РЕКОА ЗА...
Романот „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска претставува остварување кое нè соочува со нашата реалност и сегашност, а едновремено, со помош на контрапунктно изградената структура на делото, преку еден антиутописки наратив, нè соочува со она што нè очекува како една можна блиска иднина. Двете линии се контрапунктни на ниво на структурирање на делото, но едновремено тие не се контрастивни туку се огледуваат една во друга надополнувајќи се, објаснувајќи се, обликувајќи целина.
Во коренот на ова дело е темата на отуѓеноста: тоа е роман за пустелијата која човечките суштества ја доживуваат околу себе, за пустелијата што ја носат во себе, за пустелијата што ја градат едни со други и која ја всадуваат едни во други, најчесто во најблиските. Погледнато од таа перспектива, два лика во романот се поставени на двата краја на опозитната оска на отуѓувањето: таткото е отуѓен, мајката е таа која отуѓува, која со своите постапки и зборови ги турка своите најблиски до работ по кој започнува отуѓеноста.
Претставувајќи ја отуѓеноста повеќеслојно, на микрониво преку отуѓеноста во рамки на семејството која раѓа отуѓеност на ликовите, и кон самите себе, себеотуѓеност, и на макрониво преку една панорамска перспектива за алиенацијата во светот, Димковска создава дело кое е предупредување и за она што ни се случува и за она што нè очекува. Суштинската фундираност за таквото предупредување е остварено со тоа штои историските настани во делото – кои започнуваат со воениот конфликт и поделбата на Кипар во 1974 година, и со чии подоцнежни последици што тие ги носат, а кои на свој начин длабоко ги преживува главниот лик и нараторка на делото, Катерина, ќерка на бегалец – ги рефлектираат и сите поделби и воени конфликти што се случуваат денес...
ГОЦЕ СМИЛЕВСКИ
(Од промотивното претставување, 17.8.2023 г.)
...Навистина, што е подобро – да се има или да се нема ЕМБГ? Да бидеш слободно и необележано човечко суштество без да мораш некому да му го докажуваш својот идентитет или да живееш со тој број што е само твој и што е врвниот доказ за тоа дека постоиш?
Оваа дилема суптилно се провлекува низ целиот роман што го носи овој необичен наслов со студен административен призвук. Роман за нашиот обесчовечен свет во кој сме сведени на бројки во нечии сувопарни статистики – толку и толку раселени лица, толку убиени, толку ранети, толку и толку исчезнати... А зад тие бројки во статистиките и во единствените матични броеви се кријат многуте суштествени работи што нѐ прават луѓе. Зашто бројките не кажуваат ништо за чувствата на очај и безнадежност, за болката од напуштањето на домот и од распаѓањето на семејството, за вината што разјадува однатре, за молкот што стои заглавен како горчлива грутка во грлото, за неможноста да се кажат работите што болат… И не можам конечно да пресечам кој e поголемиот и фактички носител на целото дејство и придвижувач на сите случувања во оваа повеќеслојна приказна – дали таткото или неговиот молк. Зашто токму желбата да ја дознае неговата вистина и токму неговиот молк за личната животна приказна ја поттикнуваат главната хероина на сите размисли за губењето на домот, за нефункционалноста на семејството и за отуѓеноста на неговите членови. И најпосле, буквално ја турнуваат во потрага по идентитетот на нејзиниот татко чиј живот е обележан од напуштање, премолчување и покорување во новата држава и во новосоздадениот дом...
Ако не ги сметаме зајадливите коментари на мајката, молкот во семејството Аврам се намножува како чудно животно кое притаено ги нагризува блискоста и односите меѓу луѓето кои по дефиниција се сметаат за најблиски. Тој чудовишно нараснува и го заразува и најмладиот член на семејството, малата Софче, која станува нова жртва на молкот по една несреќна игра измислена од вработената во една игротека каде што се слави детски роденден.
Од друга страна, колку што е непожелен во секојдневниот живот на блиските, толку молкот е посакуван и дури нужен во пустелијата. Таму молкот е состојба на постоење, средство за изолирање од другиот и можност за живеење како единка издвоена од другите. Во пустелијата молкот се крева на рамниште на азил од бучниот и развревен свет кој е неизбежно упатен кон својата пустелија.
Пустелијата е лајтмотив во романот „Единствен матичен број“. Тоа е едно антиутописко место кое сепак постои во реален простор и реален топос. Проектот за неа како антикомуна наидува на одобрување од западниот бизнис-свет и добива пари за реализација. И тоа каде на друго место ако не во Македонија, каде што не недостигаат запустени села и гратчиња. Така пустелијата станува модерен стартап што се реализира кај нас со британски пари. Едно гратче современо во секоја денешна смисла на зборот во кое може да влезе секој кој сака да живее сам.
Влезот во пустелијата е бесплатен. А за последиците од нејзиното постоење и одржување ќе мислиме некој друг ден, во некое друго време. Како што правиме речиси секогаш и за сѐ, изземајќи се од личната одговорност. Токму затоа овој роман го доживеав како жешка шлаканица што треба да нѐ протресе и да нѐ разбуди од самозаблуденоста, како предупредување за патот што сме го избрале и како повик да се преиспитаме, пред да биде премногу доцна.
ВИОЛЕТА ТАНЧЕВА-ЗЛАТЕВА
(Од промотивното претставување, 17.8.2023 г.)
Секоја книга лично ја читам на различен начин, оваа конкретно ја почнав како семеен роман и брзо сфатив дека пристапот ми е погрешен. Да, семејна драма е за едно семејство со мајка (која ги нема шаблонските карактеристики за мајчинство), татко (доселеник од Кипар во времето кога тој се дели на два дела), две деца, и подоцна снаа и внука. Во средиштето е Кате, која е и раскажувачка и носител на целата поента. И каде ми беше грешката при пристапот во читањето? Во мојата интимност, во мојата емоционалност. За да се долови суштината на оваа книга, и ние како читатели треба да се дистанцираме, бидејќи само на таков начин ќе ја разбереме Пустелијата, која е клучна. Отуѓувањето е главен лик, затвореноста мотив, себичноста поента.
Пустелијата како утопија и дистопија во едно, а толку спротивни по суштина. Таа истата која ја носи секој лик во себе, но и како глобалното општество кое се стреми кон отуѓување, затворање во себе. Саможивоста прикажана во ликот на мајката, затвореноста и молкот прикажани во ликот на таткото, незаинтересираноста на Стефан, заблудата и екстремизмот на Дијана. Софче како подмладок, за која не знам каде ќе се приклони, каде ќе ја бара својата пустелија. И на крај – Кате.
Несвесна за пустошот што го носи во себе, за својата интровертност, дали поради дисфункционалноста во семејството, дали поради недостигот на љубов од родителите, дали од руинираното општество во кое живее, гладна за одговори, таа тргнува да ги бара. Со самото тоа ја поминува границата на пустелијата на татко ѝ, почнува да трага, да копа и на крај сфаќа дека едноставно, ако некој не сака да те пушти во својата самотија и пустина, ти не можеш да влезеш. Затоа и не наоѓа разрешница, затоа и останува незаокружена тајната за потеклото и за несогласувањата на мајка ѝ со неговото семејство од Кипар.
Кате се обиде да го урне ѕидот на пустелијата, но не успеа и, на крај, се предаде. Замисли и основа антикомуна која се заснова врз отуѓеност. Дали тоа е иднината на Македонија? На светот? На сите нас? Тука е дистопијата – иднината, наспроти утопијата – минатото.
Книгата изгледа навидум недовршена, но само ако ја гледаме и читаме како драма. Ете го моментот на мојот погрешен пристап. Намерно е незаокужена, бидејќи врз тоа се гради целото дејство; отуѓеноста, немешањето во туѓите животи, затвореноста во себе, без емпатија, без чувства, секој да си гледа само за себе, без допири, себично, со јас како индивидуа над сите и над сè.
Пустелијата во Македонија? Да, пустелија сме, но за тоа сме виновни сите ние, нашата генерација, мојата и вашата, ние бевме и сме тие кои го доведоа ова парче земја во недојдија, во руина на сите полиња. Ние сме тие кои на децата не им оставивме ништо друго освен пустош и хаос. И згора на тоа, молчиме, исто како Никос.
Книга во книга, која тргнува од една тајна, се развива со сосема друга намера, за да поентира на крајот со препуштање на главниот лик, прифаќање и конечно разбирање на изразот „Човек да фати пустелија“. А таа пустелијата нè чека сите, ја носиме во себе и ќе ја посееме околу нас, децата да ни ја жнеат.
БЛАГОРОДНА ДИМОВСКА-БУЏАКОСКА
Не знам за вас, но додека ја читав книгата имав нагон за повраќање од „мајчинството“ на мајка Милка, а додатна нервоза од молкот на таткото и безизлезноста на децата.
Тоа е знак дека Лидија Димковска, со својата огнена енергија, напишала книга што вреди да се чита и да се анализира. Орвелскиот начин на пишување додатно ја подгрева и така напнатата и крајно деструктивна атмосфера.
Катерина е ќерка и наратор, која мечтае за дом во кој со мајка ѝ, татко ѝ и братот имаат нераскинливи и пријатни односи. Сепак, тоа е далеку од вистината. Нејзината мајка е невозможна жена; хранејќи го своето его, таа гази по гордоста на кроткиот маж, а за своите деца смета дека воопшто не требало да ги роди. Отишла на Кипар на двомесечна работа во хотел, таму го запознала Никос, во меѓувреме се случуваат воени немири и тој засекогаш ја напушта родната земја доаѓајќи со неа во Скопје. И толку!
Никос не смее да зборува за својата фамилија, единствениот негов отпор кон беспотребното зборување на жена му е изразен во неговото „Човек да фати пустелија“.
Никој не е среќен во домот, секој е затворен во својата пустелија; без можност да се пресели, ја гаси својата жед по себеси. Во таа пустелија се умира ако се живее и мисли за другите. Така отуѓени еден од друг, и кога сакаат да кажат нешто битно или да треснат на маса, не успеват. Не сакаат да го нарушуваат и без тоа кревкиот мир во фамилијата.
Катерина се обидува да го спои Никос со неговото семејство. Прави сè што е во нејзина моќ, оди дури и на Кипар, но нема храброст да му каже на татка си. Нели е грев со родениот татко да не можеш да споделиш толку битна работа? Но таа смета дека на човек можеш да му помогнеш само ако тој ти побара помош. И таа, како и Никос, одлучува да молчи во својата пустелија.
Тажна книга за отуѓеноста со најблиските и за триесетгодишната транзиција на Македонија, период на претурање од шупливо во празно.
Една од најубавите книги што сум ги прочитала оваа година.
СИЛВАНА ПАНЕВА