МАГИСКИ ПРИКАЗ НА ДЕТСТВО ЗА ВОЗРАСНИ – „НАЈУБАВОТО МЕСТО НА СВЕТОТ Е ТУКА“

МАГИСКИ ПРИКАЗ НА ДЕТСТВО ЗА ВОЗРАСНИ – „НАЈУБАВОТО МЕСТО НА СВЕТОТ Е ТУКА“
Се чита за ден, а нејзиното дејство е продолжено, трае доживотно. Книга што ќе посакате да ја вкусите со секое сетило. Генерално чистење на менталните јазли, духовно проветрување, будење на осетите, зазорување на нов мисловен хоризонт по чие изгрејсонце ништо нема да биде исто.

Пастелни заднини. Бонбони обвиткани во целофан и макаронси расфрлени низ воздухот како конфети, облачиња од шеќерна волна, звучни вртелешки, веселите и топли тонови на симфониите на Вивалди – тие се асоцијациите на егзотика претопена во сетилна манифестација, естетика во стихови. Практично применета психологија: амблемирани енграми на тајно поткопаните канали и тунели на спомен и совест. И еден најмал заеднички содржател на горенаведеното: неповторливиот Франсеск Миралјес.

Се топев како стапче цимет во врело, пенесто капучино. Од сѐ досега прочитано, книгава ми е најдрага, се вшприца длабоко во мојата крвна плазма како тајно чувана состојка на бајадера. Омилена, потпишувам! Толку широко ги отвора перспективите и ноздрите што се намалува диоптријата, се навлекуваат розовите очила, се чувствува мирисот на ванила и цветен омекнувач кој се шири од чаршафите послани врз дрвените масички.

Олфакторно топење на сетилата. Предизвикав емоции на пудрести мириси и нежна платнена сценографија со премаз од акварел? Така јас го доживеав летувањето во земјата на безгрижноста.

Ежење. Морници. Муртење. Насмевки. Милкшејк од разиграни перцепции, вкусна витаминска инјекција од зборови и стилски украси. 

Лесна и хранлива како боза, екстракт на благи, меки емоции, задолжителна како израелски воен рок. Ако сакате да ги разбудите сетилата, пеперутките и целиот инсектариум во стомакот раскрилен дури до разумот, пивнете голтка од волшепството на Миралјес, од неговиот магиски приказ на детство за возрасни. 

Ова е мојот поим за книжевна пролет. Секој збор расцутува ко пупка на гранка, јавува и алергиски реакции проследени со солзење по последната свртена страница. Срцеугодно дејство што ни во најлош кошмар не посакувате да заврши.

Мирајлес уште еднаш се обидува да предизвика колективна хистерија кај читателите. „Најубавото место на светот е тука“ е екстаза за човекоудобноста, за кожата низ која се поти и осознава, отворен споменар испишан со слаткоречива магија чиј клуч го голтнал дуетот книжевни примариуси. Алхемиска потрага по одговори на исконските гатанки, на најмасовното искушение, човечкиот ум.

Колкупати не сме ја препознале среќата одминувајќи ја со помислата дека е странец, дека не го зборуваме нејзиниот сленг. Овој ксенофобичен афект е, всушност, нашата стаклена платформа. Качени на неа, често се поистоветуваме со димензии скроени според големината на Бог. Одеднаш сфаќаме дека сме го држеле двогледот обратно, поточно, со спуштени капаци. Стравот е кочницата да го доживееме врвот и максимумот, да возиме низ стрмнина со секое ткиво пуштено во лер. Тој страв ни ја ограничува безгрижноста и го намалува капацитетот на суперлативниот век што секој е предодреден да го живее, а го скратува и онеспособува поради грижите и браниците од патарините на кои сами себеси си наплаќаме со скуден животен квалитет. Живееме во постојано кочење. Во оваа дефиниција, повеќе или помалку, би ја сместиле и Ирис, робинка на наглата инхибиција, со кревка волја растресена како пудинг штотуку претурен во чиниче.

Во денот кога е решена да стави крај на апатијата, Ирис заталкува до сокакот на тајните и откровението, oткрива мистериозно кафуле, навидум сопственост на спокојството и багателата за патешествие на сомлените зрнца од филџанот. Сама е и осамена, живее незабележливо и повлечена во оклопот на сопствената провокација. Во неа се јавува синдромот на Буриданово магаре, жеднее а се инаети, и таа нетипична амбивалентност ќе се покаже како добитно чкорче.

Детски и наивно се предава на чудните случки во кафулето, за првпат не земајќи го животот здраво за готово. Полека се ослободува од својата тврда черупка, соголена пред себеси со својата мекотелна маса на жена што копнее за успех и љубов, откако ги спознала падот и самотијата.

Го запознава Лука, кој е и нејзината единствена жива врска со земскиот свет. Таа дотогаш постои умртвена, поделена како младо стебло погодено од гром, погодена од трагедијата на родителите, од сопствената немоќ да се избори со предизвиците додржувајќи ја круната на теме.

Шесте маси ги кријат клучевите за нејзината катарза: соочувањето, емпатијата, искупувањето, простувањето, творењето и разделбата.

Сведоци сме на духовното растење на Ирис, го прославуваме денот како година во стрелките кои дваесет и два пати во едно деноноќие од под снежен кожурок.

Дотогаш препуштена на апатијата, нешто во неа се разденува, срцето ѝ е огреано од муграта на повторното создавање, отчукува летаргично механизмот на хронично заспаниот часовник. И додека животот се вкалапува во пластичната саксија, раскопан како земја подготвена да биде посадена, Лука на седмиот ден исчезнува. Со неговото исчезнување исчезнува и кафулето, мистериозната кибритна кутија во која се чувствуваше прифатено и удобно, безбедно нагрната од невидливата ангелска сила. Одненадеж нејзиното библиско воскреснување доживува стрмоглав пад. Повторно е ошумоглавена, со прашања кои чекаат одговор. Но случувањата со митолошки елементи на реалност не ја оставаат да се врати на стариот трон на меланхолијата, да се закопа во асфалтот за да венее ден по ден. Со зацврстена волја, таа е решена да ги истурка старите запрашени витрини, да ги скине тешките завеси и да зачекори спроти ветрот, кој одземајќи ѝ го здивот, ја прави жива.

Дали љубовта е трансплантант, паранормална стигма што со еден заборавен здив, со омалаксан биеж, ги оживува изумрените ткива на духот? Ќе ја пронајде ли Ирис за’ртената детелина кога за рака ја држи среќата? Дали вистината за Лука ќе биде нејзината сопка, фаталниот прекршок по апстиненцијата од меланхолијата и апатијата?

Флуидното дејство протекува низ каскади од експресно кратки поглавја, кои пак се штосни и шарени како гумирани шнолички накитени со пулејки.

Миралјес се обидува да ги одгатне нашите дилеми преку спокојот и хармонијата, трпеливоста и леснотијата на раскажувањето, што во делото владеат идентично како добри желби во новогодишна честитка.

Магична и кршлива колку и снежна топка, го претставува дуализмот за хаосот и редот: протресена заснежува, во мирување ги камуфлира снежните партали на дното во светкав тепих. Мека и комфорна како памук. Растеглива. Воздушна. Путереста. Пудреста. Плоден полигон за карамбол компарации. Зборови како мармалад се мачкаат по мозочните бразди, кристализираниот шеќер крцка до центрите за долгорочна меморија. Се чита за ден, а нејзиното дејство е продолжено, трае доживотно. Книга што ќе посакате да ја вкусите со секое сетило. 

Генерално чистење на менталните јазли, духовно проветрување, будење на осетите, зазорување на нов мисловен хоризонт по чие изгрејсонце ништо нема да биде исто. Некои осознаени вистини засекогаш ве менуваат како личности. Ви ја поттикнуваат мечтата за напредување, за наоѓање на најдобрата верзија од себеси, која треба да се роди во вистинскиот миг на кратковидата бесконечност. Во сегашноста – единственото глаголско време што умира пред точката.

Уметноста на несовршенството е уште едно скалило до космогениот прозорец кое Ирис треба да го совлада до беспрекорно чистиот воздух. Случајностите се погрешно пресметаниот вишок во равенката кога извршуваме операција обратна од побараната. Собираме наместо да одземаме.

Тагата е илузија предизвикана од човек што претерано ужива во балансирана среќа, скршнува кон ќор-сокак, со мазохистички скок сакајќи да го почувствува пулсот, кршењето... Се крши ли, впрочем, пластичниот спроводник на себеспознанието?

Парадоксално, среќата е лесна како хаику, без ритам и посебни предзнаења, флегматични Морзеови кодови, им се случува на тие кои силно посакуваат, после седумнаесет истуткани ливчиња во обиди и четири скршени црнки. Ништо на светов не доаѓа без влог, и сонцето се бори со ноќта, и пролетта ја смалува зимата. Минатото нема поразлутена гримаса од таа на неостварените шанси. Не се остава ништо за подоцна, зашто и времето како и придавките се градира кон посилен степен, и тенденциозно ќе стане предоцна.

И за крај: што е светот ако не кошница која за плодовите претставува погребна поворка, за новороденчето легло, а за возрасниот прирачна приколка во која ги собира разочарувањата и желбите, кои предолго чувани внатре се врзуваат во едно?

Книгата „Најубавото место на светот е тука“ е ретроградно светилиште. Се навраќаш и создаваш спомени како да си бил марамата на Ирис врзана околу вратот. На масата обложена со мирисите на топло чоколадо и слепа верба. Чекајќи го Лука, модерниот сурогат на Годо...

Јована Матевска Атанасова


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново