МОЌТА НА ПОЗИТИВНОТО РОДИТЕЛСТВО – ПОСТОЈАН ОБИД ЗА СЕБЕОТКРИВАЊЕ И АВТЕНТИЧНОСТ

МОЌТА НА ПОЗИТИВНОТО РОДИТЕЛСТВО – ПОСТОЈАН ОБИД ЗА СЕБЕОТКРИВАЊЕ И АВТЕНТИЧНОСТ

Радмила Живановиќ

психолог-психотерапевт и комуниколог
Вашите деца не се ваши деца. 
Тие настануваат низ вас, но не од вас, 
И иако се тие со вас, тие вам не ви припаѓаат. 
 Можете да им ја дарите вашата љубов, 
 Но не и вашите мисли, 
 Зашто тие имаат сопствени мисли.
Вие можете да ги вдомите нивните тела, 
 Но не и нивните души, 
 Бидејќи нивните души живеат во куќата на утрешнината, 
 Која вие не можете да ја посетите, 
 Дури ни во соништата ваши.
Вие можете да тежнеете да бидете како нив, 
 Но не терајте ги нив да бидат како вас. 
 Зашто животот не се враќа назад, 
 Ниту се задржува во минатото. 
 Вие сте лаковите од кои вашите деца 
 Како живи стрели се напред отфрлени.

(извадок од песната „Од пророкот за децата“ од Калил Џибран)


Кога размислувам за феноменот на родителството денес, честопати се водам од искуствата со родителите, од сопственото искуство како родител и од мојата професионална специфичност и стручност. Така, ова мое согледување на позитивното/модерното или актуелното родителство е во склад со она во кое силно се преиспитувам себеси, она во кое силно верувам и она кое најлесно го практикувам. Да си родител денес е многу потешко замисливо отколку остварливо. Нашите убедувања, мисли, очекувања, тенденции кон некаква идиличност и безгрешност го прават родителството уште потешко, пресериозно, хипервигилно, хиперактивно, никогаш мирно, секогаш будно, гладно и страдно...

Честопати сум замислена и самата: Зошто постои толку голема потреба кај родителите да ги разберат своите деца со кои секојдневно се во контакт, и притоа бараат секаква стручна помош и водство за да ја реализираат таа потреба? Ако ги прашате децата која е нивната потреба од родителите, таа секогаш оди во насока на обезбедување повеќе време со нив, повеќе гушкање, повеќе забава, повеќе разбирање, слобода, автономност и сл. Од друга страна, родителската потреба се движи во насока на креирање на најсовршен родител, родител кој ќе ги има сите решенија, родител кој силно работи за да ги обезбеди, родител кој никогаш не мирува. Кога малку подлабоко ќе загребеме под таа сјајна површина на блескавиот родител, ќе ги согледаме повторно истите или слични потреби како кај децата, потребата да бидеме сакани, разбрани, згрижени и сигурни. И кога ова го споменувам, имам чувство како некоја грутка да ја кочи сета таа вистинска потребност во релацијата со нашите деца, како да стануваме премногу детски, романтични, недостижни, слаби. Премногу слаби за ова тешко и комплицирано време. Се чини како потребата на совршениот родител е да ги потисне своите потреби и да биде само најдобрата верзија од себе. Нешто што никое дете во овој миг не го бара од својот родител. Како толку многу се разидуваме?

Ние сме генерација на родители која е премногу сомничава и уплашена во сопствените капацитети за грижа, за обезбедување сигурност, за емоционална блискост. Иста онаа генерација која можеби пред четириесетина години биле деца на генерациите родители кои беа многу самоуверени во сопственото родителство како исправно и непроменливо. Онаа генерација која воопшто не се колебаше во себе, колку и да грешеше, но и не се извинуваше, ниту пак благодареше за ваквите скапоцени дарови... Ние, нашата генерација на родители, за жал, постојано се колебаме во себе и поради тоа имаме постојана потреба да се усовршуваме и да целиме кон совршенство. Родител кој не е доволен сам по себе... Сега чувствувам дека веќе ви е појасно за што зборувам, и дека барем еднаш и самите сте го доживеале тоа. Нашето доживување на родителството е длабоко поврзано со доживувањето на себеси. Бидејќи постои страв и сомнеж што треба да правиме и како треба да се однесуваме како родители, родителството станува добро изградена и контролирана стратегија или стил на живеење, во кое се убива секој обид да се биде различен, спонтан, да се биде поинаков и да се биде автентичен. Автентичен не значи импулсивен, како што прифаќањето на поинаквото не значи откажување од своето. Така и нашиот однос со децата го развиваме, преку истата перцепција на себеси. Тие се нашите пораки за иднината, обид за изгладување на родителскиот срам, доказ за нашата совршеност. Со таа разлика што нашите деца не се нашите проекти, тие не размислуваат на ист начин, немаат исти потреби, имаат поинакви капацитети, и колку и да растат со нас, имаат свои гледања на другите и на светот.

Па која е тогаш улогата на родителот? Потребно е да не се изгубиме себеси во родителството, а ако се изгубиме, да се вратиме. Родителството е една од улогите што ни го прават животот поинтересен и не е нашата животна опсесија. Растејќи, децата имаат потреба од свој простор, а тој нивен простор не е секогаш и наш. Постои граница помеѓу мене и тебе и хронифицираната слепеност не значи секогаш и поголема грижа. Многупати значи задушување или пасивизирање на сето она што детето го носи на овој свет и го активира во контактите со другите. Улогата на родителот е да му овозможи простор на своето дете да ги изрази сите потреби и емоции што се појавуваат и да му даде насока и простор да се истражат алтернативите на несоодветното однесување. Родителот е оној на кој му се враќаме тогаш кога се чувствуваме изневерени, омаловажени и уплашени од светот и во чии прегратки чувството на срам и страв е најмало и најразбрано. Родителот не го слика најубавиот животен пејзаж, тој дозволува детето да го осознае сето она што постои таму. Родителот му верува на детето, ги препознава неговите капацитети, дава поддршка без да се обидува да ја продава и пласира сопствената проекција. А родителот е честопати скршен и повреден, ги изразува своите емоции и граници, нема душа планина и има потреба и за други активности и релации. Не живее за своите деца, живее за себе, но разбира дека децата ќе му бидат најбитните и најблиските луѓе во животот, без потреба за постојана контрола и служење. Родителот се обидува да ги разбере и прифати, знаејќи колку е тешко, правејќи милион грешки, никогаш со доживување дека постои грешка кај неговото дете или кај него самиот што ќе ја раскине таа силна љубов, таа силна заемност. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново