што тој одбива да ги прими другите животни од шумата на посета во својот дом? Низ оваа магична приказна за животните ги препознаваме комплексните состојби и чувства на човекот. Во монолозите на Ежето се чита несигурноста што секој човек ја носи длабоко во себе. Од една страна е потребата за друштво, комуникација и за признание од другите, потребата да се биде виден и разбран, а наспроти тоа е стравот да се излезе од зоната на комфорот, да се биде неприфатен или критикуван. „Ежот повторно седна на својот прозорец и почна да размислува. Почувствува како му чука срцето. Почувствува олеснување, но истовремено и тага. Осаменоста е дел од мене, си помисли, исто како и боцките. Да имав крилја наместо боцки, немаше да бидам толку осамен. Така ќе можев да летам насекаде и ќе немав по што да копнеам“. Неговото бегство од другите е, всушност, страв дека нема да биде прифатен таков каков што е. Тоа јасно се гледа и од замислениот дијалог на Ежето со животните: „Но зар не се плашите од мене? ги праша тој кострешејќи ги боцките најмногу што може. – Премногу сме среќни за да се плашиме. – Животни! Јас сум! Ежето! Јас сум многу добро! Нема да ве плашам!“ Извонредно суптилно се отвора и прашањето за среќата, како противтежа на стравот и осаменоста.

Покрај главниот протагонист, тажното и осамено Еже, романот на Тон Телеген рефлектира низ дилемите и сомнежите и на другите животни. Па така, во дијалогот меѓу Желката и Полжавот, всушност, ја препознаваме комплицираната релација меѓу Мажот и Жената, меѓу двајца кои се сакаат и караат, како партнери кои не можат еден без друг, а во истовреме нетрпеливоста ја прелева чашата на нивното заедништво. Бенигниот конфликт меѓу Желката и Полжавот e претставен низ следнава ситуација: „Како божем таа посета да не може да почека! А утре сигурно ќе ѝ одиш во посета на поларната мечка. А задутре кај некој на Месечината. Ти постојано го правиш тоа. Од една посета до друга. Но не сфаќаш дека се жртвуваш. Постојано брзаш. Уморна си. Премалена. Но, си мислиш дека можеш сè!“ Нивните несогласувања се навидум истоштувачки, за набрзо потоа, кога Желката останува сама, односно кога сама оди на замислената посета кај Ежот, да рече: „Посакувам да можевме заедно со Полжавот да те посетиме. Тој толку многу ќе уживаше... Кога сме заедно, ние го имаме најдоброто време на светот. Тогаш сме безвременски“. Тоа ја сугерира љубовта која е празна без различноста, без конфликтот, кој може да е стимулативен и продуктивен, а не исклучиво трауматски. Помислувајќи на траумите, пак, се сеќавам на поговорката: „Тешко на човекот што мора сам да поднесува несреќа. Но не е среќен ни оној кој среќата ја ужива сам“.

Имено, и за тагата и за среќата е потребно друштво. Прекрасна е и сцената во која Ежот стои покрај својот кревет обидувајќи се да замисли како осаменоста одеднаш исчезнува и сите животни влетуваат внатре во неговата куќа. Како некој ја отвора вратата и осаменоста излегува надвор. Ги замислува сите животни, еден по еден, како му доаѓаат како добри гости кои секогаш со себе носат оревов мед. Во тој миг, во потреба за утеха, Ежот си вели: „Но, јас не сум навистина осамен, нели? Се имам себеси. Нели јас сум секогаш присутен“. Понекогаш неговата соба е голема колку целиот свет. Тој може да ја види вселената низ својот прозорец. Зелена и мистериозна. Неговиот таван е небото, а неговиот лустер – сонцето.

Оваа прекрасна книга на Тон Телеген, објавена во 2014 година, силно ни го стега грлото на осаменоста, но во исто време ослободува некоја чудна топлина, верба и надеж. Некои од дијалозите ме потсетија на „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери, објавена во 1943 година. Таков е и филозофскиот разговор меѓу Ежот и Мравката: „Сè е комплицирано. Но има и многу нешта што не се комплицирани. Како дождот, ветрот, шумолењето на дрвјата, тоа не е комплицирано, нели?“ – „Да“, рече мравката. „Кажи уште нешто што не мислиш дека е комплицирано.“ Ежот размисли. „Небото“, рече. „Небото!?“ викна мравката. „Тоа е најкомплицираното нешто што постои!“ Тогаш мравката скокна и извика: „Но, токму тоа е комплицирано! Едноставното е комплицирано! Јас сум наједноставното и најсложеното суштество во целиот свет.“

Имено, на едноставен и непретенциозен јазик, Телеген отвора филозофски прашања за децата, но и за возрасните. Не случајно е добитник на многу награди, меѓу кои и на холандската награда „Тео Тисјен“, која им се доделува на автори за деца и млади за нивното целокупно творештво, како и на наградата „Ханс Кристијан Андерсен“ во 2006 година. Освен четириесетина книги за деца, неговиот опус вклучува и над дваесет поетски книги и десетина прозни книги за возрасни, како и четири книги со драми. Конретно во „Желбата на ежот“ тој фантастично ја елаборира осаменоста, стигнувајќи на крајот до нејзиниот контрапункт – љубовта. Во последната сцена, кога Верверичката доаѓа на гости кај Ежот, се побива тезата за осаменоста како неспособност за приспособување. Магијата на пријателството и љубовта ја лекува осаменоста. „Во попладневните часови се надеваа дека времето ќе застане или дека буковата стрижибуба ќе ги претвори секундите во часови, а денот во година и дека чајот и медот никогаш нема да се потрошат, додека низ прозорецот гледаа како се стемнува и како почнува да снежи, надевајќи се дека снегот долго ќе врне, така што вратата однадвор нема да може да се отвори и верверицата можеби ќе треба да остане цела зима на гости кај ежот“.

Крајот е магичен! А мојот крај ќе го заокружам со зборовите на Мирослав Крлежа: „Самотијата не е доказ дека човек нема право“. Сепак, пред да ѝ се предадеш на осамата, размисли дали си добро друштво на самиот себе. И ако сакаш да си сам/а, разграничи дали е тоа твојот личен избор за среќа или го правиш поради страв. Не биди како Ежот кој лежеше во темнината под својот кревет, на местото каде што се чувствуваше најбезбеден. Осамен и безбеден. Зошто најпосле и Ежето посака и ја најде својата Верверичка...

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново