ТОМИСЛАВ ОСМАНЛИ КОН КНИГАТА „БИГОР ШАРПЛАНИНЕЦОТ“ ОД ФЕРИД МУХИЌ
„Шарпланинецот е кралот на канидите!... Шарпланинецот 'Бигор од Шар'
е кралот на шарпланинците, поправо, кралот на кралевите!“
Ф. Мухиќ, „Бигор од Шар“
Триесет и една година по првата книжевна обработка (прозната книга „Štit od zlata“/„Штит од злато“, 1991) авторот Ферид Мухиќ одново се навраќа на еден необичен, а исклучителен јунак: кон еден легендарен пес, кон прочуениот шарпланинец Бигор, еден блескав литературен лик и исклучителен кинолошки феномен за кој овој автор пишуваше во два расказа од својата знаменита прозна збирка.
Триесет и една година: барем толку долго трае книжевниот дел од фасцинацијата на филозофот, писател, есеист, теоретичар, истакнат кинолошки автор – од еден конкретен пес, од Бигор шарпланинецот. Зачнато во неговата рана младост, подолго и од половина столетие, од друга страна, трае неговото стручно интересирање за овој исклучителен кинолошки вид на кој му припаѓа и Бигор, благородна и воедно моќна раса овчарски кучиња со која се дарувани пастирските висови на Шар Планина. Нив авторот на ракописот „Бигор шарпланинецот“ ги познава како што други ги познаваат роднокраите, зашто таму е лоциран роднокрајот на неговата најголема кинолошка фасцинација, ендемскиот вид на шарпланинецот кој во меѓувреме се рашири по пасиштата и просторите на Бистра, Дешат, Јабланица, Галичица, Пелистер, Кожуф...
Никогаш доволен нема да биде бројот на текстовите и книгите за да се задоволи љубовта помеѓу човекот и песот; верниот, можеби најверниот жив створ. Тоа чувство, врзано за еден конкретен пес, за Бигор, шарпланинскиот шампион од селото Рестелица, блика од литературата на Мухиќ: „Секој што еднаш го видел, рекол дека таков шарпланинец никогаш не видел! Поубав и поскладен од најголемите и најкрупните; поголем и покрупен од најубавите и најскладните; поснажен од најбрзите; побрз од најснажните... кога ќе го слушнат неговиот громовит глас, на волците им се ежат крзната, а опашките им се виткаат меѓу нозе од уплав; кога оддалеку ќе го видат Бигор од Шар, мечките се завлекуваат во дувлата, а рисовите се кријат зад првиот камен или се качуваат на највисокото дрво!“, за потоа на следниот начин да ја открие и најголемата вредност на тој чудесен пес: „Бигор од Шар имаше очи какви што само еднаш се среќаваат, и поглед што не се заборава!“...
Сега, триесет и една година подоцна, Мухиќ – филозофот, полимат и воедно кинолошки автор со интернационални рекогниции – се навраќа на тоа моќно и милно куче чијашто појава во неговиот живот го доживува како најблагороден дар на судбината; и чествувајќи го Бигор, го гради својот hommage за целиот фасцинантен шарпланински вид. Длабоко нурнува Мухиќ во генетиката на фасцинантната раса, откривајќи ги корените на шарпланинското куче од неговите далечни предци, кои потекнуваат било од северните предели на Европа било од Централна Азија.
Книгата кон која се осврнуваме е насловена според името на легендарниот изворен шарпланинец, Бигор, песот од шарпланинското село Рестелица. Како кутре од три недели, авторот на оваа оригинална книга посветена на чудесната врска меѓу човекот и песот, го добил Бигор во картонска кутија за чевли од својот пријател Хамза Рестелички, личност опеана во локалните песни како пример на моралност, храброста и чесност. Во текот на осумте години, колку што траело, дружењето со Бигор прераснува во сага која потврдува дека непоматеното пријателство и непоколебливата верност на песот кон човекот ги надминува и највисоките дострели на овие доблести кај луѓето, секогаш поматени и со слабости и пороци. Оценката на големиот поет Бајрон, дека „...Песот е суштество кое ги поседува сите доблести на човекот, без неговите пороци“, ја добива својата целосна потврда во редовите и страниците посветени на единствениот пример, Бигор шарпланинецот. Така овој пес станува лик, но и повод за богати филозофски и антрополошки разгледи кои ги наведуваат, но едновремено и ги надминуваат тесните кинолошки поводи, возвишувајќи се во една богато доловена, етичка, калокагатиска фасцинација од безусловната, искрена љубов и најдлабоката врска што духовно спојува две живи битија во кои струи топлиот крвоток на пријателството. Зашто, наведува авторот, шарпланинецот е едно од најслободољубивите суштества; неговите автентични примероци немаат газда. „Тој може да биде пријател“ – смета Мухиќ – и тоа на оној кого тој ќе го одбере, а кон него исто така може да се воспостави пријателски однос – но само од оној на кого тој тоа му го дозволува.“
Така, во новата книга на акад. Ферид Мухиќ, покрај легендарниот Бигор, свое место наоѓаат уште осум најславни шарпланинци, кои авторот имал прилика, но „и чест“ (!) – како што вели – лично да ги запознае во текот на 65-те години што досега професорот Мухиќ ѝ ги посветил на оваа фасцинантна, изворна раса во нејзиниот автентичен хабитат.
Концепциски, книгата претставува еден вид студија за карактери, изложена низ синтезата на три наративни перспективи: 1. Како книжевно-уметничко сведоштво; 2. Како кинолошко-теренско документирано истражување; 3. Како филозофско промислување на сложената и повеќекратно оминозна релација на човекот и песот, која е всушност примордијален и најдолготраен однос на човекот со кое било суштество од друг вид. Фактографскиот материјал на книгата доминантно го сочинуваат непосредното лично искуство и разговорите со луѓето од планинските подрачја на Северозападна Македонија. Со оглед на релативно долгиот временски период што го опфаќа, во кој дојде до длабоки промени и во животот на тие луѓе, а со самото тоа и во животот на автохтониот изворен шарпланинец, книгата претставува и своевидна социо-културна студија.
Фактот што, наспроти колебливоста и крахот на моралните вредности до кои тие промени доведоа кај луѓето, карактерот и доблестите на изворниот шарпланинец останале адамантно цврсти и ненаразени, денес претставува своевидна морална лекција и инспирација, како за локалното население така и за сите луѓе од целиот свет.
Компетентноста на авторот не е само искуствена, туку и научна: професорот Ферид Мухиќ е автор на официјалниот стандард на шарпланинецот во САД, неговите стручни кинолошки прилози се објавувани во Италија, Германија, Франција; првата и досега единствена докторска дисертација за шарпланинците е одбранета во коменторство и со писмена благодарност од докторандот (Франција, Универзитетот во Лион) до нашиот академец и автор; како и фактот дека Ф. Мухиќ бил најмладиот судија-приправник за шарпланинци во СФР Југославија (како киногност, веќе со 17 години, во 1960) – конечно, дека пеш ги поминал сите села и сите бачила на Шар Планина, Кораб, Бистра и Стогово.
Писателот кој е и планинар, пасиониран кинолог, антрополог и филозоф и кој, згора на тоа, одбрал да пишува за темата со која живее од најраното детство до денес, има многу што вредно и интересно да соопшти и тој тоа брилијантно го прави во својата нова сјајна книга „Бигор шарпланинецот“.