„УМНА МОМИЧKА“ – ОСВРТ КОН РОМАНОТ „БЕЛА САМА“ ОД ВИОЛЕТА ТАНЧЕВА-ЗЛАТЕВА
Пишува: Пепи Стамков
УМНА МОМИЧКА
кон романот Бела Сама
од Виолета Танчева-Златева
„Ништо не се прави без љубов, Бела.
Без разлика дали е професионално или аматерски.
Запомни: ништо без љубов.“
Личната карта на јазикот е литературата, и обратно: личната карта на литературата е – јазикот. Македонскиот роман, сфатен како простор каде што се одвива (речиси) во детали македонската историја, или барем мал дел од неа, е личната карта на писателот. Таму стои сето она што го двои од другите: од датум на раѓање, националност, место на живеење и сл. Но има една работа којашто не е застапена во фактичката лична карта, а романот плени со таа особеност: ја нема душата. Романот е побогат во случајов, зашто ја содржи и душата на оној што го создал.
А душата наизуст ја знае својата сласт и страст, својот мир и својата болка. Душата не лаже: најдиректно (рас)кажува за она што ѝ годи, што ја мачи, што ѝ помага... Така ни се доближува и прозното чедо со наслов Бела Сама[1] од Виолета Танчева-Златева, молкума, прикрадувајќи ни се како ловец и, наместо да нè улови – нè прегрнува. Со таква прегратка каква што добиваме од најблиските, особено ако не сме ги виделе од поодамна.
1
Танчева-Златева се зафаќа со широка тематика: македонското семејство. За да биде работата попредизвикувачка, нејзиниот раскажувачки глас, позајмен од сите ликови, ги разработува проблемите (мнозина би рекле: секојдневните) што го издвојуваат македонското семејство од другите семејства на Балканот (па и пошироко). Овде ја гледаме онаа љубомора што поткопува подлабоко од обичната љубомора (ако љубомората воопшто може да биде обична или „необична“), но ја дишеме и љубовта, македонската љубов. Таква каква што се чувствува само во границите на земјата издигнати повисоко од егзосферата, и продираат кон недофатните небески тела. Нарацијата нè судира со пакосничките мисли, а нè соочува и со жртвите што сме ги дале како народ: „Дедо ми Стојан викаше дека Македонија има пролеано толку крв како курбан во туѓи војни што е доволно за сите нејзини темели“ (БС: 43).
2
Раскажувачкиот глас ги познава просторот и поднебјето каде што се случува заплетот. Водечки лик е Бела Самакоска, таа ни ја „отвора“ и ни ја „затвора“ вратата на приказната: „Имам чудно име. Повеќе личи на придавка отколку на сопствена именка. Двосложна придавка: Бе-ла. Мама еднаш ми рече дека во него имам по еден слог од бабите, за да бидат задоволени и двете страни. (...) Презимето ми е Самакоска. Сега, додека се навраќам на спомените, најмногу ме одредуваат неговите први два слога: Са-ма. Бела Сама“ (БС: 7).
Прологот ни го зачнува текот на настаните, или барем што да очекуваме во читањето. Нешто друго што треба да го знаеме за авторката на Бела Сама е дека таа е лекторка по македонски јазик. И Бела ни го „кажува“ тоа, со што сме подготвени за мек, жив македонски јазик, истребен од англицизми, непотреби интерционализми и какви било други -изми.
А прологот нè запознава и со уште еден проблем: самотијата. Проклетство содржано во еден збор, клетва која осудува на потрага по... потрага. Вечна потрага, барање, диогенисување, во случајов – потрага по топлина. Родителска топлина што зрачи и цврстина, и самодоверба, и заштита. Заштита од блиските и далечните, заштита од она што нашите стари го крстиле со зборовите „трн во око“, а му дале прекар „да му умре козата на комшијата“. Ти затреба ли уште нешто – во очите ти се појавува грбот на оние што треба да се тука и во арно и во лошо, па и во куќа градење. Тие ни во тоа не ги кандисал Господ, а ѓаволот ги боцка, па креваат рака на оние за кои ветиле едно судбинско „да“.
Да се потсетиме: Бела е родена во млада фамилија која живее во градот, во станот на Марија-Лена што ѝ останал од родителите, заедно со тетка ѝ, сестра на татко ѝ. Мајка ѝ на Бела во поголемиот дел од времето е невработена, врзуваат крај со крај од платата на татко ѝ, не сакајќи да ја подјадуваат месечната кирија од станот на тетка ѝ. Од друга страна, пак, сестрата на татко ѝ е бремена, ја раѓа Маја, и човек ќе си помисли: ајде, ќе порасне и двете ќе бидат друшки.
Наскоро се случува трагедија во семејството Самакоски. Остануваат двете, мајка и ќерка, да го крпат семејството. Двете се глави на семејството, од нивниот глас излегува аминот за сè во иднина. А Бела е присилена од животот да – учи. Да учи од мајка си колку што (и таа) знае и умее. Да го впива знаењето зашто токму тој живот што присилува, неретко и уценува, како смртен непријател, туѓа сила во домот. По неколку години пред очите на Бела се крши втората гранка од нејзиното стебло.
Каде и да се сврти, погледот ѝ кажува дека барем на одредено време ќе мора да замине од дома, кај тетка ѝ. Поточно, во куќата на тетин ѝ. Но, таму е студено, не ја слуша никој кога плаче, а штом пушти солза и глас, еве го и тетинот – ќе помислиш дека ќе ја утеши. А тој посуров и подалечен. Не му е мило што слуша детски плач, гневен е на солзите на Бела. Потклекнува пред тризабецот – помислува на инцест: „Ќе те дофатам некој ден, чекај само... ќе видиш...“ (БС: 159) Среќа, тетинот не успева во намерата. Останува празен во неговиот живот (ако може воопшто да го наречеме така), и заминува далеку, и од Бела, и од Маја. Подалеку и од себеси.
Бела на своја глава се враќа во својот дом. Домот што беше принудена да го напушти. Домот што ѝ стана замена за нејзините родители. Таа претура низ книгите на мајка си, повеќе барајќи трага од неа што би врежала подлабок спомен од оние што ги има додека мајка ѝ била жива. Оставината ја топли. Ѝ го покажува патот. Бела Сама расте...
3
Ликовите што ги запознаваме во делото на Танчева-Златева се комплексни. Некој би помислил дека е лесна работа да го објасниш поднебјето кое ти претставува дом. Токму во тоа лежи зајакот: да го објасниш она што не можеш. Она што си го чул од некој друг – веројатно филтрирано неколкупати пред да ја добие верзијата што ќе проискри и ќе поттикне писание, она што било дел од текот на животот на другиот (а можеби и на твојот живот). Она што топли, но и она што предизвикува болка.
Ако ги собереме ликовите кои се најчесто споменати во Бела Сама, ќе видиме дека не се многубројни. Забележуваме дека гласот на авторката го позајмуваат женските ликови, според кои се именувани и поглавјата. Отстрана гледано, би помислиле дека Танчева-Златева ги фаворизира женските ликови во однос на машките, и токму тогаш правиме лаички потег, заборавајќи на еден многу важен детаљ. Тоа е токму – домот на Бела. Топосот игра улога исто толку важна колку и ликот на мајката на Бела, па и мајката на Маја.
Според триесет и едната функција што Проп ги препознава во една сказна, смртта на мајката на хероината е една од нив. За пример, ќе ја посочиме Пепелашка: мајка ѝ умира, а Пепелашка оди на нејзиниот гроб. Мајката на Бела умира, и Бела се враќа дома, од куќата на тетин ѝ, и има потреба од работите на мајка ѝ (книгите и сл.). Улогата е иста, топосот е различен. Токму топосот ја презема улогата што ја имала мајката – го кали патот за своето чедо: „Бела (...) ти си умна момичка. Голема си веќе, и силна си, иста како мајка ти, Бог да ја прости... Ќе го поминеш ова, само ти треба малку време. И не мора да седиш во куќата на тој... тетинот, ако нејќеш... Некои работи човек треба сам да ги помине“ (БС: 133 – затемнетиот текст е наша забелешка).
Уште еден аспект којшто ја покажува (и докажува) умешноста на овој роман се народните обичаи и верувања. Танчева-Златева мајсторски ни ги претставува:
„Дете бев кога ние ги стававме темелите на нашата куќа ама паметам... заклавме овен и така ги осветивме, со крвта негова“ (БС: 43).
„ – За садењето јоргован – вели. – Демек, кога стеблото ќе му стане дебело колку вратот на тој што го насадил, ќе умре...“ (БС: 92)
Можеме слободно да кажеме дека народните обичаи се составен дел од животот на македонскиот народ. Тоа е дел од човекувањето на Македонците. Романот ги прикажува како дел од македонската ДНК, што, ако се размисли, не е уметничко преувеличување, ниту стилистичка постапка.
Бела Сама е македонски роман. Роман што стои рамо до рамо со Пиреј на Петре М. Андреевски. Роман што топли подеднакво како што топли мајчинската љубов, чиешто срце бие во ритамот на седум-осминскиот такт. А ние тоа го чувствуваме многу повеќе од кога било, зашто сме доведени во ситуации кога таква топлина ни е потребна за да преживееме. И да го истераме животот, со крстот на чело.
Таква ни била судбината.
Користена литература
Танчева-Златева, Виолета (2023). Бела Сама. Скопје: Три.
[1] При цитирање извадоци, ќе се користи кратенката БС.